Заднината на случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска, која исчезна пред 7 дена, а вчера беше пронајдена мртва, била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Во координација и водство на Јавното Обвинителство, во текот на изминатата ноќ беа пронајдени телата на двете лица. Завршницата не беше како што сакавме, да ги пронајдеме живи. Телата беа закопани, едното во околината на Скопје, другото во околината на Велес. По преземените мерки на полицијата собрани се материјални докази. Приведени се петтмина, три лица се во притвор, приведен е и таткото на Вања, а едно лице е во бегство. Мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор со член на семејството го организирал кривичното дело за да се изнудат пари од мајката. Таткото споделил информација за денот и времето на излегување на неговата ќерка од дома. Околу 10 часот (истиот ден) со пиштол било извршено убиството на Вања, а потоа запалено возилото со кое таа била грабната“, изјави Спасовски на денешната прес-конференција во Јавното обвинителство.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Осомничениот за убиството, според Спасовски, избегал во Бугарија.
„Првоосомничениот пребегнал во Белград на 30-ти ноември, со возило на неговиот адвокат, од каде заминал за Бугарија, Ќе направиме се за да го фатиме тој монструм“, рече Спасовски.
Вчера беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот П.Ж. од Велес, но, според министерот, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.
14-годишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено вчера во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
Видете и ова: Вања Ѓорчевска пронајдена мртва во околината на СкопјеБубевски: Имаме признание
Од тројцата од петмина инволвирани во кривичното дело имаме признание за целиот ангажман и кој какви дејствија презел и кој за што бил задолжен, изјави денеска на истата прес-конференција шефот на Скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски.
Според него, Вања била убиена во паника, а осомничените решиле парите да ги бараат подоцна.
„Нивните укажувања зборуваат дека имале некаква паника заради тоа што јавноста била целосно ангажирана во побарувањето на детето. Едниот од нив решил во тој момент дека парите ќе ги бараат подоцна и решава во тој момент да ја ликвидира. Се уште ги немаме прибрано сите информации, и за нас е малку нејасно кога мотивите се од користољубива природа, во истиот момент да лишиш некого од живот. Времето на лишување од живот е според осомничените, а конечните детали се очекуваат од обдукцијата“, рече Бубевски.
„Ќе биде издадена и меѓународна потерница за лицето кое не е во државата. Мотивот е користољубие, но при грабнувањето, веќе е чисто убиство и се казнува најстрого според Кривичниот законик“, рече Бубевски.
Според министерот Спасовски, случајот со Вања се смета за изолиран случај на организирана банда која сакала да има корист за себе.
На прес-конференцијата беше појаснето дека „не сакале роднините на жртвите преку медиумите да дознаат за смртта на своите блиски и затоа прво нив ги известиле, а потоа и јавноста.
Видете и ова: „Најди ме“ стартува на 18 декември-ќе помогне ли во потрагите по исчезнати деца?Тројца осомничени во притвор
Кривичниот суд Скопје претходно определи притвор од 48 часа за три лица (В.М., В.К. и Б.В.) од осомничените за убиството на Вања и на П.Ж. од Велес. Оттаму денеска (4 декември) информираат дека трите лица биле спроведени рано утринава во судот и дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството за притворот.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Оснвното јавно обвинителство, за определување мерка краткотраен притвор, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, против три лица кои рано утрово беа спроведени во судот, донесе решнија со кои го прифати предлогот и на трите лица им определи мерка притвор од 48 часа, а заради постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повтори односно изврши ново кривично дело“, соопшти Кривичниот суд во Скопје.
Видете и ова: Кривичен определи 48 часовен притвор за тројца осомничени за убиството на ВањаСе бара одговорност од Спасовски
„Бруталното и грозоморно убиство на 14-годишната Вања е пораз за цела држава. Тоа се случи и поради нефункционирањето на системот, неспособноста на институциите и отсуството на одговорност“, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која побара министерот Оливер Спасовски да одговори „Кога истрагата дознала за извршителите и дали Спасовски и началниците во МВР криеле заради самитот на ОБСЕ?“.
Министерот Спасовски денеска ги отфрли обвинувањата дека случајот се криел поради Самитот на ОБСЕ во Скопје.
Веќе седум дена, а особено од синоќа, на социјалните мрежи јавноста бара одговорност од МВР за истрагата. Се изнесуваат сомнежи дека „се криело убиството и Спасовски да си поднесе оставка“, но и разни верзии како и зошто било извршено убиството. МВР и Обвинителството постојано апелираа да не се шират шпекулации и дека заради нивно ширење ќе има санкции.