Унгарските пари кај фирмите до крајот на неделата – што досега е познато?

Илустрација.

Сè уште не е комплетиран списокот на банки кои ќе ги даваат кредитите со парите од унгарскиот заем. Власта очекува дека во наредните денови 250-те милиони евра ќе бидат достапни за фирмите. Компаниите сами ќе си покриваат камата од 1,95%, додека каматата од 3,25 отсто што треба да се плати на Унгарија, ќе ја покрива државата. Условите за кредитирање досега не се прецизирани.

„Компаниите да подготват добри, издржани проекти, добар бизнис план. Сето ова претставува навистина атрактивно“.

Ваков повик денеска (25 ноември) упати премиерот Христијан Мицкоски кон фирмите кои планираат да аплицираат за кредит кој ќе им биде исплатен од парите што државата ги зема како заем од Унгарија.

Унгарскиот кредит е во вкупен износ од 500 милиони евра – половина од нив ќе го добијат општините за проекти, а останатите 250 милиони власта одлучи да завршат кај фирмите.

Освен најавите дека деновиве ќе се финализираат подготовките, нема конкретен датум од кога фирмите може и официјално да аплицираат со проекти и да ги добијат парите на сметка. Владата очекува тоа да се случи до крајот на неделава.

„Владата очекува најголем дел од банките да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем до крајот на оваа недела, по финализирање на постапката, средствата да бидат достапни на стопанството“, велат од Владата за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видете и ова: Преговорите со банките заглавија кај каматата за унгарскиот кредит

Кои фирми и за што ќе може да аплицираат?

Официјално, на хартија, критериумите кои фирми ќе може да земат кредит од унгарските пари не се објавени. Она што е познато во јавноста, генерално доаѓа од изјавите на претставници на власта.

Така, според денешните изјави на премиерот Мицкоски, секоја фирма ќе може да аплицира без разлика дали е микро, мала, средна или голема.

Ќе може да аплицираат фирми кои ќе „инвестираат во средства за работа“, што дел од економистите го толкуваат како, на пример, купување механизација, но и оние кои ќе решат да инвестираат во обновливи извори на енергија.

„Исто така и оние кои ќе инвестираат во административни простории за сопствени потреби. Не да ги инвестираат, па да ги препродаваат туку за сопствени канцелариски, административни простории, во склоп на производниот погон и слично“, изјави Мицкоски.

Токму делот околу немањето јасна слика за критериумите досега предизвика најголеми дилеми во јавноста и меѓу економистите.

Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ за РСЕ посочи дека од тоа кој и за што ќе се трошат парите ќе зависи и самиот ефект од заемот од Унгарија.

„Во моментот во дискусијата недостасува дообјаснување каква ќе биде намената, кој ќе биде таргет на компании, може да дискутираме и за тоа дали ќе имаме таргетирани одредени региони, со цел да поттикнеме нивен развој, дали тоа значи нова инвестиција во технологија или нова инвестиција во нова градежна активност, така што сето тоа се аспекти кои во голема мера може да влијае каков ќе биде ефектот од земените кредити и во која дадените кредити ќе дадат понатаму импулс врз вкупната економија, и врз извозот и врз инвестицискиот циклус“, рече Петрески за РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Петрески - Јавниот долг ќе достигне над 70 отсто

Една фирма ќе може да добие до 8 милиони евра – кој ќе ја плаќа каматата?

Она што е јасно е дека преку унгарскиот заем ќе се финансираат проекти до 10 милиони евра. Условот што го договорија Владата и банките е компаниите да имаат најмалку 20 отсто учество во проектот.

Што значи дека ако една фирма има проект од 10 милиони евра, самата треба веќе да има 2 милиони, а како кредит да земе најмногу 8 милиони евра.

Каматата што ќе ја плаќаат компаниите ќе биде 1,95 проценти, ќе имаат грејс период од три години, а рок на отплата до 15 години. Каматата ќе биде фиксна без разлика на периодот на отплата и ќе изнесува, на пример, ако кредитот е 8 милиони евра тогаш ќе биде 160 илјади.

Она што дел од бизнис секторот го истакнува како важно е што рокот на отплата ќе биде до 15 години што значи дека ќе може да биде и на помал период што, како што брифираат финансиски експерти,е важно бидејќи на пример во случај да се набавува механизација не би било исплатливо таа да се отплаќа 15 години, а таа да изгуби на вредност за седум или осум години.

И Мицкоски денеска посочи дека ова е една од поважните промени бидејќи имало компании кои сакале пократок рок на отплата.

Видете и ова: Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договорот

Развојната банка чека насоки од Владата

Парите наменети за компаниите, владата ќе ги префрла на државната Развојна банка, а преку неа тие ќе се распоредат кај комерцијалните банки кои во форма на кредити ќе им ги даваат на фирмите. Каматата од 1,95 проценти ќе си плаќаат фирмите на комерцијалните банки за ризикот што тие го преземаат.

Меѓутоа, засега не сите банки се согласиле да учествуваат во овој проект.

Зошто дел од банките досега не се согласиле, прашавме и во Македонската банкарска асоцијација, но до моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор.

Петрески од Фајнанс тинк посочува дека сè уште недостигаат информации и детали, но логиката е дека дали ќе се согласат или не зависи и од самото портфолио на банките. Како што вели, некои се повеќе подготвени на ризик, други не се и сметаат дека камата од 1,95 проценти нема да го покрие ризикот што го преземаат.

Развојната банка, пак, преку која ќе се префрлаат парите чека насоки од Владата.

„Со оглед на тоа дека се работи за спроведување на проект/програма на Владата, критериумите за реализација на кредитните линии, како и досега, се уредуваат по насока на Владата, односно Министерството за финансии. Во зависност од финалната координација на Владата и банкарскиот сектор за реализација на унгарскиот кредит, Развојната банка ќе постапи согласно во склоп на своите надлежности“, велат од Развојната банка за РСЕ.

Оттаму потенцираат дека имаат капацитет за кредитирање преку деловните банки додавајќи дека на ваков начин досега се пласирани преку 700 милиони евра.

Видете и ова: Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Државата ќе ја плаќа каматата на Унгарија од 3,25 проценти

Каматата од 1,95 проценти што ја договорија Владата и дел од банките за кредитите за компаниите е само помалиот дел што треба да се плати.

За целиот кредит од 500 милиони евра (250 за општините, 250 за компаниите) на Унгарија ќе треба да се плати камата од 3,25 проценти. Тој дел ќе го плаќа државата и според договорот заемот кон Будимпешта треба да се врати во рок 15 години со вклучени три години грејс период. Сепак, дел од економистите сметаат дека овој дел не е спорен со оглед дека компаниите и досега биле корисници на државна помош, како што на пример беа субвенциите за минималната плата.

Кредитот, според законот кој беше донесен и во Собранието, ќе се исплаќа на рати два пати годишно. Едната полугодишна рата на 15 февруари, а другата на 15 август.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Орбан: Заемот за Северна Македонија не се кинески, туку европски пари

Доколку се направат едноставни пресметки според достапните податоци, ова би значело дека во грејс периодот во првите три години, државата на унгарската Експорт-импорт банка би требало да плати само за камати речиси 49 милиони евра. Во вкупниот период од 15 години на отплата, пак, вкупната камата што би ја платила државата, неофицијално, би била нешто помалку 157 милиони евра. Но прецизни пресметки допрва ќе се прават.

Овој кредит,премиерот Христијан Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава.

Опозицијата, пак, од самиот старт критикуваше дека власта дека нема јасни критериуми за тоа како ќе се распределат позајмените пари, ниту јасно утврден систем за контрола за трошењето на парите, но и прашуваше која ќе биде политичката цена што ќе ја плати државата.

За овој заем, пратениците во Собранието на 17 септември изгласаа и посебен закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка.