„Наместо кружен тек, Република Северна Македонија да стане крстосница на Балканот“. Ова е визијата на премиерот Димитар Ковачевски кој промовирајќи го стартот на изградбата на Коридор 8 и Коридор 10 – Д на 4 април се пофали дека оваа Влада во патната инфраструктура вложува многу.
Но, на терен работите не се „розови“ особено по главната артерија по која се транзитира низ земјава, и се поврзуваат европските земји со Грција, а тоа е автопатот кој пред неколку години го промени своето име од „Александар Велики“ во „Пријателство“.
Два проекти на Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитација односно поправка на коловозот го отежнуваат транзитот на и онака оштетените делови од автопатот Е – 75. Токму Грција која излегува на две мориња е една од најпосакуваните туристички дестинации за граѓаните на европските земји па и од Србија, а фрекфенцијата на возила во лето е зголемена.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На две точки, Петровец – Катланово и Неготино - Демир Капија во моментов или се вози во две насоки или пак возилата се пренасочуваат по стар пат бидејќи траат градежни работи за рехабилитација на коловозот. Јавното претпријатие за државни патишта е инвеститор, а од таму одлуката да се поправаат токму овие делови ја правдаа со тоа дека токму таму коловозот бил многу оштетен. Но, за професорот од Техничкиот факултет во Битола Стоимко Златковски кој предава неколку предмети од сообраќајот е зачудувачки што на пример делницата Катланово – Петровец која е вкупно 10 километри во две насоки, се реконструира веќе неколку години.
„Како може она кај Петровец да се прави со години, а да не се внимава строго на временскиот период во кој се работи. Многу е лоша сликата која се остава, се чудат луѓето дали е можно во 21 век, транзитна земја која ја поврзува Европа со Грција, а знаеме Грција колку е туристички развиена, да дозволиме да се вози по полузатворени патишта, кои наликуваат на оние од пред половина век“, вели професорот Стоимко Златковски од Техничкиот факултет во Битола.
Видете и ова: Трнлив пат до автопатПроектот за рехабилитација на двата правци од Петровец кон Катланово и обратно беше промовиран септември во 2020 година. На крајот од 2022 година, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски констатираше дека биле изведени само 10 проценти од договорот кој го имале со фирмата „Бетон“, па за тоа го раскинале. По ова беше распишан нов тендер и работите ги доби нов изведувач кој во април годинава започна со работа на патот. Но, поинтензивна изградба со поголем број багери и работници може да се забележи од пред околу еден месец односно токму пред стартот на туристичката сезона.
Поправките кај Неготино ќе завршат дури догодина
Демир Капија – Неготино е втората точка каде ЈПДП инвестира во „модерен“ коловоз па обновата на 15 километри пат почна пред стартот на летото. На 5 јуни, на промоцијата на проектот кој ќе ја чини земјава 9 милиони евра, директорот на претпријатието за патишта Ејуп Рустеми најави дека сепак следната туристичка сезона би требало да се вози по автопат во двете насоки бидејќи очекува работите да завршат до април следната година. Сега возилата кои сообраќаат од Гевгелија кон Скопје, кај Демир Капија се пренасочуваат по стариот пат се до Неготино.
„Ќе се рехабилитира коловозот во двата правци и очекуваме догодина туристичката сезона да ја дочекаме со рехабилитиран и побезбеден автопат бидејќи токму за овој дел од делницата имавме и реакции од граѓаните“, рече Рустеми (5 јуни 2023) на промоцијата на проектот.
Ваквиот начин на пренасочување на возилата го отвора прашањето и за безбедноста на сообраќајот. Од Министерството за внатрешни работи велат дека генералната оценка за безбедноста на деловите каде има поправки е „поволна“. Дополнително министерството распоредило повеќе припадници на сообраќајна полиција во овие делови.
„Треба да се има предвид дека зајакнатото полициски присуство и на други полициски служби како што е граничната полиција на патниот правец Демир Капија-Неготино, позитивно влијае врз почитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на возачите, така што во изминатиот период не се бележат негативни статистички трендови по однос на безбедноста и сигурноста на сообраќајот на предметните делници, се вели во одговорот испратен до Радио Слободна Европа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според изјавите на директорот на ЈПДП, Рустеми градежните работи кај Неготино ги изведува фирмата Ескватори, додека изведувач на работите кај Петровец турската компанија Макимсан. Ако оваа компанија го испочитува рокот тогаш до крајот на годинава би се возело по автопат. Во меѓувреме наплата на патарини има на сите наплатни рампи па за околу 150 километри пат од Скопје до Гевгелија во еден правец, ќе дадете 360 денари во буџетот на ЈПДП. Од претпријатието пак не успеавме да добиеме одговори, на повеќе прашања меѓу кои и како ја оценуваат состојбата на целата делница, но и зошто токму во овој најфрекфентен период, патиштата се блокираат.
Поправката на автопатот „се заканува“ дека ќе урне рекорди за бавност
Уште пред десет години медиумите во Босна и Херцеговина оценија дека најбавно изградена делница во регионот, но можеби и во Европа е онаа на обиколницата околу Сараево. Таму во просек беше изграден помалку од еден километар автопат годишно. Ако се пресмета колку време до сега се рехабилитира Петровец – Катланово во должина од 5 километри а започна во 2020, тогаш овој проект е сериозна закана за да стане нов рекорд и тоа не во изградба туку во поправка. За експертите решението како да се избегне рехабилитацијата која трае до „недоглед“ е во договорите меѓу инвеститорот и изведувачот. За професорот Златковски е многу битно да се прецизира темпото на работа, почитувањето на роковите и работа во три смени.
Видете и ова: Три години се градат два километри автопат кон Косово„Во спротивно мора да има строги санкции, со казни, со прекинување на понатамошна соработка и неможност да се учествува на следни тендери, но и со надополнување на сите идни трошоци ако изведувачот не ги испочитувал роковите кои му биле пропишани. Не смее да се дозволи да има задоцнување“, вели Златковски.
Според новиот договор со фирмата изведувач таа има обврска градежните работи на патот Петовец -Катланово да ги заврши до крајот на годината, па ако се земе пред вид и времето потрошено со претходниот изведувач излегува дека за реконструкција на пат од околу 10 километри (по пет во двата правци) и изградба на плус една лента во едниот правец, ќе бидат потребни вкупно три години и три месеци, а за ова државата ќе плати 6,3 милиони евра.