Трамп: Обнова на Америка и револуција на здравиот разум

Денот на неговата инаугурација, 20 јануари 2025 година, новиот американски претседател Доналд Трамп го нарече „ден на ослободување“. Првите извршни наредби на Трамп се прогласување на вонредна состојба на јужната граница со Мексико и зголемување на американското производство на енергенси.

„Златната доба на Америка почнува сега“, изјави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по свечената заклетва со која ја презеде функцијата од дотогашниот претседател Џо Бајден. Трамп се заколна пред Библијата дека ќе го брани и ќе му служи на американскиот Устав.

Со оваа заклетва 78 годишниот Трамп стана 47-миот претседател на САД.

„Многу едноставно ќе ја ставам Америка на прво место. Се враќам на претседателството уверен и оптимист дека сме на почетокот на возбудливата нова ера на национален успех. Плима на промени ја зафаќа земјата. Мојот главен приоритет ќе биде Америка да стане поголема, посилна и и поисклучителна од кога и да е претходно“, изјави Трамп по положувањето на заклетвата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: Сакам да бидам миротворец и обединител

Тој во својот говор посочи дека додека зборува, неговата администрација веќе работи, на како што вели “поправка на системот кој го остави претходната администрација“. Според него, досегашната американска администрација се соочувала со „криза на доверба“, па тој во своето инаугуративно обраќање најави враќање на американскиот суверенитет.

„Нашата безбедност ќе биде вратена. Вагата на правдата ќе биде ребалансирана“, рече Трамп.

Видете и ова: Странски лидери, технолошки милијардери, познати личности: Кој сè ќе биде на инаугурацијата на Трамп?

Трамп во својот говор ги соопшти своите први извршни наредби. Извршните наредби се првиот чекор во она што Трамп го нарекува „целосна обнова на Америка и револуција на здравиот разум“.

Првите одлуки на Трамп - „Национална вонредна состојба на американската јужна граница“

„Прво, ќе прогласам национална вонредна состојба на нашата јужна граница“, рече Трамп, што доведе до овации и аплаузи од просторијата на Капитол.

Тој планира да стави крај на политиката на неговиот претходник Бајден „ фати и ослободи “ за мигрантите, потоа се враќа во игра планот за изградба на ѕид, ставање крај на одобренија за азил на нелегалните преминувачи на американската граница и сузбување на како што се вели во сооштението од Белата куќа, криминалните засолништа на мигрантите.

Според Трамп, досегашната администрација неограничено финасирала одбрана на странски граници, но одбивала да ги брани американските граници, и најави дека ова ќе биде главниот приоритет на неговата администрација. Тој додаде дека ќе ја распореди војската на границата за да го запре приливот на мигранти.

Инфографика - Инаугурацијата на Доналд Трамп нив несекојдневни бројки


Извршните наредби се писмени наредби издадени од претседателот до федералната влада за кои не е потребно одобрение од Конгресот.

Дополнително соопшти дека дека Соединетите Држави ќе полагаат право на Панамскиот канал.

„Го дадовме на Панама и го враќаме назад“, рече Трамп.

Економски одлуки - „Национална енергетска криза“

Од економските мерки, најави намалување на, како што вели, рекордната инфлација и враќање на производството на американско тло. Во својот говор посочи дека една од првите работи што ќе ги направи како американски претседател ќе биде „ремонт на американскиот трговски систем со цел заштита на американските работници и нивните семејства.

„Наместо да ги оданочуваме нашите граѓани за да ги збогатиме другите земји, ние ќе ги тарифираме и оданочуваме странските земји за да ги збогатиме нашите граѓани“, изјави Трамп.

Видете и ова: Честитки од Путин за инаугурацијата на Трамп

Истакнувајќи ја економската моќ на САД, Трамп посочи дека гледа во „растечка нација “ која ја проширува својата територија, додавајќи дека ќе биде поставено и првото американско знаме на Марс.

Трамп најави и прогласување на енергетска криза по што ќе следува и зајакнување на американското производство на нафта и гас и намалување на трошоците за енергенсите за американските потрошувачи. Трамп најави дека ќе ги искористи сите потребни ресурси за изградба на критична инфраструктура за зголемување на производството на енергенси.

Претседателот Трамп ќе се повлече од Парискиот климатски договор. Меѓу извршните наредби кои ги соопшти Трамп е и таа со која во САД ќе бидат признаени само два пола, машки и женски пол.

Трамп во својот говор зборуваше и за обидот за атентат кон него во Пенсилванија за време на предизборната кампања и за обидите на, како што вели, претходната власт, да му ја одземат слободата.

Видете и ова: Големи очекувања на македонската влада од Tрамп


Транзицискиот тим на Трамп побарал од повеќе од десетина високи дипломати од кариера да се повлечат од своите функции, вклучувајќи го и Џон Бас, кој беше вршител на должноста потсекретар за политички прашања, кој ја надгледуваше политиката од Азија до Европа и Блискиот Исток, објави новинската агенција Ројтерс.

На студен ден во Вашингтон, кој Трамп го прогласи за „ Ден на ослободување“, го започна својот втор мандат.

Неговата заклетва беше проследена со силен аплауз и овации од многубројната публика во зградата на Капитол.

На инаугурацијата присуствуваа и американските поранешни претседатели Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама. Тие беа придружувани од поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и поранешната прва дама Лора Буш. Меѓу нив е и досегашните претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис. Инаугурацијата имаше и неколку моменти кои беа различни од претходните, церемонијата беше во затворена просторија, имаше ВИП гости, рекордни донации, гости- милијардери.

Бајден превентивно помилува членови од своето семејство неколку часа пред инаугурацијата на Трамп

На само неколку моменти пред да ја напушти функцијата, претседателот Џо Бајден издаде превентивно помилување за истакнатите критичари на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и членовите на неговото семејство, користејќи го извонредното извршно право како штит против одмаздата на неговиот иден наследник.

Видете и ова: Бајден предупреди на опасностите од „олигархијата“ во САД

Помилување за генералот Марк Мили, Ентони Фаучи и членовите на Конгресот кои служеа во комисијата што го истражуваше нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, беа објавени рано наутро во понеделникот.

Неколку минути пред Трамп да биде инаугуриран како 47-ми претседател на нацијата, Бајден исто така издаде помилување за членовите на неговото семејство.

Тој дополнително донесе одлука со која му ја ублажи доживотната казна на активистот Леонард Пелтиер, кој беше осуден за убиствата на двајца агенти на ФБИ во 1975 година.

Втор мандат на Трамп

Првиот беше од 2017 до 2021. Во 2021 Трамп ги изгуби изборите од Бајден и не присуствуваше на неговата инаугурација. Со тоа стана првиот американски претседател во последните 150 години што ја прескокнал инаугурацијата на неговиот наследник.

Инаугурацијата на американски претседател историски симболизира мирен трансфер на власта.