Додека пристигнуваа честитки од лидерите ширум светот кога стана јасно дека Доналд Трамп го освои претседателскиот мандат во Соединетите Држави по втор пат, немаше никаков знак на порака од рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Путин посочи дека можеби никогаш нема да дојде до тоа.
На веб-страницата на Кремљ, доминираше набљудувањето на Путин на церемонијалното лансирање на мразокршач со атомски погон, симбол на улогата на Русија на Арктикот, каде што се натпреварува за ресурси со САД и други земји.
Сигналот беше кристално јасен, а ќе беше дури и ако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не напишеше дека лансирањето на мразокршачот е „поважно“ за Русите од изборите во САД.
Тоа беше дел од напорите на Путин, Кремљ и државните медиуми да ги прикажат Русија и нејзината влада како рамнодушни кон резултатот од американскиот глас.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Путин не го коментираше резултатот од изборите во САД до доцна на 7 ноември, кога му понуди неформални честитки на Трамп неколку часа по забелешките на форумот во туристичкиот град Сочи.
Путин го пофали Трамп, велејќи дека покажал „храброст“ кога вооружен маж се обидел да го убие во јули.
Путин за изјавите на Трамп за желбата за „обновување на односите“ со Москва и „поттикнување на крај на украинската криза“, рече дека се изјави кои што „заслужуваат внимание, во најмала рака“.
Видете и ова: Што може да се очекува од вториот мандат на Доналд Трамп?Кремљ се надеваше на победа на Трамп, главно затоа што ќе ја доведе во прашање иднината на американската поддршка за Украина против руската инвазија или на тесна победа на потпретседателката Камала Харис, што потенцијално можеше да предизвика хаос во Соединетите Држави доколку бидат оспорени од Трамп и неговите поддржувачи.
„Мислењето беше дека ако Трамп победи, „изгледите за продолжување, а не пак да се прошири поддршката за Украина ќе бидат загрозени, Европа ќе паничи, а НАТО алијансата ризикуваше да се расипе“, напиша рускиот аналитичар Марк Галеоти во напис во британски весник.
„Меѓутоа, дури и да победи Харис, тие предвидуваа дека поддржувачите на Трамп ќе наведат дека тоа е „невкусно“, а обвинувањата и предизвиците што ќе следеа ќе ја парализираат новата администрација“, напиша Галеоти.
Путин, кој сака да му се потсмева на Западот и постојано да зборува за западните надежи, планови и мотиви, во септември изјави дека ја фаворизира Харис. Тој коментар беше дел од, можеби, заедничките напори на Кремљ да го избегне впечатокот дека Путин и неговата влада се надеваат дека Трамп ќе победи.
За таа цел, имаше многу критики за Трамп на државната телевизија како што напредуваше кампањата во САД.
Говорејќи на државната телевизија Канал 1 кон крајот на јули, воениот руски набљудувач Дмитриј Дрозденко го нарече Трамп „роб на длабоката држава, кој не може да направи ништо за тоа, затоа што нема моќ, бидејќи така е организирана Америка“.
„Во 2016 година, во најголем дел, страсно го сакавме Трамп“, напиша на интернет канал на про-Кремљ, ТВ водителот Владимир Соловјов во јуни.
„Имавме дури и луѓе кои ја сликаа тројката: Трамп, француската екстремно десничарска политичарка Марин Ле Пен и Путин. Па, што добивме од тоа на крајот?“, вели тој.
Откако Трамп победи, тонот меѓу про-Кремљ коментаторите беше пооптимистички.
Но, во неговото вечерно шоу на 6 ноември, Соловјов предупреди на прекумерен ентузијазам.
„Не ни треба помпа. Не треба да бидеме премногу среќни или да го славиме. Треба да набљудуваме што се случува со интерес и да извлекуваме разумни заклучоци“, изјави Соловјов.
Додека Путин ги понуди своите неформални честитки во коментарите на 7 ноември, има неколку причини зошто тој не го стори тоа заедно со другите светски лидери на 6 ноември и се чини дека нема да го стори тоа формално.
Како прво, Путин ги демонизираше Соединетите Држави и ја прикажа целосната инвазија на Русија на Украина како дел од цивилизациската борба против агресивниот и морално банкротиран Запад.
Во тој контекст, Путин сака да избегне каков било впечаток дека нервозно се надева на затоплување на врските со Вашингтон, или дека најверојатно ќе омекне и ќе направи отстапки за кое било спорно прашање, како што е војната во Украина, со Трамп на власт.
Критиките од Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс за десетици милијарди долари оружје и друга помош што САД и ја дадоа на Украина за време на американскиот претседател Џо Бајден, доведе до надежи во Кремљ дека западната поддршка за Киев брзо ќе пресуши, давајќи и на Русија огромна предност на бојното поле.
И Трамп постојано тврдеше за време на кампањата дека ќе создаде крај на војната многу брзо доколку биде избран, предизвикувајќи стравувања во Украина и меѓу нејзините поддржувачи дека САД би можеле да се заложат за договор што ќе му даде многу малку на Киев, а на Москва многу, вклучително и територија што моментално ја контролира.
Но, Трамп малку зборуваше за тоа како би се обидел да ги доведе страните на преговарачка маса. Така, барем засега, се чини дека нема мотив Путин да сигнализира дека е подготвен за мир под што било друго освен руски услови.
Меѓу другото, тие вклучуваат руска контрола врз пет украински региони во целост, вклучително и делови кои моментално не се окупирани од силите на Москва, и постојана пречка за пристапување на Украина во НАТО.
Не долго пред Путин да зборува во Сочи, неговиот секретар на Советот за безбедност и поранешен министер за одбрана,Сергеј Шојгу, остро зборуваше за војната во Украина, велејќи дека „Западот е соочен со избор: да продолжи да ја финансира одбраната на Киев од руската инвазија и уништување на украинското население или да се препознае моменталната реалност и да се започне со преговори“.