„Ништо повеќе не ни припаѓа, ни ја одзедоа облеката, чевлите, дури и косата... Дури ќе ни го земат и името. Јас се викам 174517. Ќе ја носиме тетоважата на левата рака додека сме живи“, стои во сеќавањето на Примо Леви, депортиран од Италија во концентрациониот логор Аушвиц Биркенау во Полска, во февруари 1944 година.
Неговото и сведоштва на други Евреи кои од цела Европа биле депортирани во најголемиот концентрационен логор на Нацистичка Германија во текот на Втората светска војна, се дел од изложба која во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија беше отворена вчера (25.1.2024). Повод за изложбата „Аушвиц – Место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“ е 27 јануари, Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од Холокаустот.
Албумот со фотографии од Аушвиц е единствената досега позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите кои биле депортирани во Биркенау. Има 56 страници и 193 фотографии кои прикажуваат повеќе фази на тоа како изгледала постапката на која биле подложени Евреите по нивото пристигнување во логорот. Ниту една не ги прикажува конкретните убиства. Сите се направени од нацистите и под секоја пишува на што се однесува. Напишани се од еден од фотографите, опишувајќи го процесот гледан од аспект на нацистите. Ова стои во раскажувањето на Секторот за патувачки изложби, Оддел за музеи, Јад Вашем, кој ја продуцира изложбата.
„Тоа беше неверојатна сцена... Планина од куфери, кутии, чанти, ранци и пакети, сите натрупани среде дворот. Во првиот момент не размислував каде се луѓето на кои им припаѓаат. Лево видов стотици колички за бебиња“, стои во сведоштвото на Рудолф Врба, депортиран во Мајданек од Словачка во јуни 1942, а една седмица подоцна во Аушвиц.
„Сите се сомневаа дека нешто се случува... Јасно чувствуваа дека нешто не е во ред, но никој од нив во своите најстрашни кошмари не можеше да замисли дека во рок од три или четири часа ќе бидат претворени во пепел“, се сеќава Филип Милер, депортиран во Аушвиц од Словачка во април, 1942 година.
Албумот со фотографии го пронашла 18-годишната Еврејка од Унгарија, Лили Јакоб, единствена од нејзиното семејство која го преживеала Холокаустот.
„На рампата каде ги делеле, појаките на една страна, а 90 % директно во гасна комора, таа останува сама и е определена да работи во кампот. После половина година ја префрлаат во друг камп, до каде оди пеш, веќе на крајот на војната, во 1945 година. Во една од бараките го наоѓа албумот во кој ја гледа и својата фотографија. Приказната на Лили е една од најфасцинантните приказни“, вели Мишо Докмановиќ, професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Тој изминатиов семестар водеше 50 студенти од Правен низ процесот на изучување на Холокаустот, низ бесплатни курсеви, реализирани со поддршка на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија – Њујорк (Claims conference).
„Ние грантот го добивме пред да почнат настаните во Израел, и ова потоа кај некои влијаеше да се откажат, а кај други да се пријават. Таа глобална дискусија за тоа што се случува во Израел моментално се пренесе и во нашите предавални“, вели професорот.
Студентите добија сертификати за присуството на курсевите и ја погледнаа изложбата.
„Сакав да го запознаам правниот процес, самите документи, како се решиле случаите. Но и да видам на кој начин оние кои не се Евреи се однесувале кон Евреите, колку добрина имале луѓето во тоа време, имале ли сочувство, сакале ли да помогнат? Бидејќи денес често се среќаваме со ситуаци во кои секој си го гледа своето. Најсилен впечаток ми остави делот со тоа како ние, Македонците, сме сакале да помагаме, сме биле поврзани. Живееле едни до други, биле соседи или ги криеле“, изјави студентката Мартина Митровска.
„Новиве генерации не комуницираат на начините на кои ние комунициравме пред 20 години. За илустрација, овие што имаат по 18 години, ни Фејсбук повеќе не користат. Во текот на минатата година бев во меморијалниот музеј на Холокаустот во Вашингтон каде имав обука како да ги направиме привлечни предавањата. Користевме исклучиво иновативни методи кои се охрабруваат во современото образование. Холокаустот има 6 милиони приказни. Вие мора да најдете соодветна за нивната возраст за да ја пренесете приказната и пораката“, вели професорот Докмановиќ.
„Имаше една многу интересна работилница на која професорот ни даде текстови и според нив требаше да нацртаме сцена и на тој начин да го претставиме целиот текст, вели Симона Стојановска, студентка во прва година.
„Најмногу ми се допадна тоа што се зборуваше за антисемитизмот и се докажа дека мојот факултет е антисемитистички настроен. Припаѓам на една од најдискриминираните групи во општеството, но за среќа присуството на овој курс ми покажа дека тоа не е баш така“, вели студентката Јована Станковска, која е лице со хендикеп.
„Една од првите книги која не ми беше лектира во основно, беше за Холокаустот и ме допре кога професорот ни кажа за можноста. Избрав да присуствувам на сите три курсеви бидејќи сакав да научам сѐ што се случило и како тоа влијае денес. Криво ми е што и денес може да видат отпечатоци, како што велиме - историјата се повторува. Сакав всушност да го спојам тоа што се случувало за време на Холокаустот со она што се случува денес, како на пример, војната меѓу Израел и Палестина“, изјави студентката Луна Стефановска.
„Беше едукативно и интересно. Најголем впечаток ми остави посетата на музејот на Холокаусот, како и предавањата за традициите, обичаите и свадбите на Евреите во текот на војната. Мислам дека е битно да сме свесни за значењето на Холокаустот за да научиме од грешките и да не ги повторуваме“, смета студентот Иван Трпков.
Професорот е задоволен од интересот за курсевите Вовед во холокаустот, Холокауст низ правните документи и „Финалното решение“ на македонските Евреи.
„Замислете, од обичен повик, ова е прва генерација, 95 студенти се пријавија без да знаат детали за тоа што ќе правиме“, вели професор Докмановиќ.
Другата половина на студенти ќе посетува курсеви во вториот циклус, односно во актуелниот семестар. Тие ќе учат за Европските Евреи и Холокаустот, потоа Антисемитизмот, Холокаустот и човековите права, како и Холокаустот и меѓународната правда.
Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот е посветен на сеќавање на трагедијата на Холокаустот за време на Втората светска војна, во која шест милиони Евреи биле убиени во нацистичките логори.
Историски, 27 јануари е поврзан и со ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, во 1945 година.
Во овој логор се убиени приближно 1.120.000 луѓе, од кои околу еден милион Евреи, вклучувајќи повеќе од 200.000 деца, укажува светскиот центар за комеморација, документирање, истражување и едукација, Јад Вашем.
Изложбата е во организација на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница.