Претставници на Демократската партија на Косово физички го нападнаа косовскиот премиер Албин Курти додека тој држеше говор во Собранието.
Курти зборуваше за ситуацијата на северот на Косово кога пратениците од опозицијата со извици го прекинаа неговиот говор.
Прво пратеникот Мергим Луштак фрли вода во правец на вицепремиерот Бесник Бислими, а потоа физички беше нападнат министерот за финансии Хекуран Мурати.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
По конфликтот беше прекинат директниот пренос од Собранието на Косово.
Видете и ова: Курти: Дел од полицајците се повлекуваат од општинските згради на северот на КосовоИзминативе денови, како и на оваа седница, опозицијата беше критична кон власта, бидејќи медиумите во Косово објавија аудио снимки од шефицата на пратеничката група на движењето Самоопределување, Мимоза Кусари-Лила, каде што признава дека имала разговор со потпретседателот на Српската листа, Милан Радојчиќ.
Косовските власти го бараат потпретседателот на Српската листа, Милан Радојчиќ, кој меѓу другото се наоѓа и на американската црна листа поради „вмешаност во меѓународен организиран криминал“.
Тој се бара поради сомнение дека е вмешан во заплашување сведоци во судскиот процес познат како „Брезовица“.
По Радојчиќ во 2022 година е распишана втора потерница за случајот „Брезовица“, кој се однесува на дивоградба, а во кој е вмешан и функционер на Српската листа, Братислав Николиќ. Во тој случај, Обвинителството од Урошевац го товари за „заплашување сведоци“.
Првата потерница беше издадена во 2019 година и го поврзува Радојчиќ со убиството на Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива Слобода, демократија, правда. Ивановиќ беше убиен со неколку истрели од пиштол, пред седиштето на таа партија во Северна Митровица на 16 јануари 2018 година.