Се чини дека Русија нуди конзуларни услуги во црноморскиот туристички град Варна, и покрај тоа што Софија протера дипломати во 2022 година и го затвори конзулатот една година подоцна, покажа истрагата на бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Додека бугарските власти велат дека не знаат за какви било дипломатски активности, групите на Фејсбук (Facebook) и Ватс ап (WhatsApp) на руски јазик рекламираат конзуларни услуги во локалното седиште на Бугарската социјалистичка партија (БСП) што го поддржува Кремљ.
Марина Начева, жена која е наведена во различни групи за разговор како контакт за конзулатот, за РСЕ потврди дека конзуларните служби се достапни во канцеларијата на БСП на улица „Македонија“ бр. 33 во Варна. Прекрасната зграда се наоѓа на 400 метри од поранешниот руски конзулат на улица „Македонија“ бр. 53.
Голем дел од персоналот во поранешниот руски конзулат во Варна, град популарен меѓу руските туристи, беше протеран од Бугарија заедно со дипломатите во амбасадата во главниот град Софија, во јуни 2022 година.
Владата на тогашниот премиер Кирил Петков нареди 70 руски дипломати да ја напуштат земјата, велејќи дека тие работеле против интересите на Софија. Во октомври 2023 година, рускиот конзулат во Варна конечно беше затворен, откако истече неговиот закуп за објектот.
Казнените мерки на прозападниот Кирил Петков дојдоа во време на бран слични потези на другите престолнини на ЕУ со цел да ја казнат Русија за започнувањето на нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Видете и ова: Бугарија го протера рускиот свештеник Васијан, потврди МоскваРепортерот на РСЕ неодамна ја посети вилата во беж боја на улица „Македонија“ бр. 33, сместена во населено место во градот. Една жена која ја отвори вратата и рече дека работи таму, за РСЕ изјави дека „тука не се нудат никакви конзуларни услуги“.
Сепак, поединци кои објавуваат на групи на Фејсбук кои ги следи РСЕ се спротивни на тоа тврдење. Објавите на тие страници на Фејсбук покажуваат дека конзуларните услуги сè уште се достапни во Варна, но само во одредени денови и во одредени периоди. Следниот таков датум кој е наведен како таков е 26 ноември.
Контакт со конзулатот
Токму во една од тие групи на Фејсбук, името Марина Начева се појавува како лице за контакт во врска со конзуларните служби.
Името на Начева се спомнува и како контакт во група на WhatsApp, Конзулат RF (Руска Федерација) во Варна, која исто така ја наведува улицата „Македонија“ 33, како адреса на Конзулатот.
Кога бугарскиот сервис на РСЕ се јави на бројот наведен во оваа група на WhatsApp, една жена која се идентификуваше како Начева кусо потврди дека се нудат конзуларни услуги на адресата на БСП. На прашањето зошто конзуларните услуги се нудат во централата на БСП, Начева веднаш ја спушти слушалката.
Левичарската БСП, наследник на Бугарската комунистичка партија, која владееше со Бугарија од 1946 до 1990 година, важи за про-Кремљ партија. Во последната изборна кампања партијата се пофали дека „Русија е наш пријател“ во билборд во јужниот бугарски град Пловдив. БСП во моментов има 20 пратеници во еднодомниот парламент на земјата со 240 места.
Дополнителни докази кои се чини дека ја поврзуваат Начева со наводниот „таен“ конзулат може да се најдат на нејзината лична страница на Фејсбук, вклучително и групни фотографии со наслов „Конзуларен прием во Варна“.
Видете и ова: Зошто Бугарија протера 70 руски дипломати?Анализата на РСЕ на фотографиите од состаноците на БСП одржани во нејзината канцеларија во Варна покажува дека позадината е иста како и фотографиите од „конзуларниот прием“ објавени од Начева.
Уште малку се знае за Начева. Референците на Интернет покажуваат дека таа присуствувала на неколку настани во рускиот конзулат во Варна пред да биде официјално затворен. Таа е наведена и на неколку веб-страници како претседателка на здружението наречено Руси-21 век. Сепак, таква група не е запишана во трговскиот регистар на Бугарија.
Влошени односи
Традиционално блиски сојузници, односите меѓу Русија и Бугарија се влошија во последните години. Во септември 2023 година,бугарската влада го протера поглаварот на Руската православна црква во Софија и двајца белоруски свештеници, обвинувајќи ги дека служат на геополитичките интереси на Москва.
Во февруари, Софија им забрани вез во Бугарија и ЕУ за пет години на двајца руски државјани поради нивната наводна улога во операција на безбедносните служби.
Актуелната руска амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, е обвинета дека ја искористила својата функција за да ја брани и да шири дезинформации за руската инвазија на Украина и да ги оцрни оние кои се противат на неа. Тоа поттикна многумина во Бугарија да побараат нејзино протерување.
Видете и ова: Русија поседува дел од бугарскиот брег на Црното Море, а се чини дека на Софија не и пречиПоради она што Русија го сметаше за непријателски потези, Бугарија беше додадена на официјалната листа на Кремљ на „непријателски земји“ веднаш по целосната инвазија на Украина во 2022 година.
Работењето со таен конзулат во седиштето на политичка партија би било незаконско според бугарскиот закон, бидејќи дипломатската служба е изградена на принципот на непартизација.
Бугарското Министерство за надворешни работи за бугарскиот сервис на РСЕ изјави дека не знае за какви било руски дипломатски активности кои се случуваат на адресата во Варна.
РСЕ испрати прашања и до руската амбасада во Бугарија и до БСП, прашувајќи за пријавените конзуларни услуги.
До моментот на објавување на текстот, не добивме одговори.