На платото пред Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, денеска не се собраа студенти, како што најавуваше Независниот студентски сојуз (НСС УКИМ). Студентите одржаа пленум „зад затворени врати“, каде медиумите не беа добредојдени.
„Никој не сака новинари внатре, никој студент не даде своја согласност за сликање!“. Ваква порака од пред Филозофскиот факултет во Скопје преку мегафон упати еден од студентите кои се собраа внатре во аулата на Филозофскиот факултет.
Тој ги нарече „платеници“ десетината медиумски екипи кои чекаа на платото за да и пренесат на јавноста информации за барањата на студентите кои се организираа во овој сојуз пред една седмица и тоа го објавуваа на социјалните мрежи.
Во една од објавите тие наведуваат дека не се формална организација туку група студенти чија цел е да создадат пленум „каде студентските прашања ќе бидат слушнати без политички влијанија или лични интереси.“
Кога новинарите се обидоа да им пријдат во аулата на факултетот, беа избркани со најава дека доколку не излезат пленумот ќе биде бојкотиран.
Објаснувањето беше дека на профилот на Инстаграм, меѓу наведените правила за пленумот тие навеле дека на настанот не треба да има медиуми.
Новинарите коментираа дека никој не знаел за ова „правило“ бидејќи не било наведено во официјалната комуникација на НСС УКИМ со медиумите.
„Настанот е отворен само за студенти. Ако не сте студент, ве замолуваме да го почитувате просторот и да не учествувате“, стои во објавата на НСС УКИМ на социјалната мрежа Инстаграм.
Филозофскиот факултет беше поделен на четири зони, каде студентите на хамери одговараа на прашања за тоа што мислат, како се чувствуваат и предлагаа како да се дојде до промена понатаму.
„Да се ослободи стравот од зборување“
„Ако имаше 30 секунди да и се обратиш на јавноста што би рекол“, пишуваше на хамерот во Зона 2.
Но, можноста за обраќање кон јавноста студентите не ја искористија и нивниот глас не се слушна, иако пораката запишана на влезот на факултетот гласеше: „Да се ослободи стравот од зборување. Да почнеме да се слушаме“.
Дел од медиумите во текот на вчерашниот ден објавија дека организацијата го откажала денешниот пленум. Новинарите се повикаа на електронска порака, за која од НСС УКИМ потоа кажаа дека била испратена од мејл адреса која не е нивна и откажувањето беше демантирано од НСС УКИМ и оценето како тендзенциозна дезинформација.
Независниот студентски сојуз на УКИМ во саботата (22 март) повика на собир преку објава на социјалните мрежи во која меѓу другото наведе дека „не е потребно бирократско тело кое работи од зад грб“.
Сојузот ги повика сите студентски собранија да го следат примерот на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет кое четири дена претходно изгласа недоверба на делегатите на Универзитетското студентско собрание (УСС на УКИМ).
Недовербата беше изгласана ден по собирот кој Универзитетското студентско собрание го организираше на платото на УКИМ за да оддаде почит за трагично згаснатите животи во пожарот во Кочани.
Иако не беше најавено, на собирот на УСС на УКИМ се појавија ректорката Биљана Ангелова и министерката за образование и наука, Весна Јаневска кои се обратија од говорницата пред Филозофскиот факултет. Во говорите немаше никакво барање за одговорност туку „емотивни флоскули“ и токму за време на нејзиното обраќање, таа беше исвиркана од дел од студентите.
Сепак, од УСС УКИМ ги замолија студентите за тишина и токму ваквиот „потег“ резултираше со револт и поделби меѓу нив. Студентскиот отпор ги обвини Ангелова и Јаневска за „политичка самопромоција“.
„Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција. Сведочевме на срамна институционална експлоатација на трагедијата“, реагираа од Студентски отпор.
Во меѓувреме, УСС УКИМ се огласи на социјалната мрежа Фејсбук наведувајќи дека ги прифаќа критиките во врска со настанот и најавија дека на следните настани нема да има никакви обраќања.
„Ова е време во кое треба да ја процесираме тагата и ве повикуваме заеднички да ја искажеме болката преку сочувство и почит за жртвите. Поддршката да ја изразиме со цвеќе и свеќа за настраданите“, порачува УСС УКИМ во објавата.