Просечно семејство со просечна потрошувачка на струја и од нова година ќе плата исти сметки за струја како и досега, соопшти претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на 26 декември.
Струјата поевтинува за првиот блок за 5,16 отсто, во вториот блок и евтината струја остануваат исти, а за третиот и за четвртиот блок струјата поскапува. Во третиот за 2,88 отсто, а во четвртиот за 1,86 отсто.
Сметките за струја на граѓаните сега се поделени во четири блокови за скапа струја, евтината не се дели во блокови. Тие што трошат повеќе скапа струја, плаќаат повеќе.
Околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок на потрошувачи. Но, во зимските месеци, оние кои се греат на струја, лесно може да преминат во следен блок. Така во ноември во споредба со октомври, 10 илјади домаќинства од првиот и вториот блок преминале во повисоките блокови.
Видете и ова: Пристапот до мрежа најмногу ќе ги погоди тие што штедат струјаОд нешто се крати, нешто се додава за да има фер распределба
Надоместoкот за пренос и дистрибуција на електрична енергија или популарно наречено мрежарина се намалува за 23 проценти, но цената на струјата поскапува, па кога се ќе се собере, евтината струја останува иста како досега, скапата струја во прв блок поевтинува за околу 5 отсто, во вториот останува иста, а во третиот и четвртиот поскапуваат за речиси 3 и за околу 2 отсто.
Пристап до мрежа ќе плаќаат сите
На сметките ќе има нова ставка - пристап до мрежа од 200 денари месечно. Оваа ставка ќе важи за сите.
Од Регулаторна велат дека ова се воведува за да има фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние кои повремено ги користат објектите.
Новата ставка ќе им донесе повисоки сметки на оние кои имаат станови, куќи, викендици во кои не живее никој. Тие што не трошат струја не плаќаат ниту мрежарина, па досега плаќаа само за улично осветлување. Сметките им изнесуваа 184 денари. Од јануари ќе плаќаат плус 200 денари за пристап до мрежа, па минималната сметка за оние што не трошат ништо ќе биде 384 денари.
„Со самиот факт што имаме евтина тарифа од 13 до 15 часот, дополнително голем број на домаќинства ќе ја префрлат потрошувачката во евтината тарифа, така што тука некаде ќе бидат сметките, некаде ќе бидат пониски, некаде исти. Единствено ќе бидат повисоки кај оние коишто имаат потрошувачка нула или имаат потрошувачка од 10,15, 20 киловатчаса во текот на годината, бидејќи тие ќе треба да ги платат тие 200 денари. Инаку, горе-долу ќе биде исто“, вели Бислимоски.
Евтина струја преку ден имаат 80 отсто од домаќинствата
На сметката ќе се одрази и тоа што од декември се врати евтината струја преку ден од 13 до 15 часот. Осумдесет отсто од домаќинствата веќе имаат дневна евтина струја, а останатите ќе почекаат до јануари да им се сменат броилата.
АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27 проценти, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимовски ја отфрли кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.
Од 2024 година пресметките за цената на струјата ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.