Целиот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразуавање и безбедност Сашо Мијалков е проценет на 21,4 милиони евра, покажуваат последните податоци на Агенцијата за одземен имот добиени од Бирото за судски вештачења. Оваа проценка е за 6,4 милиони евра повисока од таа што ја соопшти во март годинава претходниот директор на Агенцијата, Фатон Асани.
Од Агенцијата засега не откриваат повеќе детали како е настаната оваа разлика во проценетиот имот, но најавуваат дека списокот со 23 станови, 2 апартмана во Панорама Резиденс и неколку градежни парцели во сопственост на државата наскоро ќе биде ставен на јавно наддавање.
Обвинителството во јуни минатата година објави список со целиот имот кој треба да му се одземе како имот на Мијалков во спогодбата со која призна вина и доби три години затвор за предметот „Империја“, каде беше обвинет за перење пари. Првичната проценка на Обвинителството е дека вредноста на недвижниот имот изнесува 14,1 милиони евра.
Од Агенцијата велат дека од почетокот на минатата година до сега во државната каса влегле речиси 9 милиони евра, од кои 6 милиони евра биле конфискувани пари, а остатокот од продажба на запленетиот имот за кој со правосилна пресуда е докажно дека е стекнат со криминал.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Агенцијата за одземен имот богата, но само на хартија
Според катастарските податоци оваа агенција е далеку побогата на хартија, иако работи со државен буџет од половина милион евра и често пати до сега со блокирана сметка.
Во пресметките на тоа колку е големо „салдото“ на Агенцијата влегуваат и списоците со петте станови на поранешниот премиер Никола Груевски. Неговиот недвижен имот чека „амин “ од Владата за продажба.
Првите два стана, едниот од 45 метри квадратини вториот од 65 метри квадратни на скопската позната улица „Бихаќка“ вредат 105 илјади евра. Додека апартманите во „Панорама Резиденс“ во падините на Водно, од кои два со големина од по 200 метри квадратни и еден од 155 метри квадратни, Бирото за вештачење ги проценило по околу 600 илјади евра за еден.
На хартија Агенцијата може да биде и побогата ако се пресмета и имотот за кој на предлог на Обвинителството за гонење на организиран криминал е определена мерка во 2022 година „забрана за оттуѓување и располагање“, кој е во вкупна вредност од 40 милиони евра и се однесува на пари, градежни земјишта, станови, апартмани, деловни простории, хотел, хартии од вредност, удели. Овој имот е замрзнат поради сторени кривичните дела од злоупотреба на службена положба, мито, корупција и перење пари.
Со измените на кривичниот законик се поставува прашањето дали воопшто ќе биде конфискуван имот во предметите за кои дел од кривичните дела „застаруваат“ во судските фиоки.
Во пракса, досега се покажало дека често осомничените за организиран криминал и корупција, уште пред да почне постапка против нив, или додека трае, го префрлале имотот на членови на семејството, пријатели или го оптовариле со хипотека, па државата го поседува на хартија, ама не може да го продаде. Нешто слично како клетва од наследство, имотот е твој, ама не можеш да го владееш нити продадеш.
„ Хипотеката е најголем проблем. Случајот „Трансмет“ (со имотот на Сеад Кочан) е добар пример дека од 2017 година се чека на судот да одлучи дали имотот ќе му припадне на хипотекарот или пак ќе може ние да го продаваме и да ги вратиме парите во буџетот,“ вели за РСЕ директорот на Агенцијата за одземен имот Дритон Небиу.
Во овој предмет станува збор за движен и недвижен имот во вредност од 17 милиони евра, колку што проценило Обвинителството при судската постапка. Но, овој имот сега е на хартија впишан на име на државата, која не може да го продаде и уновчи додека не заврши судската постапка во Управниот суд, затоа што е ставен под хипотека.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Хипотеката е само еден од многу проблеми при конфискацијата
На патот до конфискација се наметнуваат и многу други проблеми, чие што надминување треба да биде опфатено во новите законски одредби. Барем така најави Министерството за правда кое до неодамна го изготвуваше законо заедно со невладиниот сектор. Овој речиси нов закон за конфискуван имот една година чека за да влезе во собраниска процедура.
„Децениското невложување во подобрување на состојбата со конфискација на имотот на криминалците укажува на несериозен пристап на државата кон борбата со организиран криминал и корупција, со борбата против нелегалната економија и практично со враќањето на парите и имотот на државата и граѓаните од криминалците, вели Дарко Аврмовски од коалицијата „Сите за правично судење“.
„ Особено ако го погледнете тој проблем во корелација со сите други случувања во изминативе неколку години, може да се каже дека заложбите на државата за борба против организиран криминал и корупција се само празна демагогоија и популизам за политички поени“, вели тој.
Истражувањето на коалицијата „Сите за правично судење“ покажа поразителни факти. Во секој петти судски предмет била барана мерка за конфискација на имот, а во само 5 отсто од сите случаи бил наплатен нелегално стекнат имот.
Дел од проблемите се однесуваат ѝ на недвижен имот кој не е во целосна сопственост на осудениот за криминал, а е таргет за конфискација. Државата со актуелниот закон нема основ за продажба на таканаречениот идеален дел од одреден недвижен имот, ако сопственоста ја делат неколкумина.
Праксата покажа дека проблем при конфискацијата е нетемелната финансиска истрага при што ни во пресудата не е точно лоциран нити обезбеден имотот кој треба да се заплени, објаснува Аврамовски. Посочува дека Агенцијата не е истражен орган за после пресудата да истражува и лоцира имот во вредноста на имот кој треб да се конфискува во вредноста посочена во пресудата. Неопходно е и судовите да поработат на јакнење на капацитети за соодветно образложување на пресуди при изрекување на конфискација.
Судот брзо конфискува само предмети, ама не сите
Брзата судска постапка за конфискација на имот оди само кога со одредени предмети е извршено кривично дело. Со пресудите изречени во 2022 година по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал одземени се предмети од вкупно 167 лица како 255 мобилни телефони, 70 патнички моторни возила, 14 товарни моторни возила, наркотична дрога во вкупна вредност од 6 илјади евра, пари во износ од речиси 100 илјади евра, оружје и муниција, златен накит, монети, лаптопи и друго, покажува годишниот извештај на Обвинителството.
Видете и ова: Измените на актуелниот фрлија прашина и на новиот Кривичен законикГолем дел од овие предмети завршуваат во еден од четирите магацини на Агенцијата за одземен имот. И токму тука почнуваат дел од проблемите на Агенцијата која не може да ги продаде затоа што со години чека на правосилност на пресудите.
Магацините се трупаат со предмети кои ја губат својата вредност на пазарот, па не му вршат работа ниту на сопственикот на предметите, ниту пак, на државата.
На пример државата не може да ја наплати вистинската вредност на конфискуваното возило кое со години скапува во отворен склад, нити пак сопственикот кој може во жалбена постапка да докаже дека е невин и да си ја бара да си ја врати колата во сочувана состојба со вистинската вредност.
Небиу посочува дека магацините се преполни со возила постари од десет години, кои без правосилна пресуда не можат нити да се продадат нити пак да завршат како старо железо. Додава дека возилата не се единствениот проблем.
„ Кафе конфискувано во 2002 година со поминат рок повеќе од 15 години, стои кај нас во магацин. И ние чекаме правосилна пресуда за да можеме да го уништиме. Нашите магацини се во хаос, имаме многу стари непотребни работи кои не можеме ни да ги фрлиме односно уништиме како ѓубре затоа што за нив нема правосилна пресуда“, објаснува тој.
Аврамовски вели дека Агенцијата не располага со соодветни капацитети за во целост да управува со целиот одземен имот во кривична и прекшочна постапка.
„ Ако ви текнува на случајот со коњите во Зоолошка градина, како завршија таму. Тоа беа коњи конфискувани од дрвокрадци кои се одземени како средство со кое е извршено кривичното дело и како такви се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, а таа нема можност каде да ги чува или оддржува ваквите коњи, ќе требаше да ги чува во канцеларии или во магацин. Така што, тие во пракса се ставени во многу незавидна положба и се практично се принудени да ја користат својата креативност за да најдат начин како да управуваат со имот, особено ако тој е привремено одземен и треба да се врати“, објаснува Аврамовски.
За да може Агенцијата во целост да ги извршува задачите и е потребен модерен и електронски магацин, кадар кој ќе работи на одржување на магацините , како и софтвер, дата база и мониторинг систем за да може да се следат сите добра во магацините кои се во сопственост на државата, вели Небиу. Во новото законско решение објавено лани на Единствениот национален регистар на прописи ( ЕНЕР) е предвидено Агенцијата да се финансира со директен трансфер на парите во процент добиени од јавните продажби на конфискуваниот имот или пак со процент од посебен одобрен фонд.