„Спектакуларно непослушна“ парада на гордоста во Скопје
Во 17 часот, организаторите на петтата парада на гордоста под мотото „Спектакуларно непослушни“ започнаа да ги пречекуваат гостите во Жена паркот во центарот на Скопје со распослано знаме во боите на виножитото.
Освен знамиња со боите на виножитото, можеа да се забележат и палестински знамиња кај некои од присутните како знак за поддршка на тамошниот народ.
Веќе во 18 часот, бројот на присутни во паркот Жена борец видно се зголеми. Објективот на РСЕ ги фати и пратеничките од СДСМ, Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Што значи мотото – ја прашавме Ирена Цветковиќ од невладината организација „Маргини“. Таа одговори „Непослушни бидејќи не сакаме да бидеме послушници во систем кој дискриминира одредена група на луѓе, додека спектакуларноста е историски врзана со ЛГБТИ заедницата“.
По кратките поздравни говори на дел од учесниците, започна и протестниот марш по скопските улици проследен со музика.
Двата камиони тргнаа по скопските улици, а веднаш позади нив и маршот на присутните поддржувачи.
Годинешната Парада на гордоста е под надзор на силно полициско обезбедување кој ќе ги следи присутните до нивната последна точка - Стадионот на АРМ во Скопје.
„Слобода или смрт“, „Квирови за Палестина“ се само дел од другите транспаренти кои можеа да се забележат во годинешната Парада.
Маршот ќе заврши на Стадионот на АРМ во Скопје, кога ќе започне културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и од регионот.