Јавноста е вознемирена од последните престрелки на јавни места после оној инцидент во трговскиот центар „Ист Гејт“ во кој беше стрелано кон Раде Трајчевски – Штекли. Како се чувствате кога после 7 години Министер за внатрешни работи главни ликови во јавност ви се оние кои се преставуваат како членови на „мафијашки банди“ како што е „Грчец“ или „Беланоца“?
За мене е едно сериозно изненадување на вредностите кои ги споделува општеството било каде, што им се остава простор на криминални структури и криминални банди да бидат постојано присутни на социјални мрежи, медиуми, во јавноста. Но, тоа е факт и е нешто со што сите ние живееме. Вториот факт што е многу важен за Министерството за внатрешни работи е тоа што тие криминални банди кои се градни 30 години и помагани по повеќе основи конечно имаме разврска. Конечно се отвори широк фронт од страна на МВР против овие структури и за тоа постојат факти и докази.
Каква е таа борба?
Ако ги погледнете криминалните структури, борбата со трговијата со дрога оружје, кои се оние што се уапсени, кои се оние кои се наоѓаат на издржување казна затвор, тоа се структури од една или друга криминална банда.
Да, но ако се погледне во судскиот епилог вие ги гоните за полесни кривични дела, а во сите пресметки имаше убиства. Што има епилог како потешко кривично дело? На пример во акцијата „Планина“ каде има дел од овие луѓе најголемата затворска казна до сега изречена е 6 годи, а за убиство може да се изрече и доживотна затворска казна?
Да сме на чисто. Не постојат лесни и тешки кривични дела. И нема мали и големи криминалци. Криминалците се криминалци, без разлика кои се и што се. Така што оваа интензивна борба во последниот период и резултира со многу нешта. На пример резултира со намалување на вкупниот криминалитет во државата. Значи во 2023 година имаме намалување за вкупно 11% на вкупниот криминалитет на ниво на држава.
Кажете ми кој од овие инциденти во кои имаше убиства се разрешени? На улица Рузвелтова, во Чаир имаше убиство, во Бутел, во Шиша Бар, во хотелот Александар Палас, сите беа поврзани со истите криминални банди. Дали со право јавноста е вознемирена, ќе кажете дека сте решиле убиства, но овие кои се буквално на јавен простор не се?
Сепак и бројот на таквите кривични дела е намален и бројот на нерасчистените е намален. Ако гледате процентуално ќе видите колку е висок процентот на расчистување на кривичните дела. Точно е тоа што го изнесувате како факт и тие се случаите 5 кои вие ги набројавте во кои немаме до крај обезбедено докази за извршување на кривичните дела. Меѓутоа тоа се само 5 од 128.
Видете и ова: Две лица повредени при пукање во „Ист гејт“ МолКаква ви е соработката со релативно новиот обвинител за Гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази. Европската комисија напиша и дека не е најдобра меѓу МВР и обвинителството?
Ако правиме компарација за тоа каква била соработката е сега ние имаме напредок. Меѓутоа дали е на најдоброто ниво од низа аспекти не само за директната соработка меѓу МВР и обвинителството туку генерално како систем таму треба навистина не само да се нотира туку да се преземат конкретни мерки кои ќе ги подобрат во делот на соработката. Сепак сметам дека во одредени случаи таа би можела да биде многу подобра од тоа до сега. И токму во тој правец сметам дека е подобро да си кажеме до каде ни се слабостите и каде да ги поправаме.
Дали тоа значи дека соработката со поранешната обвинителка Вилма Русковска ви беше на полошо ниво? Таа деновиве е разрешена, а претходно повикуваше дека имала одредени политички притисоци, дали вие се чувствувате повикан дека бевте дел од тие притисоци? Таа се занимаваше со истраги каде беше спомнувано вашето име, истрагата за софтверот на генералниот секретар Драги Рашковски каде подоцна бевте сведок, но и за техничкиот преглед на автобусот на „Беса Транс“?
Прво соработката никако не може да се сведе на лична основа. Значи, соработката на институциите не може да биде детерминирана од личности. Така што ние сме имале соработка добра и во тоа време сега се подобрува таа соработка, ако погледнете наназад сме имале и подобра соработка од тоа претходно. Сега таа соработка се подобрува. Така што персонално не се врзуваат работите.
Инаку апсолутно не може да стане збор да некој од политиката носи одлуки во Советот на јавни обвинители. Така што ниту ме интересира, ни го следам, ни е моја работа. А не можам да бидам лично повикан за било која ситуација во судството или во јавното обвинителство. Бидејќи немам надлежност за ова. Сигурно разликувате што е сведок во одредена постапка, а што е нешто друго. Јас сум бил сведок и во настаните од 27 април, сум бил и во други постапки и ќе сум секогаш тука за тогаш кога треба да се утврди правдата. Така што тоа што сум бил сведок не може да е причина за каква било друга постапка?
Видете и ова: Советот на јавни обвинители едногласно ја разреши Вилма РусковскаНа социјалните мрежи сте активен, видовме таму дека промовиравте една донација од „Фондација Заев“. Се користат ли овие шест мотоцикли кои ги донираше оваа фондација?
Не само оваа донација можете таму да ги погледнете и сите други донации кои сме ги промовирале. Дали се од Владата на Чешка, дали се од Германската Влада, дали се од ИОМ и низа други меѓу кои е и оваа. И да се користат. Тие се за СВР Скопје за тоа што сметаме дека тука треба да се зголеми капацитетот.
А испочитуван ли е Законот за донации и спонзорства?
Не само во оваа туку и во сите други донации бидејќи без склучување на договор и без добивање согласност за овој договор вие не можете да реализирате донација.
Да, но вие ја промовиравте донацијата, а се уште немате добиено согласност од Министерството за правда?
Ние ја промовиравме донацијата после склучувањето на договорот. За секоја донација треба да склучите договор и во моментот кога ќе го склучите тој договор можете да ја промовирате.
Немате добиено мислење за оправданоста на јавниот интерес од Министерството за правда. Зошто?
Влечете констатации кои апсолутно не се точни.
Значи не лажат од Министерството за правда?
Во секоја ситуација која е во делот на донации се добиваат и согласности.
Интервјуто со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да го погледнете во видеото погоре.