Гаши останува претседател на Собранието

Африм Гаши, претседател на Собранието на Северна Македонија

Интерпелацијата за работата на собранискиот спикер Африм Гаши не беше прифатена во Собранието, откако 72 пратеници гласаа „против“, додека 21 гласаа „за“, по жестока дебата на седницата на 3 септември.

Интерпелацијата за Гаши не помина откако пратенците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, гласаа против инцијативата што ја поднесе партијата „Левица“ која бараше одговорност од Гаши поради неколку инциденти кои се случија за неполни два месеци.

Вкупно 61 пратеник беа потребни да гласаат „за“ Гаши да си оди од функцијата, што беше далеку од веројатно, како што претходно прогнозираа и аналитичарите. Според нив, за да помине интерпелација треба да има зад себе посериозно граѓанско движење, „инаку е осудена на пропаст“, како што рече политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Поддршка за интерпелацијата даде опозициската СДСМ, додека на гласањето не присуствуваа пратениците на ДУИ кои претходно се изјаснија дека нема ја поддржат интерпелацијата иако имале забелешка за работата на Гаши.

Претходно, и партиите и политичките аналитичари рекоа дека не очекуваат да „помине“ интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Интерпелацијата од „Левица“ беше поднесена поради трите случаи во кои беше замешан Гаши во неполни два месеци: исламската молитва во Собранието за жртвите од Сребреница, инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи во кој беше вмешано обезбедувањето на Гаши и свадбата во Косово на која тој отиде со службено возило, придружуван од други возила без да поминат гранична контрола.

Видете и ова: Интерпелацијата за Гаши прва точка на седницата на 3 септември

Со убедливото мнозинство пратеници што го има владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беше извесно дека Собранието нема да ја прифати интерпелацијата.

Во образложението за интерпелацијата од „Левица“, денеска во Собранието беше наведено дека собранискиот спикер работел нестручно, неуставно, неделовнички и дека ја повредил секуларноста на државата, бидејќи дозволил извршување на верски обреди на една од седниците на комисиите.

Пратеникот Димитар Апасиев од „Левица“ рече дека Гаши со молитвата во Собранието, со настанот со косовската претседателка Османи на аеродромот, како и другите точки, грубо ги прекршил Уставот и Деловникот.

„Вие за прв пат без преседан Собранието го направивте центар на антисекуларни активности. Религиозен култ се врши исклучиво во верски објект, а такво Собранието не е. За разлика од Талат Џафери кој беше мајстор за скандали вие го надминавте, практично за 100 дена направивте рафал од скандали и станавте можеби велемајстор“, рече Апасиев.

Гаши за обраќањето на Апасиев рече дека е полно со албанофобија, исламофобија и со неточни тврдења, а потоа ја напушти седницата велејќи дека не сака да влијае врз натамошната дебата.

„Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку на верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата во однос на безбедноста, туку поради добрососедските односи и заложба за повлекување на признавањето на Република Косово“, рече Гаши.

Видете и ова: Собранието не ја прифати интерпелацијата за Гаши

Впрочем, не само за Гаши, туку не беше прифатена ниту една досегашна интерпелација за кој било од досегашните претседатели на собранието или министри. Тоа е затоа што интерпелациите ги бара опозицијата, а власта има мнозинство да ги одбрани своите функционери од барањата за нивна одговорност.

„Во повеќе од три децении парламентарна историја, не се случило да биде изгласана недоверба за првиот парламентарец. Во прашање е политичка реклама или маркетинг на партијата „Левица“, за фокусирање на јавноста за случаи за кои јавноста беше резигнирана. За жал, политичката култура кај нас не е на високо ниво како во западните земји каде политичари сами си поднесуваат оставки. Кај нас, партиите ги бранат своите функционери и по цена на скандали“, вели аналитичарот Благојче Атанасовски за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Простор за притисок врз власта

Аналитичарите на интерпелациите во Собранието гледаат како на ден кога опозицијата може да ја критикува и да прави политички притисок врз власта.

„Со оглед на ставовите на големите политички партии, најверојатно интерпелацијата нема да биде успешна. Што добива опозицијата? Тоа е еден вид политички притисок, и покрај тоа што Левица, во конкретниот случај, е свесна дека нема да помине. Но, ќе има морално право да каже дека поднела интерпелација за случаите за кои јавноста беше резигнирана“, вели Атанасовски.

Видете и ова: Опозицијата бара промена на Гаши, власта не се согласува

Според аналитичарот Арсовски, барањето одговорност не поминува во Собранието „затоа што треба да интерпелирате некој што има мнозинство“.

„Ако сакате да помине интерпелацијата, треба да имате зад себе посериозно граѓанско движење. Инаку истата е осудена на пропаст“, вели Арсовски за РСЕ.

Ден пред почетокот на седницата, тој ги анализираше и позициите на партиите во однос на интерпелацијата за Гаши.

„Прашањето е како ќе се изјасни ЗНАМ. Ако ја поддржи интерпелацијата, тоа ќе биде единствена тензија што ќе следува. Поинтересно е што СДСМ се постави поблиску до Левица, а различно од доскорешниот коалициски партнер ДУИ“, рече Арсовски.

Гаши: Имам мирна душа и чиста совест

Ден пред гласањето, Гаши ги повика пратениците да одлучат по сопствено убедување.

„Ќе ја почитувам секој одлука што ќе ја донесе Собранието. Убаво е сите да имаме различни мислења и токму тоа е суштината на демократијата, а би било лошо да има едноумие, систем што го поминале. Среќен сум што има интерпелација за да објасниме некои работи што и беа претставени на јавноста. Ќе образложам се како што било и се надевам дека пратениците ќе одлучат според нивната совест. Имам мирна душа и чиста совест дека со ништо не сум предизвикал таква хистерија во јавноста“, рече Гаши во гостување на телевизија Сител на 2 септември.

Видете и ова: Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи интерпелација на Гаши

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, ја нарече „глупава и незрела“ иницијативата за интерпелација за Гаши.

„Ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива и имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Опозицијата бара одговорност за инцидентот со косовската претседателка Османи во Скопје

Коалицијата „Вреди“, чиј кадар е Гаши, оцени дека интерпелацијата е „бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација“.

„Оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата Левица, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси“, соопштија од „Вреди“.

Интерпелациите не поминуваат

Според Деловникот за работа на Собранието, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ.

Интерпелацијата за Гаши што „Левица“ ја поднесе до Собранието има седум точки образложени на десет страници. Се наведува дека спикерот Гаши „уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски, неуставно и неделовнички“.

Во досегашната историја на македонската
парламентарна демократија, сите интерпелации ги поднесе опозицијата.

Во претходниот собраниски состав, во времето на СДСМ и ДУИ, „Левица“ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери.

Видете и ова: Џафери останува на функцијата, Собранието не ја прифати интерпелацијата

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелации и за поранешните министри за здравство, Венко Филипче, за правда, Бојан Маричиќ и за поранешниот вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, но тие не дојдоа на дневен ред додека поранешниот премиер Зоран Заев не се повлече, а со тоа падна и целата негова влада.

Имаше интерпелации и за поранешните министри за внатрешни работи и за евроинтеграции, Оливер Спасовски и Никола Димитров, но ни тие не поминаа.