Со војната во Газа, односите Русија-Израел стануваат уште покомплицирани

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и рускиот претседател Владимир Путин

Помалку од три недели по бруталниот напад на Хамас врз Израел, водачите на милитантната група се појавија во Москва на разговори со руски официјални лица.

За многумина од Западот, не само за самиот Израел, посетата на делегацијата на Хамас беше прст во окото на роднините на жртвите, повеќето од нив цивили. За блиските набљудувачи на руската политика, сепак, тоа не беше многу изненадувачки, и е одраз на комплицираниот пристап на политиката на Москва кон Блискиот Исток.

А потоа, тука е и самата проблематична историја на Русија со антисемитизмот, која излезе на површина на 29 октомври во севернокавкаскиот град Махачкала, кога насилна толпа се обиде да нападне патнички авион што пристигнува од Тел Авив, барајќи еврејски патници.

Се очекува односите на Кремљ со Израел сега да станат уште покомплицирани по нападот на 7 октомври и копнената израелска војна во Газа, каде што бројот на загинати меѓу палестинските цивили продолжува да расте.

Малку е веројатно дека насилството на толпата на аеродромот во Махачкала било оркестрирано од државата, вели Иан Лесер, извршен директор на бриселската канцеларија на германскиот Маршалов фонд и експерт за европски и блискоисточни безбедносни прашања.

„Тоа, јасно покажа дека постои резервоар на длабоко незадоволство и антисемитизам во Русија, особено во оние региони во кои мнозинството се муслимани, иако не само таму, и можеби токму сега Русија смета дека е погодно да дозволи малку од ова " вели Лесер.

„Антисемитизмот никогаш не исчезнал во Русија“, смета и Ана Боршчевскаја, виш соработник во Вашингтонскиот институт кој се фокусира на руската политика кон Блискиот Исток.

„Антисемитизмот секогаш периодично ја креваше својата грда глава. Беше закопан под површината, но не е првпат Русија да забележи излив на антисемитска активност и тоа не само во овој регион“.

Видете и ова: Антисемитските испади во Северен Кавказ го разоткриваат „опасното“ балансирање на Москва за војната во Газа

Гледано во поширокиот контекст на немирниот Блиски Исток, тоа значи дека врските на Русија со Израел се менуваат на нешто што може да биде драматично.

„Израел има комплицирани односи со Русија. Тоа не е тајна и не е нешто ново“, изјави Ејлон Леви, портпарол на кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Нетанјаху, најдолготрајниот премиер на Израел, негува поблиски врски со Владимир Путин, рускиот претседател со најдолг стаж, а Путин му се додворува на Израел во неговите напори да го зголеми регионалното влијание на Русија. Во своите мемоари од 2022 година, Нетанјаху го пофали интелектот на Путин и му се заблагодари за неговата политика за поддршка на Евреите.

Но, тие односи се „вознемирени“ од растечките економски и воени врски на Москва со земји како Иран, која вети дека ќе го уништи Израел и Сирија и за која е познато дека ги засолни и им помага на групите кои се непријателски настроени кон Израел.

Во Сирија, Русија има поморско пристаниште и друга воена инфраструктура што ја користеше не само за да го зајакне режимот на Башар ал-Асад, туку и за да го одржи поморското присуство во Медитеранот и американските сили кои се распоредени во североисточна Сирија, борејќи се заедно со курдските милиции.

Израел и Русија успеаја да избегнат конфликт иако израелските воздухопловни сили рутински гаѓаа сириски локации, вклучително и аеродромот во Дамаск, каде што беше познато дека транзитираат пратки со оружје и други резерви за Хезболах поддржан од Иран.

На 30 октомври, израелски воени авиони бомбардираа сириска база во јужната провинција Дара. И неколку дена претходно, израелски авиони нападнаа складиште за муниција во друга сириска база, каде што борците и офицерите на Хезболах, наводно биле Иранци и работеле заедно со сириските трупи.

„Многу години, Израел имаше механизам за координација со руското воено присуство во Сирија и додека ние напаѓаме цели во таа земја, Иран се обидува да испрати напредно оружје на терористите на север“, рече Леви.

Односот на Москва со Техеран е уште попроблематичен за Израел.

Русија одигра клучна улога во помагањето на Иран да ги развие своите нуклеарни капацитети, профитабилен извор на приходи за државната корпорација за атомска енергија Росатом. И Москва и Техеран велат дека напорите се насочени исклучиво кон мирно користење на нуклеарната енергија, производство на електрична енергија, иако тоа не го намали стравот на Израел, ниту на Соединетите Држави.

Меѓутоа, инвазијата на Украина во 2022 година суштински ги промени односите, се вели во извештајот објавен во септември на Европскиот совет за надворешни односи.

„Двете земји ги зголемија своите напори за заеднички да се спротивстават на западните санкции и политичката изолација. Иран, исто така, продолжува да ја шири својата нуклеарна програма на алармантно ниво, без противење од Москва“, напишаа авторите на извештајот, Ели Геранмаје и Никол Грајевски.

„Воениот придонес на Техеран во руските воени напори направи огромна разлика во способноста на Русија да истрае во тежок конфликт. Иран, некогаш секундарен играч, сега е еден од најзначајните соработници на Русија во војната во Украина“, додаваат тие.

Пред сè, Русија силно се потпира на Иран за да ги прошири своите можности за беспилотни летала, сега распоредувајќи илјадници камикази или дронови за набљудување за да ги таргетираат украинските сили, нешто што главниот командант на Украина го нотираше во есеј за Економист, минатата недела.

Непотврдените западни разузнавачки извештаи дека Хезбалах би можел да добие руски противвоздушни системи додаваат дополнително масло на огнот. Ништо од ова не остана незабележано во Израел.

„Во текот на последните неколку години, ние бевме длабоко загрижени за тоа со што Иран ја снабдува Русија, на пример, имаме докази дека иранските беспилотни летала биле користени за извршување злосторства врз невиниот народ на Украина, а тоа е врска што очигледно создава длабока загриженост кај нас“, изјави Леви за РСЕ.

Сепак, Израел е воздржан во критиките кон Русија поради тековната инвазија на Украина и се спротивстави на испраќањето оружје или критична опрема за помош на украинските сили.

До кој степен инцидентот на аеродромот во Дагестан одразува пошироки општествени проблеми или негативни ставови кон Евреите е нејасно. Но, имаше и пораст на антисемитската реторика од руските политичари во последниве години, вклучително и некои од самиот Путин.

Руските власти минатата година ги затворија руските операции на Еврејската агенција, официјална израелска организација која им помага на Евреите во Русија и околу поранешниот Советски Сојуз да емигрираат во САД.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Ова е мојот дом“: Војници од Русија и Украина служат во израелската армија

Некои Израелци го гледаа затворањето како казна за ставот на Израел за војната во Украина и за критиките од тогашниот премиер Јаир Лапид.

Потоа дојде Хамас

Палестинската милитантна група, прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија испрати неколку делегации во Москва низ годините, вклучително и неколку дена по нападот на Израел на 7 октомври, како и пред тоа, во март.

На состанокот во март, како што е опишано во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, се стигна до „непроменетата позиција на Русија за поддршка на праведно решение на палестинскиот проблем“.

И Москва одби да ја именува Хамас како терористичка група.

Од своја страна, Израел ја осуди Москва бидејќи била домаќин на делегацијата на Хамас, како и за посебната посета на иранскиот заменик министер за надворешни работи.

„Зближувањето со Хамас е во согласност со историскиот образец“, напишаа во својата анализа Милан Черни и Ден Сториев од Карнеги фондацијата за меѓународен мир.

„За време на Студената војна, Москва ги вооружуваше и на друг начин ги поддржуваше палестинските милитанти, вклучително и оние кои се ангажирани во тероризам, продолжувајќи да го прави тоа“.

Сепак, нагласуваат тие, тешко дека Русија квалитативно ќе ја зголеми својата поддршка за Хамас надвор од обичната реторика.

„Реалноста е дека за Москва, кризата на Блискиот Исток е можност да се претстави во регионот и пошироко како дипломатски партнер“, велат тие.

По нападот на Хамас врз Израел, Путин ја искористи својата прва јавна изјава за инцидентот за да ги обвини САД, обвинувајќи го Вашингтон и тврдејќи дека нападот е „жив пример“ за неуспесите на американската политика на Блискиот Исток.

„Можам само да замислам дека односите со Израел ќе се влошат, бидејќи колку што Русија имаше одредена двосмисленост, амбивалентност во односите со Израел во минатото и сакаше да го зачува тој однос од многу причини, симболичната природа на овој настан, плус оваа криза во Газа, мислам дека веројатно ќе се гледа во Москва како можност за искористување“, рече Лесер.

„Мислам дека тоа не беше драстичен прекин во руско-израелските односи. Но, секако имаше притисок со многу поинтензивни критики од руската влада отколку во минатото, особено против воените дејствија на Израел во Газа, а исто така и воздушните напади на Израел во Сирија, изјави Боршчевскаја за РСЕ.

„Но, секако имаше притисок со многу поинтензивни критики од руската влада отколку во минатото, особено против воените дејствија на Израел во Газа, а исто така и воздушните напади на Израел во Сирија. Значи, она што мислам дека треба да бараме е: до кој степен, и како Русија ќе одржува привидна рамнотежа меѓу односите со Израел и Хамас?“, вели таа.

Поголемото прашање, велат експертите, е дали Русија ќе има корист од превирањата на Блискиот Исток, на пример, со одвлекување на вниманието од надворешнополитичкиот приоритет број 1 на Кремљ сега: војната во Украина.

„Сегашната ситуација создава предизвици за Русија. Се согласувам дека има предизвици и за Русија, но придобивките се поголеми. Мислам дека Русија има корист токму од хаосот“, рече Боршчевскаја.

„Значи, постои тенденција да верувам дека придобивките ги надминуваат трошоците и ризиците за Москва“, заклучува таа.

И Лесер вели дека превирањата имаат малку негативни аспекти од гледна точка на Русија.

„Има многу малку негативни последици што се однесува до Русија. Очигледно, ако конфликтот ескалира во поширока војна на Блискиот исток, во која можеби ќе бидат вклучени и Иран и САД, тоа би почнало да отвора прашања што може да бидат проблематични дури и за Русија, заклучува Лесер.