Со мерки на Народна банка можно зауздување на цените на становите

Илустрација

Народната банка на Северна Македонија презеде дополнителни мерки за заштита на финансиската стабилност на банките, во услови кога пазарот на недвижности упатува дека има потреба од претпазливост. Поранешниот гувернер Петар Гошев смета дека мерката може да ги заузда цените на становите.

По трет пат оваа година Народната банка ја менува таканаречената стапка за противцикличен заштитен слој на капиталот на банките, што значи дека банките ќе мораат да чуваат повеќе резерви и со тоа да ги намалат средствата за давање кредити.

Како што објаснува поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев, мерката е превентивна и насочена да влијае на обезбедување капитал во случај на несакан напад врз финансиската стабилност на банките. Но, намалениот кредитен потенцијал на банките, додава тој, индиректно може да влијае и врз „смирување на пазарот на недвижности“.

„Логично е дека со мерката се намалува ликвидносниот потенцијал на банките за кредитирање, но имајќи предвид дека банките располагаат со прилично ликвидни средства, јас не очекувам дека тоа ќе изврши некаква контракција врз динамиката на кредитирање“, вели Гошев за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Наместо пари под перница, инвестиција во обврзница

Новата повисока стапка за противцикличен заштитен слој на капиталот на банките ќе се применува од 1 август и ќе биде зголемена за 0,5 проценти, според податоците на Народната банка. Зголемување на оваа стапка претходно беше направена во декември 2022 и во јуни 2023.

Од Народната банка во одговор за Радио Слободна Европа наведуваат дека мерката е преземена за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем на ризици, но дека при нејзиното носење земени се предвид и состојбите на пазарот на недвижности, кои како што велат, упатуваат на потреба од претпазливост.

Со овој инструмент Народната банка ги поттикнува банките да бидат ликвидни за да можат да ги исплаќаат своите побарувања, без разлика што ќе се случува на пазарот, на пример економијата падне во рецесија. Банките ќе мораат да чуваат поголем дел од својот капитал на своите сметки, но со тоа ќе го намалат обемот на давање кредити, вклучително кредити за недвижности, кои во изминатиот период покажаа висока стапка на раст.

Гошев вели дека со оглед на тоа што мерката ќе влијае врз кредитирањето, таа може да ја намали побарувачката на станови и на други недвижности, но според него допрва треба да се види како таа ќе влијае врз цените на становите.

„Ако мерката влијае на побарувачката на станови и на недвижности, тоа значи дека може да дејствува кон зауздување на растот на цените на овој сектор. Значи побарувачката би била помала, а со намалената побарувачка, продавачите нормално не би биле мотивирани натаму да ги зголемуваат цените или евентуално да почнат да ги намалуваат“, вели Гошев.

Видете и ова: Цените на становите растат - интересот стагнира

Цените на становите значително пораснаа, во ситуација кога годишно во земјава во просек се градат по околу 5000 нови станови. Зголемувањето на цените на недвижностите дојде прво по пандемијата со ковид-19, а потоа и со руската воена инвазија во Украина, кои донесоа висока инфлација.

Минатата година особено беше забележан изразен тренд на раст на цените на становите кој достигна околу 20 проценти во втората половина на годината, според податоците на Народната банка, од каде велат дека сепак оваа година има одредено забавување на растот на цените.

„Стапката на раст на станбеното кредитирање исто така забавува, а портфолиото на станбени кредити е здраво и со највисок квалитет и засега нема знаци за остварување на кредитниот ризик. Показателот на нефункционални кредити кај станбените кредитни производи и натаму останува низок и заклучно со првиот квартал во 2023 година изнесува 0,5 проценти“, велат од Народната банка.

Инфографика - Изградени станови во Македонија 2011 - 2021

Но, значителниот раст на цените на становите се случува додека во земјава се намалува населението, а во повеќе од третина од становите не живее никој, според податоците од последниот попис на населението спроведен во 2021 година.

Според Пописот во 2021 година, многу од становите во земјава се празни. Од попишани вкупно 839.174 станови во земјава, се живее во само 531.987 станови, додека останатите 307.187 се празни, меѓу кои скоро 60.000 само во Скопје.

Во последната деценија, цените на становите беа најниски во 2017 година, од кога почнува тренд на раст кој кулминираше во 2022 година.

Видете и ова: Има ли „кочница“ за банкарските провизии при плаќање сметки?

И додека се очекува да се види ефектот на стапката за противцикличен заштитен слој на капиталот на банките врз пазарот на недвижности, цените на становите во Европа покажаа намалување за прв пат од почетокот на нагорниот тренд кој започна во 2015 година. Цените сега се намалени за 1,5 проценти во споредба со четвртиот квартал од 2022 година, покажуваат податоците на Евростат.

Од Народната банка на Северна Македонија велат дека целта за порастот на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот не е директно за да се влијае врз пазарот на недвижности, туку за банките да се заштитат од евентуални ризици.

Анализите на Народната банка покажале дека растот на цените на пазарот на недвижности генерално ги рефлектира промените во понудата и побарувачката, а дека движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на ризици од поголема и нагла корекција на цените, што би можело да влијае врз остварувањето на кредитниот ризик во билансите на банките, но дека е потребна е внимателност.