Графити и мурали на артистите Драган Китановски- Драш и Марјан Димиќ- Мачка има на повеќе локации низ Скопје. Нивниот уметнички печат го има дури и на фасади на две нови згради, едната во Дебар маало, а другата во Капиштец.
Ако го гледаме Скопје како една празна сала и ако нема исцртани ѕидови, тоа е како да немаме што да изложиме, вели Драш.
„Од артистички аспект, има доволно простор за да се изразат сите артисти што сакаат. Мислам дека на Скопје му фалат многу повеќе исцртани фасади, бидејќи свесни сме за тоа колкава е таа монотонија. Одиш... зграда, балкон, прозор, ништо не се случува“, вели Мачка.
Тие во Капиштец и Дебар Маало цртаа на нови фасади, но ваквите дела може да бидат „лек“ за старите.
„Новите згради си имаат некоја своја убавина, ама стариве згради што ги јаде забот на времето може да се потрудиме да се сменат. Не мора сѐ да биде сиво и секоја фасада иста. Може да се покрие секое старо ќоше како на пример ѕидовите кои се исчкртани со навредливи пораки. Не е ни некоја голема ставка да се земат материјали, да се покријат некои работни трошоци, за тие што ќе го отсликуваат тоа да се даде некаков надоместок, за во многу поубаво катче да се претвори Скопје“, додава Драш.
Уметниците имаа иницијатива за менување на изгледот на основните училишта во Скопје. Нивни дела има на ѕидовите на училиштата „Кочо Рацин“ и „Димитар Миладинов“.
„Во основното училиште „Кочо Рацин“ бевме четворица цртачи, искречивме, нацртавме и секако е подобро отколку што било претходно. Чисто колку да им дадеме пример, мислам, свесни се веќе општиниве, ама треба да имаат поголемо разбирање и тие самите да прифатат дека е подобро за сите да се вложува во графити и во тој вид на уметност“, смета уметникот Драш.
Слободата на легалните ѕидови vs. адреналинот на недозволените места
Македонските графити уметници во 2021, добија легални ѕидови за уметничка креација. За слободна графити зона беа прогласени потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.
Градскиот трговски центар ја доби галеријата на графити и мурали „Градот убав“, во 2018, каде Драш и Мачка оставија свои дела.
„Онаму каде е дозволено можеш да останеш и со часови и да нацрташ нешто навистина поквалитетно. Кога ќе поминат луѓе да кажат: 'Па да, подобро вакви да се зградиве и ѕидовиве отколку да се со чкртаници, како што се низ Скопје, со политички пароли'. Треба да има легални ѕидови од аспект на тоа дека доаѓаат и многу странци особено во летниот период. Да имаме некое место каде ќе им кажеш: 'Дечки, овде може да цртате и да се чувствувате слободно, никој нема да ве казни. Но, од друга страна, некои други чувства се раѓаат и организмот лачи повеќе адреналин кога црташ некаде каде не ти е дозволено“, вели Драш.
„Не би рекол дека треба да има специјални, легални места, тоа е еден вид на улична уметност. Дали ќе биде легално или не, тоа пак зависи од самиот уметник и е дел од неговата одлука каде и зошто ќе го направи. Да, би било добро за помладите за некој кој сака да проба, да почне... Но, градот или населбата се доволни за уметникот да може да направи нешто доколку сака. А на легален начин, зборувам за убава фасада, би можело да се направи тоа преку градот или со дозвола на сопствениците на таа зграда“, смета Мачка.
Освен низ Скопје, Мачка и Драш имаат свои дела и низ други места во земјава, како Куманово, Гевгелија, Кочани... Но и преку граница, како Белград, Софија, Солун, Риека...