Смит: Санкциите на САД би биле поефикасни доколку им се приклучи ЕУ

Џон Смит, адвокат и поранешен директор на Канцеларијата за контрола на странски имот при Министерството за финансии на САД

Санкциите се моќни кога Соединетите Држави ги наметнуваат сами, но тие секогаш функционираат помоќно кога ќе им се придружат и други, како на пример Европската Унија или Велика Британија.

Ова за радио Слободна Европа го изјави Џон Смит, адвокат и поранешен директор на Канцеларијата за контрола на странски имот (ОФАК) при Министерството за финансии на САД, коментирајќи ги последните санкции наметнати од тоа тело за официјални лица од Република Српска.

Смит работел во оваа институција повеќе од 11 години, а од февруари 2015 до април 2018 година ја извршувал функцијата директор. Моментално работи како еден од клучните адвокати за прашања за национална безбедност во адвокатската фирма „Морисон и Фоерстер“.

РСЕ разговараше со Смит откако беше објавен последниот пакет санкции против четворица високи функционери од Република Српска, меѓу кои и членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.

На овој список се наоѓаат и македонски политичари и бизнисмени за кои САД смета дека биле вклучени во криминални и коруптивни активности.

Дали санкциите против клучните личности во раководството на Република Српска (Милорад Додик, претседателот на РС, од порано беше под санкции) значат дополнителна изолација на Босна и Херцеговина? Во моментов под санкции се Претседателот, Премиерот, Претседателот на парламентот, како и членот на Претседателството на БиХ од РС?

Токму така. Мислам дека американската влада се обидува да испрати јасна порака дека е загрижена за постапките на раководството на РС и сака да ја изрази својата загриженост на овој начин. Да бидеме појасни, ова не значи дека самата Република Српска е „отсечена“ од Соединетите Држави, туку значи дека нејзините лидери се санкционирани и дека САД повеќе нема да дозволуваат никаков бизнис меѓу тие поединци и Соединетите Држави.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Македонски државјани на црна листа на САД

Влијанието на санкциите врз поединци и државата

Што значи ова за Босна и Херцеговина, бидејќи значителен број високи функционери од Босна и Херцеговина се санкционирани од САД? Дали овие санкции се насочени само кон поединци, а не кон институциите што ги водат?

Тоа е малку и од двете. Законски, засегнати се само поединци. Законски, ако санкциите се против поединец, тогаш тие се однесуваат само на неа или на него и 50 проценти од се што поседува или повеќе. Не се работи за институциите на чело со нив, според американските закони, туку само за нивниот имот.

Во пракса, овие санкции секако имаат многу пошироко влијание. Тие значат дека секоја американска компанија или банка, секоја сериозна глобална компанија, банка или друг субјект, ќе размисли двапати пред да прави бизнис со вашата земја, бидејќи постои ризик од санкции, поради оние високи функционери за кои американските власти веруваат дека „залутале“.

Дали мислите дека во случајот на БиХ, санкциите против одредени политичари би биле поефективни доколку им се приклучи Европската Унија? Членовите на Европскиот парламент, како и многу експерти, побараа европски санкции конкретно против Милорад Додик?

Санкциите секогаш имаат посилен ефект кога се наметнати од неколку различни власти.

Кога самата Америка санкционира, тие санкции се многу силни затоа што целиот свет верува дека американската влада и економија се многу силни. Но, санкциите се секогаш повлијателни и поефективни кога им се придружуваат и други субјекти.

Се разбира, доколку ЕУ, Велика Британија и другите се приклучат со целосни санкции, тие би имале значително поголемо влијание, ова особено се однесува на ЕУ, поради географските врски меѓу Унијата и Босна и Херцеговина.

Впечаток е дека многу поединци и организации од земјите од Западен Балкан се на санкционираните листи на ОФАК. Кога зборуваме за бројки, како стои регионот во однос на остатокот од светот и каде е БиХ на таа листа?

Од една гледна точка, Балканот е релативно мала област, што се однесува до бројките. Нема многу санкционирани во споредба со другите правни држави.

Но, повторно, ако се погледне вкупната големина и фактот ќе видите дека има илјадници субјекти од Русија кои се санкционирани низ годините, или од Иран уште подолг временски период и тоа траеше многу долго време, а тие региони се многу поголеми.

Дали САД можат да комуницираат со санкционирани лица?

Да се вратиме на БиХ и на самото функционирање на ОФАК. Дали на американските дипломатски претставници во некоја земја, поточно во Босна и Херцеговина, или на други функционери им е дозволено да контактираат со лица под санкции?

Одговорот е не, освен ако (и ова е големо „освен ако“) американската влада не ги овласти тие активности. Речиси во сите случаи кога се работи за програми за санкции, кога сте под санкции, вие сте отсечени од САД. Тоа значи дека американските државјани и постојаните жители на САД, дури и ако се надвор од земјата, не можат да соработуваат со санкционирани лица.

Меѓутоа, властите можат да направат исклучоци, преку општи или специјални дозволи, во кои владата признава дека е во интерес на националната безбедност и надворешната политика на САД да дозволи одредени трансакции и преговори меѓу претставници на американските власти и санкционирани лица.

Но, не постои единствено правило за сите програми за санкции и понекогаш оваа информација е јавна, понекогаш не е. Треба да гледаме на секоја програма поинаку.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Агелер: Какви ќе бидат следните мерки за оние на црна листа, зависи од домашните институции

За конкретните случаи во Босна и Херцеговина, кој ги дава овие дозволи, дали е Стејт Департментот?

ОФАК е задолжена за тоа. Тие спроведуваат санкции, но тоа би го направиле без консултација со Стејт департментот. Во суштина, Стејт департментот и Министерството за финансии би требало да се договорат за опсегот на дозволата, па потоа да ја спроведат.

Колку се успешни санкциите?

Според достапните информации, САД во моментов санкционира 23 земји ширум светот, а некои од овие санкции датираат од 1996 година, а добар дел од тој период се совпаѓа со вашата работа во ОФАК. Според вас, колку беа успешни?

Мислам дека санкциите имаат различни резултати во однос на успехот. Генерално, на санкциите им треба долго време за да функционираат, а многумина често ги сметаат за неуспешни додека не успеат.

На пример, санкциите против Иран во голема мера беа оценети како неуспешни бидејќи не го убедија Иран да се откаже од напорите за создавање нуклеарно оружје, додека не успеаја да го доведат Иран на преговарачка маса за неговата нуклеарна програма. Но, повторно, претседателот Трамп подоцна се повлече од тој договор.

Можете исто така да ги погледнете санкциите против Бурма/Мјанмар. Тие беа оценети како успешни, бидејќи ги убедија воените власти да пристапат кон поделба на власта и да дозволат владеење на демократијата во земјата. Потоа, се разбира, воените власти ја сменија таа одлука и повторно ја презедоа власта.

Санкциите против апартхејдот во Јужна Африка генерално се сметаа за успешни. Апартхејдот повеќе не постои.

Но, што се однесува до санкциите и другите услови што веќе ги спомнав, сè уште чекаме, мислам, да видиме на долг рок дали тоа ќе функционира или дали режимот ќе продолжи да оди по својот пат и ќе го поткопува мирот и безбедноста во регионот.

Колку беа успешни американските санкции наметнати на Русија, организации и поединци од таа земја по инвазијата на Украина? Дали во овој случај соработката меѓу САД и Европската Унија, поради нејзината географска близина е клучна за нивната ефикасност?

Одговорот е дека тие и се успешни и не се успешни. Ако имате долгорочен став, ќе кажете дека претседателот Путин и Русија сè уште водат војна во Украина, борбите траат, а Путин вети дека ќе продолжи. Ако така гледаме на работите, санкциите не успеаја да го спречат Путин во неговото деструктивно однесување кон Украина.

Од друга страна, мислам дека без санкции, Русите ќе имаа стотици милијарди долари повеќе за финансирање на нивните воени операции, а Украина можеби до сега ќе паднеше. Едноставно, Русија би ја имала сета потребна технологија и ресурси за да ја поларизира Украина.

Да се вратиме на функционирањето на самиот ОФАК. Дали санкциите се оставени на дискреционо право на Комисијата или се вклучени други гранки на власта? Дали, да речеме, предлозите за нив ги даваат функционери на Стејт департментот кои се повеќе запознаени со одредени региони?

ОФАК никогаш не ги спроведува санкциите по своја дискреција. Тие се генерално одлука на целата влада. Како и со сите програми за санкции, на ОФАК му е дозволено да дејствува само во консултација со Стејт департментот. И сè зависи од неколку органи, не само ОФАК како оддел во Министерството за финансии и Стејт департментот.

Санкциите се спроведуваат по процес што го води Советот за национална безбедност на Белата куќа, во кој сите релевантни владини агенции седнуваат и одлучуваат кој е најдобриот следен начин на дејствување.

Тоа е разговор во кој Стејт департментот, Министерството за финансии, разузнавачката заедница, агенциите за спроведување на законот, Министерството за правда, а понекогаш и Министерството за трговија седнуваат на маса, по што се носат одлуки.

Видете и ова: САД го зголемуваат притисокот против корупцијата во Македонија и на Балканот

„Бришење“ од листата на ОФАК

Што треба да направат овие функционери или кои било функционери под санкции за да бидат отстранети нивните имиња од списокот на санкционирани лица?

Во основа постојат три начини на кои имињата може да се отстранат од списокот со санкции.

  • Како прво, секое лице може да го оспори тоа да биде санкционирано пред федералниот суд на САД и да се обиде да го убеди судот дека ОФАК нема доволно докази за да ги санкционира. Овој начин на дејствување речиси никогаш не функционира, бидејќи ОФАК има децениско искуство во наметнување санкции преку строг и ригорозен процес надгледуван од министерствата за финансии и правда, а Стејт департментот исто така мора да даде одобрение. Значи, генерално, доказите се секогаш доволни и ОФАК би победил на суд.
  • Другиот начин е поединците доколку бидат санкционирани веднаш да се обратат во ОФАК и да кажат - во ред, ме санкциониравте за оваа активност, нема да го повторам тоа. Се согласувам да го направам ова и ќе покажам докази дека треба да ми верувате кога ќе кажам дека го сменив моето однесување. Секоја година, стотици луѓе се отстрануваат од списокот со ветување дека ќе го променат своето однесување, а потоа го докажуваат тоа. Значи, ако сте поддржале трговија со дрога, кршење на човековите права, ако сте ја поткопале демократијата, во основа треба да покажете како ќе го промените вашето однесување. Понекогаш луѓето се бришат од списокот. Ова ретко функционира со режими, бидејќи политичарите и другите функционери ги зазеле своите политички позиции и не сакаат да ги променат.
  • Трет начин на кој имињата може да се отстранат од списокот е доколку се развијат програмите за санкции. Ако САД одлучат дека повеќе не мора да воведуваат санкции на никого во Западен Балкан, Босна и Херцеговина или која било друга правна држава, тогаш таа програма за санкции едноставно е прекината. Ако таа програма е завршена, тогаш генерално се отстрануваат сите имиња од списокот поврзани со таа програма.