Сложни партии владини реклами враќаат

Камери на прес- конференција во Владата.

Медиумите се враќаат на државна воденица, откако пратениците од власта и од опозицијата сложно изгласаа измените на Законот за медиуми да се разгледува по скратена постапка. Телевизиите и радијата ќе имаат на располагање околу 4 милиони евра народни пари.

Партијата која ги укина државните реклами во медиумите - СДСМ, заедно со ВМРО -ДПМНЕ, се согласија измените со кои се враќаат владините реклами да се носат по брза постапка во Собранието. На измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се спротивставија само двајцата пратеници од Левица, за кои ова е поткуп на медиуми, за што има договор меѓу власта и опозицијата.

Медиумскиот простор шест години беше ослободен од владини реклами. Владејачката партија – СДСМ, неколку месеци откако дојде на власт во 2017-та, го стопира рекламирањето на радио, телевизија, весници и билборди. Останаа само сервисните информации на јавниот сервис и на социјалните мрежи.

За нетранспарентно владино рекламирање, поткупување на медиуми преку реклами, спрегата власт-медиуми, претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции, години наназад.

И СДСМ додека беше во опозиција рекламирањето во медиумите со јавни пари го нарекуваше медиумска корупција. Сега, како владејачка партија сметаат дека новите законски измени се потребни за државните институции да можат да реализираат јавни кампањи од „исклучителен јавен интерес“. ВМРО-ДПМНЕ, кои на дневно ниво се конфронтираат со власта за сите прашања, сепак гласаа за потребата од носење на измените на Законот.

Медиумските здруженија против владиното рекламирање

„НЕ“ за владини кампањи во медиумите, порачаа медиумските организации и здруженија.

„Се добива впечаток дека во Собранието има некаков консензус околу овие законски измени и тоа е навистина, би рекол дека е чудно, затоа што партиите кои што никогаш за ништо не можат да се договорат, сега наеднаш брзо се решаваат и се договараат дека треба да истураат државни пари во медиумите“, вели претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ), Младен Чадиковски.

ЗНМ заедно со Синдикатот на новинари, Советот за етика, Центарот за развој на медиуми и Институтите за медиуми, за комуникациски студии и за истражувања за општествен развој, предупредија дека враќањето на државните реклами во медиумите може да влијае врз уредувачката политика, како што беше пример во минатото.

„Македонската демократија е многу фрагилна, кршлива и како таква сметаме дека еден ваков закон мора да помине низ сериозна дебата за да се зборува за тоа, на кој начин државни пари треба да се пласираат во медиумите. Нашиот став е дека државни пари може да се употребуваат во медиумите но за квалитетни медиумски продукти, за фонд за медиумски плурализам, кој ќе го дигне квалитетот на новинарството и на медиумите во целина. Со овој закон што се предлага тоа не е случај“, вели Чадиковски.

Видете и ова: „Свето тројство“ пред избори- нетранспарентна Влада, напади и притисоци врз новинари


Националните приватни телевизии ќе добијат најмногу пари

Според предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, 0,1 процент од реализираните приходите во државниот буџет за минатата година ќе одат за финансирањето на државни кампањи. На пример за 2023 се планирани околу 4,5 милиони евра, од нив досега се реализирани околу неполни 4 милиони. Ако сега се донесе законот, медиумите на располагање би имале околу 4 милиони евра.

Пари за државни реклами ќе добијат телевизиите, радијата и продукциските куќи.

Петте приватни национални телевизии – Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат М ќе добијат 65 отсто од парите на годишни ниво, а сателитските телевизии и радијата ќе добијат 25 отсто. Десет проценти од парите, пак, ќе одат на сметката на регионалните и локални телевизии.

За доделување на парите ќе одлучува Комисија составена од претставници на политичките партии, по тројца и од власта и од опозицијата.

Дел од националните телевизии негодуваа кога со закон им секнаа парите од државни реклами, бидејќи по тоа основ на нивните конта се слеваа милиони евра. Во меѓувреме петте телевизии здружени во Македонската медиумска асоцијација откако се намали рекламирањето по телевизии, што не е тренд само во земјава, оти рекламите одат на други платформи, излегоа со ново барање за враќање на државните реклами.

БИРН претходно пишуваше дека Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2010 до 2017 година им дала повеќе од 26 милиони евра на националните телевизии.

На една од дискусите за измените на Законот за медиуми, претставниците на петте национални телевизии бараа да добиваат 85 отсто од парите за државни реклами.

За „селективна финансиска поддршка“ обвинуваат од здружението за заштита и унапредување на интернет медиумите Онлајнмедиа, кои бараат да добијат статус на медиуми. Од Здружението велат дека парите ќе одат за поддршка на традиционалните медиуми, со што интернет медиумите се дискриминирани.

„Секој облик на насочување народни пари кон медиумите да биде разумен, неселективен, недискриминирачки, одржлив и наменет првенствено за поддршка на новинарите и на другите медиумски работници, а не на сопствениците на медиумите“, велат од Здружението.

Дозволите на радиодифузерите автоматски ќе се продолжуваат

Една од измените на Законот за медиуми предвидува автоматско продолжување на дозволите на радијата и на телевизиите на секој девет години, со што се доведува во прашање правото на регулаторот, во случајот Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги да одлучува.

Агенцијата ќе има право да не им ги продолжи дозволите на радиодифузерите, ако со судска пресуда е потврдено дека се огрешиле, односно создавале и емитувале програми со кои се загрозува националната безбедности, се поттикнува насилство, се шири говор на омраза, дискриминација инт.

Агенцијата за РСЕ вели дека го следи почитувањето на законските одредби од страна на радиодифузерите во текот на целото времетраење на нивните дозволи, а не само во одредени периоди, и доколку констатира прекршувања изрекува соодветни санкции.

„Целта на законот е да заштитат интересите на граѓаните, така што ќе се воспостават јасни правила за содржините што се емитуваат. Овие правила се усогласени со европските и воедно ја штитат слободата на изразување и слободата на медиумите“, одговорија од АВМУ.

Од АВМУ додаваат дека во Законот се точно пропишани условите за одземање на дозволата, а со предлог измените се предвидуваат критериуми кои се во насока на утврдување на случаите во кои може да се одбие продолжувањето на дозволите.

„Со тоа, а имајќи ја предвид улогата на АВМУ да делува како коректор на однесувањето и работењето на медиумите, се создава опкружување во кое медиумите можат да работат слободно, без каков било притисок“, велат од АВМУ.

Видете и ова: ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијата


Европско знаменце и европски критики

Измените на законот се носат со европско знаменце. Првиот собраниски филтер го поминаа неколку денови пред Европската комисија да го објави извештајот за напредокот на Северна Македонија кон Европската унија.

Во извештајот, ЕК потенцира дека се потребни поодржливи решенија
за да се поддржи опстојувањето на медиумите. ЕК го нотира и стравот на одредени медиумски здруженија кои сметаат дека со измените може да се поткопа независноста на медиумите и да се наруши медиумскиот пазар. Европската унија и досега предупредуваше дека во земјата европското знаменце се злоупотребува.

„И европските експерти кои учествуваа во подготовката на целокупниот медиумски закон неколкупати напоменаа дека ваквиот тип на измени воопшто не значат усогласување со европската регулатива, бидејќи таква унифицирана европска регулатива не постои, затоа сметаме дека треба да се преиспита овој начин и модел што се предлага“, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Првиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е донесен во 2013 година. Оттогаш до денес е променет 12 пати или во просек по еднаш годишно.

СДСМ во времето кога беше опозициска партија го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за контрола врз медиумите преку парите од државното рекламирање. Тогашната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше еден од петте најголеми рекламери во медиумите.

Видете и ова: Медиумите никако да им се погодат на властите

Реформите во медиумите и нивно ослободување од секаков политички притисок беше приоритет уште од 2015 година, кога и во извештајот на германскиот експерт Рајнхард Прибе за итните реформски приоритети беше наведено дека треба да ги спроведе новата влада.

Извештајот го изработи група експерти предводена од Германецот Рајнхард Прибе ангажирани од Европската комисија. Во извештајот беше наведено дека медиумите треба да се дистанцираат од партиски политики и да не бидат во служба на политичарите и партиите, а дека купувањето на политичка поддршка во медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо.