Поевтини се само средствата за чистење, ама тие не се јадат. Храната е поскапена, а таа што не е, сега се продава со намалена грамажа. Таман да се прелажеш дека си купил поевтино, а амбалажата полупразна, вели скопјанката Снежана С., две недели пред да истече владината мерка која требаше да донесе пониски цени овој месец и да ја зголеми куповната моќ на граѓаните.
Владата на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа за 10 отсто на 73 производи. Во таканаречената „есенска кошничка“ влегоа леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук, ориз, грав, тестенини...
Владината одлука, исто така, ги обврзува трговците да ги набавуваат и продаваат овие производи во месечни количини од најмалку 70 отсто од набавените количини во август.
Мерката ќе трае до 31 октомври.
Но, граѓани за РСЕ велат дека натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, со кои е одбележана кампањата на рафтовите, не значи и дека цените на производите навистина се - помали.
Забележуваат и дека дел од производите ги нема во маркетите.
„Во некои маркети, дел од рафтовите се празни, нешто што го гледавме во ковид-пандемијата. И не разбирам зашто. Така е кај млекото, на пример“, вели Снежана, која пазарува секој ден во маркетите во скопската општина Карпош.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сличен е впечатокот и на Васил Митрески од населбата Црниче. Тој храна купува од маркетите во центарот на Скопје и од блискиот Зелен пазар.
„За себе за појадок купувам млеко во тетрапак, постојано од истиот бренд. Впечатокот ми е дека е поскапо од тоа што беше пред да речат дека ќе се намалат цените. Забележав дека и друго млеко, што го купуваме за синот од пет години, често го нема во продавниците. Дали е случајност, и јас се прашувам“, вели Митрески.
Граѓани велат дека времето додека власта ја усогласуваше кошничката, трговците го искористиле за да ги зголемат цените. Исто така, забележуваат повисоки цени на производи што не се опфатени со мерката.
Казнети маркети во Скопје, Битола, Струмица, Охрид...
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) заклучно со 5 октомври извршил повеќе од 500 вонредни инспекциски надзори во маркетите и утврдил низа манипулации.
„Цените на основните прехранбени производи, односно на производите опфатени со Одлуката, се намалени кај повеќето трговци, но затекнати се трговци кои во моментот на надзорот вршеле нивелација на цените, но одредени трговци не ги намалиле цените и не ставиле ознаки пропишани во Одлуката. Дел од правните субјекти се задолжени со доставување на дополнителна документација до пазарниот инспекторат за во целост да се утврди фактичката состојба“, велат од Инспекторатот за РСЕ.
Видете и ова: Затворени 10 маркети, казни од 100 илјади евра за непочитување на одлуката за цените
Инспекторите забележале дека трговците ја менуваат грамажата на производите, особено кај кафе, леб, и кисело млеко. Дополнително, користеле манипулативни мерни единици - наместо да нудат вода и јогурт во стандардни литри или милилитри, во маркетите се појавуваат амбалажи во килограми или грамови. Тоа им овозможува да заштедат на трошоците, но потрошувачите плаќаат повеќе.
Инспекторите издале 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари или околу 70.000 евра.
Казнети се маркети во Скопје (Aрaчиново и Чаир), Битола, Струмица, Валандово, Охрид, Куманово, Гостивар, Струга...
Горан Трајковски, директор на ДПИ, изјави дека казните од 7.000-10.000 евра се мали со оглед на тоа што станува збор за големи синџири маркети со големи заработки.
Краткорочна и неефикасна мерка, велат економистите
Економскиот експерт Павле Гацов смета дека мерките како што е замрзнување на маржата, не даваат ефект.
„Таа мерка е краткорочна, неефикасна, непазарна. Треба да се најдат механизми кои треба да бидат структурни. Првата структурна работа би била зголемување на понудата, тоа на краток рок никако не се прави. Втората е ова прашање системски да се реши преку Законот за нефер трговски практики. Вакви мерки, со траење од еден месец, мислам дека се гасење пожари и веднаш после тоа може да имаме ново зголемување на ценитешто ќе поништи ова зголемување многу брзо, можеби две недели откако ќе измине рокот“, изјави Гацов за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Државата ја скрои кошничката, граѓаните ги празнат џебовитеИ во Организацијата на потрошувачи не очекуваат дека граѓаните ќе почувствуваат намалување на цените за еден месец, колку што трае ограничената маржа.
„Малку време се даде за таа мерка да заживее, граѓаните да почувствуваат ефект, оти еве што се случува - се намалува грамажата, па производот на крај го купуваме и поскапо, се изнаоѓаат нови и нови методи за производот да не влезе во групата со ограничена маржа, изјави Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи, за РСЕ.
Економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека континуираниот раст на цените е последица на намалено домашно производство на храна и каква било владина мерка може да има само кратокорчен ефект.
„Нашава земја станува заложник на увозот. Се повеќе увезуваме, се помалку произведуваме за широка потрошувачка. Мора да смениме мајндсет, мора да ја промениме стратегијата со која ќе се поддржи домашното производство, кое секако треба да има директно влијание во намалување на цените. Ако продолжиме да бидеме зависни од увоз и цените ќе бидат повисоки“, рече Халили во изјава за РСЕ.
Видете и ова: ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите
Проценките на Владата беа дека со ограничувањето на маржите, трошоците за храна и за безалкохолни пијалаци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти.
Како што најави Владата, по есенската треба да има и пролетна кошничка по пониски цени, исто како и за божиќните, рамазанските и велигденските празници, за производите што во тој период најмногу се трошат.
И министерката за финансии е против мерката
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска потврди дека на владината седница на која се носела одлуката за ограничување на бруто-профитните маржи била против ваквата мерка.
„Кажав дека не се согласувам и сè уште стојам на ставот дека сум против замрзнување маржи и сметам дека не носат никакви резултати, повторно само поради една причина, затоа што сметам дека немаме доволно стручни лица што ќе можат да ги следат овие, ајде да кажеме, анализи и пресметки што дополнително се прават од надлежните институции или од инспекторите кога излегуваат на терен“, рече Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата на која го презентираше сработеното во нејзиниот ресор во првите 100 дена на Владата.
Таа смета дека Законот за нефер трговски практики повеќе ќе го регулира пазарот отколку „овие математики што ги правиме“. Овој закон стапи на сила на 28 септември, однодно веќе се применува.
За него надлежна е Комисијата за заштита од конкуренција. Но, таа до крајот на годинава нема да ги казнува манипулаторите со цените, туку само ќе ги опоменува.
Видете и ова: Димитриеска-Кочовска: Не се согласувам со мерката за замрзнување на ценитеИ Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, го коментираше ограничувањето на маржите за производите и случувањата во маркетите. Тој во телевизиска емисија кажа дека она што го прават маркетите е крајно безобразно.
„Кога ќе ги видите влезните фактури на царина, и кога ќе ги видите маржите и профитите во овие маркети е навистина нефер кон купувачите. Но, ние нема да останеме само во квалификации на безобразно. Ќе има ригорозни мерки, затоа што ова што се случува не е во ред“ рече Стојаноски.
Но, министерот за економија Дурмиши, смета дека првите резултати со намалени цени според овој закон ќе се видат на крајот на октомври, кога ќе се потрошат залихите од претходните договори меѓу производителите, преработувачите и трговците и ќе почнат да се продаваат производите согласно новите договори.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.
На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.