Четириест годишниот мајстор Спасе Т. од Скопје со години работи во градежништвото, но во сива зона, што значи дека за неговиот труд добива пари на рака и со тоа ги избегува давачките кон државата.
Без фирма на свое име, тој ни раскажа дека причината поради која работи на тој начин се високите трошоци за одржување во услови кога нема стабилни и редовни приходи.
„Некогаш заработувам и по стотици евра месечно, но некогаш кога нема работа со парите што ги заработувам се обидувам да врзам крај со крај“, вели тој за РСЕ.
Тој ни објасни дека проблем за него е кога понекогаш со месеци чека некој да му плати за веќе завршена работа, што пак дополнително му го отежнува планирањето на парите за материјал од една страна, но и за државните давачки од друга страна.
Спасе е меѓу илјадниците непријавни работници во земјава, а секторот градежништвото учествува со 16 проценти во вкупната неформална економија (сива економија) на Северна Македонија која изнесува 700 милиони евра на годишно ниво поради неприбрани фискални приходи, што е 21,3 отсто во вкупната економија на земјата (БДП), според последното истражување на Институтот „Фајнанс Тинк“ (Finance Think).
Иако процентот на сива економија во градежништвото е висок, сепак повеќе од половина од неформалните работници се во секторот земјоделие и неплатените семејни работници, а анализите покажуваат високи стапки на сива економија во трговијата, угостителството и туризмот.
Одесувањето на граѓаните и фирмите од една страна е причина зошто сивата економија со години останува на високо ниво, а од друга страна е високата толерантност на носителите на политики кои не водат битка против сивата економија, вели за РСЕ Благица Петрески од Фајнанс Тинк.
„Секој нека си го постави прашањето кога во некоја продавница му рекле „ако платиш во готово цената е пониска за 18 проценти“, повеќето од граѓаните тоа не го одбиваат бидејќи имаат директен и краткорочен бенефит, односно платиле пониска цена. Или, кога во кафуле не добиваат фискална сметка, тоа е поврзано со нашиот фискален морал кој во општеството останува релативно низок“, вели Петрески.
Видете и ова: Данокот на профит не е клучен за привлекување странски фирмиИлјадници работат непријавени
Обемот на работници во сивата економија бележи намалување во последните години според збирната статистика на МАК-СТАТ, но бројката и натаму е голема.
Во 2022 година неформално работеле 11,8 отсто од работоспособното население, што двојно помалку споредено со 28,6 отсто во 2008 година.
Но, во моментов и натаму над 80.000 работници работат во неформалниот сектор ако се пресметаат 11,8 отсото од 690.000 официјално вработени според Државниот завод за статистика и кои плаќаат придонеси.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов вели дека сивата економија е „рак рана“ не само на македонскиот работник туку и на државата во целина која ја чини државната каса стотици милиони евра од неплатени или помалку платени придонеси од социјално осигурување.
„За синдикатите не е јасно од кои причини владите во Македонија во изминатите 30 години ја толерираат оваа појава. Очекуваме новата Влада сериозно да му пристапи на овој проблем со ставање во ред на плаќањето на плата во плик, со што државата губи огромни приходи на годишно ниво, а за сметка на тоа се богатат газди и бизнисмени“, вели Трендафилов.
Според ССМ, растот на платите треба да биде еден од начините на борба со непријавената работа или нецелосно пријавената работа, како и зголемени инспекциски надзори во дејностите каде што најчесто се случува, во угостителстсвото и туризмот, градежништвото, трговијата.
Видете и ова: Владата најавува дека најголемите заработувачи меѓу компаниите ќе имаат понизок данокМногу нејаснотии за сивата економија
Според анализите на Институтот Фајнанс Тинк, проблем е што не е доволно јасно од што се состои целосната сива економија на Северна Македонија.
Проценките се дека неприбраните државни приходи од вкупната сива економија се на ниво од околу 700 милиони евра, но од Институтот велат дека досега детално анализирале два главни сегменти.
Првиот е непријавениот и подпријавениот труд, на кој може да се припишат околу 250 милиони евра, значи една третина.
Вториот сегмент се нерегистрираните претпријатија, односно лица и групи кои вршат дејности како молеро-фарбари, производители на торти и колачи, продавачи на зеленчук и овошје, занаетчии итн. Овој сегмент по обем е значајно помал од првиот.
Третиот сегмент, којшто се уште не е детално анализиран од Фајнанс Тинк, се однесува на потпријавување или непријавување промет, со цел главно да се избегне плаќање на ДДВ обврската и според Институтот на него може да се припише остатокот од овие 700 милиони евра изгубен приход во буџетот.
За овој сегмент од Институтот велат дека се потребни податоци од Управата за јавни приходи (УЈП) кои не се јавно достапни, а кои може да се обезбедат во соработка со институтциите, преку посебни протоколи.
Видете и ова: Министерството за финансии побарало одземање лиценца на две друштва за игри на среќаЗа целосно непријавените работници, Петрески вели дека не се голем проблем со оглед дека зафаќаат околу 10 проценти од вкупно вработените, а повеќе од половина од нив се неплатени семејни работници во земјоделството.
Поголем проблем, вели таа, се нецелосно пријавените работници осигурени како вработени на минимална плата или на помалку часови работно време, а на кои им се доплатува на рака или во плико остатокот од извршената работа за да се избегне плаќање на давачки.
„Овој сегмент е голем, би рекла фрапантен. Проценките се дека повеќе од петтина од вкупниот трудов придонес останува под радарот на властите. Грубо, тоа се изгубени околу 250 милиони евра фискални приходи годишно за државата во форма на директни даноци и придонеси“, вели Петрески.
Во анализата се опфатени работниците кои работат неформално во рамки на регистрираните фирми и работниците кои работат во нерегистрирани фирми, а се вели дека тие обично се платени под законската минимална плата. Тие главно работат во мали претпријатија, или како самовработени поединци или неплатени семејни работници.
Оваа категорија работници првенствено опфаќа мажи со пониско ниво на образование отколку жени во различна демографија.
Потребна е силна волја и добра екипираност
Во Северна Македонија, напорите на Владата за решавање на сивата економија е преку повеќе стратегии, меѓу кои Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023-2027 година и Стратешкиот план на Управата за јавни приходи 2023-2025 година.
Од Фајнанс Тинк велат дека меѓу мерките на Владата за сузбивање на сивата економија може да биде финансиска помош за малите градежници, молери, автомеханичари и слични даватели на услуги за да поттикне нивно формализирање.
„За борбата со сивата економија битна е силна политичка волја, одлучност за непристрасност и неселективност и секако добра екипираност на инспекторските институции, примарно УЈП и Државниот инспекторат за труд (ДИТ)“, вели Петрески.
Исто така потребни се едукативни кампањи, строги мерки на „платите во плик“ од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, механизми за следење на средните компании за намалување на загубената бруто додадена вредност (БДВ), како и подобрени механизми за следење на приходите од вработување, и образовни кампањи за различни групи, за да се ублажи нецелосното пријавување на приходите, со што ќе се зајакне даночната усогласеност.