Скопјанката Бојана Стојчевска денеска не успеа да добие здравствено осигурување за својата ќерка. Остана со документите в рака пред подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) во Скопје, заедно со десетици други граѓани кои на вратата на ФЗОМ ги пречека натпис „штрајк“.
„Бев и во петокот, ме вратија за извод не постар од шест месеци. Додека вадам документи, платив 5.500 денари за испитување во приватна лабораторија. Ќерката беше осигурана кај сопругот, кој работи во едно јавно претпријатие. Кога бевме кај лекарот минатата недела, разбравме дека претпријатието не им платило здравствено осигурување. Сакам да го префрлам нејзиното осигурување преку мојата фирма, но еве штрајкуваат. Ни децата не ни се осигурани, за што плаќаме за здравство, зарем да го откажам терминот што едвај го закажав “, изјави Стојчевска за Радио Слободна Европа.
Вработените во Фондот за здравствено осигурување од денеска го почнаа штрајкот поради, како што тврди Синдикатот, препораката на Владата од од 9 јануари за намалување на платите во ФЗОМ од 21 отсто.
На шалтерите во подрачните единици има само по еден вработен. Се вршат само неопходните задачи - пријава на малолетно лице како член на осигурување, регулирање на осигурување на хоспитализирано лице и лекување во странство на итни случаи.
Видете и ова: Трендафилов – Веќе е донесена одлука за штрајк за платите во ФЗОРецепти за лекови и упати ќе има, односно ќе работат електронските сервиси. Лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените, продолжуваат непречено да работат.
Сите останати услуги за граѓаните не се можни додека трае штрајкот. Нема да се исплаќаат боледувања и породилно отсуство, за осигурување во странство, т. е. за двојазичните обрасци. Нема да се примаат барања за рехабилитација или за надомест на ортопедски помагала. Нема да се работи на пресметки за исплата на плати во јавното здравство, капитации за матичните лекари, а нема да се реализираат ниту новите вработувања и преместувања во здравството.
Според Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ, не се врши исплата и на сите кои имаат договор со ФЗО, тоа е јавното здравство и огромен дел од приватното здравство.
„Досега нема пријавено никакви инциденти ниту проблеми, граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме. Поддршка добивме од сите синдикати во здравството. Лекарските комисии кои ги продолжуваат боледувањата си продолжуваат непречено да работат. Не ни е идејата врз болни лица да тераме правдина“, изјави Аџигогов.
Видете и ова: Од понеделник штрајк во Фондот за здравствено осигурување, најави синдикатотВработените во ФЗОМ бараат да не им се намалуваат платите, туку да останат во висина на декемвриската плата. Платата за јануари не ја земале и не можат да ја земат додека не се донесе одлука од Управниот одбор.
„Расположението е да се тера до крај. Не бараме ништо повеќе, бараме само да ни останат платите во оваа висина како што беа со декемвриската плата. Апелираме до Владата, на утрешната седница да се разгледа ова наше барање, како што донесоа заклучок со препорака Управниот одбор да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бодот (77,16 денари) и така да биде до крајот на оваа година. Апелирам до Министерството за финансии да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган, министерство, да игра на емоции на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во ФЗОМ. Многупати сме кажале дека ФЗО е институција со најголем буџет во државата и Фондот секогаш има пари“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ).
Вработени од ФЗО минатата недела се собраа пред просториите на Фондот, изразувајќи незадоволство од можното намалување на платите.
Од Министерството за финансии потоа соопштија дека не станува збор за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Платите во Фондот за здравство во текот на 2023 година, како што соопштија од Министерството за финансии, се зголемени повеќе пати и тоа 2 100 денари или околу седум отсто во март 2023 година со усогласувањето со минималната плата, зголемување од 2,5 проценти во јануари 2023 година и 3,5 отсто во август 2023 година.
„Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот, да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ, не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените, ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.
Според синдикатот, со одлуката ќе бидат засегнати 831 вработен во ФЗОМ. Ако се намалат платите, 25 проценти од вработените ќе добиваат плата под минималната, а 25 проценти колку минималната плата.
Буџетот на ФЗОМ „расте“ низ годините, покажуваат податоците од интернет-страницата на Фондот. Од 23 милијарди денари во 2018 година, стигна до 28,8 милијарди денари во 2022 година. За функционирање на Службата на ФЗОМ биле определени 570,7 милиони денари во 2022 година. Најголем дел, 68 отсто, се за плати за вработените.