Купувањето преносливи системи за противоклопна борба од САД за потребите на Армијата на Северна Македонија е проект започнат во 2021 година и треба да заврши до 2028 година, објаснуваат од Министерството за одбрана, откако деновиве договорот за набавката доби зелено светло од Владата.
Проектот за купувањето на овие системи, познати како „џавелини“, е вреден околу 40 милиони долари. Тие се наменети за лесната пешадиска баталјонска група.
„Финансирањето на овој проект е комбинирано со национални финансиски средства и финансиски средства од владата на САД“, велат од Министерството за одбрана за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Покрај набавката, како што посочуваат оттаму, проектот вклучува и „техничка поддршка, симулатори за обука, предвидена обука за ракување, одржување и чување и потребен број на противоклопни ракети за системите“.
Видете и ова: Старото источно вооружување на АРМ постепено ќе се менува со ново западноИ од Владата и од Министерството за одбрана наведуваат дека купувањето нова опрема е за модернизација и опремување на Армијата за да се постигне „целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО“.
Владата во Скопје ја усвои информацијата за склучување договор со американската влада за системите за противоклопна борба на 5 март наведувајќи дека „притоа е утврден усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање MK-B-UCF JAVELIN – JLTV“, помеѓу двете страни.
„Со оваа владина одлука е продолжена веќе започната постапка за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата од составот на лесната пешадиска баталјонска група“, појаснија од Владата по седницата.
„Џавелините“ се всушност проектили кои се користат во противоклопна борба, како што е на пример, гаѓањето тенкови.
Вест за набавка на „џавелини“ од САД пред околу два месеци осамна и за Косово откако САД објавија дека одобриле купување на овие противтенковски ракети од владата во Приштина. Тогаш српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека ваквата одлука на американските власти е „големо разочарување“. Србија, пак, која се се декларира како воено неутрална земја и купува оружје и на исток и на запад, на средината на февруари претстави систем против дронови купен од Русија, кој бил договорен и купен пред руската инвазија на Украина.
Видете и ова: Време е да се надминат регионалните конфликти - НАТО состанок во СкопјеЗа лесната пешадиска баталјонска група се набавуваат и лесни оклопни возила
Опремувањето на лесната пешадиска баталјонска група со преносливи системи за противоклопна борба за Армијата е само еден дел од договорот на Северна Македонија со САД.
Министерството за одбрана, како што појаснуваат оттаму, уште во септември 2018 година со одлука на владина седница било задолжено „да ги искористи можностите за опремување на декларираните сили, посебно за лесната пешадиска баталјонска група“.
По ваквата задача, склучен е договор за опремување на оваа единица на Армијата. Овој договор е за периодот од 2019 до 2028 година и покрај системите за противоклопна борба, предвидува и купување на оклопни возила.
Во прашање се лесни оклопни возила на тркала од типот ЈЛТВ (JLTV) и „Страјкер“ (STRYKER).
Видете и ова: Нови американски оклопни возила за македонската АрмијаДосега, како што е познато, пристигнати се 32 лесни оклопни возила и веќе се ставени во употреба. Овој дел од проектот за оклопни возила треба да заврши до 2027 година, што значи дека во наредниот период треба да пристигнат и нови. Според претходните најави од министерката за одбрана Славјанка Петровска, оклопни возила „страјкери“ се очекува да бидат испорачани кон крајот на оваа година.
Вредноста на проектот за лесни оклопни возила е 200 милиони долари и неговото финансирање е комбинирано од државни пари и финансиски средства од владата на САД, исто како и во случајот со преносливите системи за противоклопна борба.
„Во цената покрај лесните оклопни возила на тркала влегуваат и симулатори за обука, обука на персонал од Армијата за управување и одржување, резервни делови за поправки и потребното вооружување од различен вид и калибар за исполнување на мисијата на лесната пешадиска борбена група“, велат од Министерството за одбрана.
За нова опрема во 2024 предвидени се речиси 100 милиони евра
Со носењето на државниот буџет за 2024 година, за одбраната Северна Македонија одвои историски најголеми 2,05 отсто од БДП. Тоа е речиси 330 милиони евра или 50 милиони повеќе од буџетот за лани.
Од нив, за инвестиции во нова и модерна опрема годинава, како што посочија од Министерството за одбрана на крајот на декември 2023,се предвидени една третина односно речиси 100 милиони евра што е за 10 милиони евра повеќе од претходната година.
Сумирајќи го постигнатото во 2023, од овој ресор на крајот на декември порачаа дека продолжуваат со реализација на другите набавки што се очекуваат во следните неколку години, посочувајќи ги тука новите системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериските системи од Турција.
Ќе се набавуваат и дронови
Планирана е и набавка на софистицирани дронови за Армијата кои би ги користеле и други институции. За нив, Петровска во своите јавните настапи најавуваше дека годинава ќе се започне формално со набавката.
Меѓу опремата што планира да ја купи Северна Македонија се и осум повеќенаменски хеликоптери. Во меѓувреме, лани беше потпишана рамковна спогодба со Чешка за набавка на резервни делови за воздухопловите на Армијата. Во првата половина на 2024, се очекува од Чешка да пристигнат и два ремонтирани транспортни хеликоптери Ми 8/17.
Од Одбрана најавија дека одлуката за осум нови хеликоптери ќе биде донесена на почетокот на оваа година. Петровска потоа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на крајот на јануари, посочи дека ставот на управната група е да се прифати понуда од италијанскиот производите „Леонардо“ и оти треба да се премине кон следната фаза - кон комисијата за набавки и преговори со компанијата. Понудата, како што појасни, подразбира набавка на два типа летала „агуста 149“ и „агуста 169“. Едниот со носивост за 14 патници со опрема, а другиот до осум патници.
Оваа набавка треба да чини околу 230 милиони евра.
Видете и ова: Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира воени авиониНа долгорочен план, за модернизација и опремување на Армијата, како што и претходно најавуваше министерката, во периодот од 2019 до 2032 година ќе се потрошат околу 900 милиони евра. Оваа сума не е фиксна туку се работи за проценка за трошоците. Процесот треба да овозможи старото советско и југословенско оружје постепено да се заменува со нови системи од западно производство.
За дел од старата опрема, како што се тенкови, авионите „сухои“ и хеликоптерите Ми 24 беше донесена одлука да и се донираат на Украина која се соочува со инвазија од Русија.
Северна Македонија на 27 март годинава ќе одбележи четири години од приклучувањето на НАТО. Членките на оваа алијанса, пред десет години се согласија дека за една деценија ќе постигнат квота со која најмалку два отсто од националните буџети ќе бидат наменети за одбраната.