Што се учи на Вагнеровиот курс за борбени дронови?

Телеграмските канали поврзани со платеничката група Вагнер на 25 септември тврдеа дека организацијата продолжува да работи во Африка и Белорусија, и покрај смртта на нејзините основачи Евгениј Пригожин и Дмитриј Уткин во мистериозна авионска несреќа во август.

Во Русија, Вагнер сè уште води некои бизниси и центри за обука. Едно од овие училишта, наречено Октагон, обучува оператори на беспилотни летала камикази FPV (поглед од прво лице) во Санкт Петербург. Ваквите борбени беспилотни летала обично носат евтина експлозивна боева глава и се контролираат преку директно видео пренос на пилот кој носи специјални очила како оние што се користат за виртуелна реалност.

На курсот се пријави новинар од руската редакција на Радио Слободна Европа, кој не кажа дека е новинар. Таму дознал како се спроведува обуката и зошто Вагнер не препорачува потпишување договор за служење во руската армија. Неговото име не е објавено од безбедносни причини.

Програма за симулација на управување со дрон на курсот на Октагон.

Се пријавив на курсот за беспилотни летала на Вагнер, што секој може да го направи, и бев прифатен без прашања.

Курсот се одржува во поранешниот Вагнер центар, кој неодамна беше ребрендиран како Morskaya Stolica (Морска престолнина). Зградата изгледа празна.

Во огромниот простор на влезот нема место за седење и го чекав инструкторот на бирото каде што работи младиот рецепционер и обезбедување. Ни кажаа да дојдеме во 11 часот, но последните двајца од четирите учесници на курсот доцнеа.

„Мислев дека во војска треба да пристигнеш во 11 и ни секунда подоцна“, се пошегував за да го започнам разговорот.

„Да, сега сме кадети. Се ќе биде како во војска“, се смее Сања, геодет кој дошол од далечниот исток на Русија за да го следи курсот. Неговите претпоставени го испратиле во Санкт Петербург да тренира за употреба на дронови FPV. Неговиот интерес е строго професионален - сака да се усовршува и да заработува повеќе како геодет, а не да оди во војна.

Неофицијална спомен плоча на лидерите на Вагнер пред зградата позната како Вагнеров центар.

„Нема курс за обука за беспилотни летала FPV на 5.000 километри од местото каде што живеам, па летав овде. Сега кога сум тука, барем ќе одам да го видам Петерхоф (познатата царска палата во близина на Санкт Петербург)“, вели Сања.

Додека го чекаме нашиот инструктор, жителите на Санкт Петербург во групата му даваат на Сања повеќе совети за тоа што да види во градот. Се чини дека тој е најзаинтересиран да го види гробот на основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин. Тоа требаше да биде шега, но тој вети дека ќе оди таму за време на викендот.

Грбот на украинскиот град Бахмут покрај знамето на вагнер во центарот за обука.

Учесникот на курсот, Јан, е еден вид воен помошник кој има задача да носи резерви на муниција, комплети за прва помош и друга опрема на руските војници на фронтот кои учествуваат во инвазијата на Украина. Меѓу работите што ги носи на фронтот се и дронови. Но, ова се обични квадрокоптери, а не високо специјализирани FPV дронови. Тој е единствениот од нашата група што реши да војува.

„Зошто?“ прашувам.

„Дали некогаш било пукано во вас?“, одговара Јан со прашање.

Јан изгледа чудно лут на украинската армија затоа што пукале во него додека бил на линијата на фронтот во Украина. Се покажа дека се работи за нешто друго. Украинските војници прецизно пукале и го убиле пријателот на Јан.

Јан вели дека првично сакал да биде медицински инструктор, но обуката што ја добил не ја сметал за доволна од страна на руската војска, па наместо тоа, тој одлучил да стане оператор со беспилотни летала.

Последната од моите три соученици е Јулија. Таа работи во градежништвото и има потреба од вештини за дронови за да ги надгледува градилиштата. На вториот ден од курсот и се слоши и го одложи тренингот за друг термин.

Инструкторот со воено име Глаз (око) на крајот се појавува 15 минути по закажаното време за состанок. Не носи на 17-ти кат од зградата. Претходно, вели Глаз, тие биле на четвртиот кат, но сега тренингот на Октагонот се проширува.

Курсевите имаат две опции: една недела со пет лекции за 35.000 рубли (330 евра) или две недели со 10 лекции за 70.000 рубли (660 евра). Пократкиот курс се нарекува „Јуриш“, а двонеделниот курс „Про“.

За време на курсот „Про“, учесниците учат како да склопуваат и управуваат со беспилотните летала камикази “Хортензија“ кои се масовно произведени во Русија. Покрај тоа, тие одат на полигон каде што и покрај регионалната забрана за летови со беспилотни летала, специјализантите ги оперираат на отворено.

„Ако има проблем, ако дојде некој - полиција или кој било - ја преземам целосната одговорност“, рече подоцна Глаз. Вие немаше ништо со тоа.“

FPV дрон со лажен товар за време на курсот.

Инструкторите се претежно поранешни војници или воени доброволци. Претходно, тие работеа со борците на Вагнер на фронтот во Украина и ги учеа како да користат беспилотни летала FPV таму. Тие претходно не учеа цивили. Инструкторите добија средства од сега починатиот шеф на Вагнер, Пригожин.

Денес, единствениот потсетник дека зградата Морски е поврзана со Вагнер е импровизиран споменик со знамиња на Вагнер и царски, руски транспаренти и цвеќиња.

До цвеќињата се фотографиите на оние кои загинаа во августовската авионска несреќа во регионот

Таму им е оддадена почит и други „патриоти“ кои ги дадоа своите животи за режимот на Владимир Путин и идејата за „руски свет“, вклучувајќи ја и Дарија Дугина, ќерката на рускиот националист Александар Дугин, поврзан со Кремљ.

Вагнер центарот во Сакт Петербург, фотографиран во 2022 година, пред ребрендирањето во деловен центар.

Пригожин еднаш влегол во објектот за обука.

Се шеташе, се поздравуваше со сите и се интересираше да ги види работите и да слушне како функционираат“, вели младиот инструктор со воено име Берлин.

„Дали е трениран да управува со дрон“, прашувам.

„Не, тој имаше многу други работи“, одговори инструкторот.

Берлин зборува за Пригожин со почит и тага, но верува дека неговата судбина била неизбежна.

„По „Маршот на правдата“, вели тој, мислејќи на краткотрајниот бунт на силите на Вагнер во јуни 2023 година, „тој не можеше да се извлече од тоа. Но, сепак е штета. Тој беше голем човек“.

Внатре во просторијата за обука, декорот изгледа како музеј. Изложено е знаме со грбот на украинскиот град Бахмут, заедно со знаме со ликот на Христос. Има дури и знаме со покојниот „воен известувач“ Максим Фомин кој држи дрон.

Знаме во центарот за обука со про-кремљскиот блогер Максим Фомин, кој беше убиен во кафуле во Санкт Петербург во април 2023.

Теоретскиот дел од обуката се одвива под овие знамиња.

Но, прво доаѓа воведот. Нашите инструктори не информираат дека сите сме поминале некаква проверка.

„Ова е неопходно за да не дојде некој со сомнителни цели“, ни вели Берлин. „Имавме еден дечко кој дипломираше на школа за летање во Украина во 2018 година. Не го обвинуваме за ништо, но нему му беше одбиена обуката, за секој случај.

По воведот, Берлин дава запрепастувачка изјава. Ако некогаш се најдеме во војна и мислиме дека операторот со беспилотни летала е најбезбедно, вели тој, наскоро ќе завршиме мртви.

„Најголемиот мит е дека е безбедно да се биде оператор на дрон. За да имате добра врска со вашиот дрон, мора да се приближите прилично блиску до областа каде што ќе лета. Ако непријателот може да идентификува од каде полетал дронот, ќе го таргетираат тоа место“, ни рекоа.

„Постои златно правило во модерното војување: најефективниот начин да се запре непријателскиот дрон е да се убие неговиот оператор“, вели тој.

FPV очила за време на курсот на операторите на дронови.

Берлин не препорачува да се оди во војна. Дури и по завршувањето на курсот „Јуриш“, па дури и обуката „Про“, приправникот нема да биде подготвен за реалноста на борбата.

„Ако сте решени (да се борите), тогаш не ве советувам да склучувате договор со Министерството за одбрана“, не предупредуваат тие. „Прво, договорот автоматски ќе се обнови. Едноставно нема да излезете од таму.

Наместо тоа, тој препорачува склучување договори со приватни воени компании.

Во делот за најчесто поставуваните прашања за курсот за контрола на беспилотни летала на Вагнер, се истакнува дека тој не е поврзан со руската војска.

„Ние сме приватно, цивилно училиште. Како и другите приватни училишта или курсеви за беспилотни летала, ние само ги учиме луѓето како да летаат со беспилотни летала и не даваме лични информации на трети страни, вклучително и на Министерството за одбрана“, се вели во извештајот.

Потоа следи безбедносен брифинг. Дронот никогаш не треба да лета блиску до операторот. Артилеријата може да го таргетира местото на лансирање, а пилотот на дрон кој носи очила не може лесно да реагира на она што се случува околу него - без разлика дали се работи за непријателски војници што се приближуваат или за слетување на проектил.

Берлин ни раскажува за неговото прво искуство со дронови. Тој беше меѓу првите руски сили што започнаа инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Украинците дрско летаа со беспилотни летала директно над нашите глави, лебдејќи и гледајќи, а ние не можевме да ги собориме“, се сеќава тој. „Замислете ситуација кога не знаете ни да управувате со беспилотно летало, а тие веќе знаат како да фрлаат гранати од него. Моравме да научиме сè во лет кога сфативме дека ова е ефективно ново оружје“.

Учесници на курсот за управување со дронови.

Берлин долго зборува за она што го видел во Украина. Неговите напори за освојување на таа земја не донесоа ништо, вели тој. Неговата единица се бореше во регионот Харков.

„Во првите денови нашите храбри падобранци беа поразени, целиот вод беше заробен, а други беа убиени“, се сеќава тој.

„Сите имаа различни униформи. Професионалните војници и оние кои доброволно се вклучија во „специјалната воена операција“ носеа модерна маскирна облека. Но, мобилизираните војници пристигнаа во старите кафеави и зелени руски униформи“, вели Берлин. „Овие постари момци претпоставуваа дека ако твојата униформа не е иста како нивната, тогаш ти си непријател, па пукаа без прашање“.

„Имавме среќа да се бориме со украинскиот полк Кракен, кој имаше темни униформи“, вели Берлин. „Имаше многу проблеми со мобилизираните војници. Тие пристигнаа со советски шлемови и се бореа со пушки Мосин од времето на царот.

Првиот ден заврши со симулатори за летање. Јас не се снајдов добро, но другите учесници поминаа добро. Дури и инструкторите беа изненадени од нивното ниво на вештина.

"Не грижете се. Утре ќе биде подобро. Ќе развиете мускулна меморија. Утре ќе летате", ме увери Глаз.

Со тоа оптимистичко збогување ја напуштивме зградата што порано се викаше Вагнер центар. Свртувајќи се да погледне, Јан истакна нешто што беше невозможно да не се види.

„Момци, зградата е кул внатре, но од овој агол сум збунет. Не мислите ли дека изгледа како тоалет“, рече тој.

Јан се прекрсти на спомен плочата на командантите на Вагнер и влезе во неговиот црн мат мерцедес. Сања повика такси.

Некогашната зграда на Вагнер од далечина.

Вториот ден од обуката исто така започна со теорија. Научивме како се прилагодува артилерискиот оган со помош на мапи и ги научивме симболите на воена карта - ознаки за тенк, пешадиско возило, ров и сл.

Глаз потоа опиша различни оружја што се користат против дронови и други уреди.

Глаз претходно бил руски војник. Тој бил во Нагорно-Карабах за време на тамошниот конфликт во 2020 година. Тогаш Глаз првпат видел беспилотни летала како се користат во борба.

„Азербејџанската армија имаше турски „бајрактари“. Тоа беше неверојатна работа за нас“, се сеќава тој.

Откако му истекол договорот, Русија ја нападна Украина. Глаз сакал да волонтира, но тврди дека бирократијата ги спречила неговите амбиции да учествува во инвазијата.

Се подготвував.

Во вториот дел од часот, Глаз зборуваше за воените процедури за тоа што да направите ако слушнете, видите или ви кажат за можен дрон. Сè е сосема банално. Најпрво: пријавете кај командантот.

Исто така, бевме научени да вршиме извидување и да ги следиме социјалните мрежи што може да дадат информации за концентрациите на непријателските трупи. Еден пример прикажува скриншот на жител на источниот украински град Днипро кој сакал да и помогне на украинската војска. Таа најави дека во двете болници има многу ранети и повика таму да се пренесе хуманитарна помош. Таквите информации може да се користат за „уништување на живата сила“, нè учеа.

Друга форма на собирање информации е она што инструкторот го нарече „извидување на земја“, како на пример да ги праша луѓето во паб каква е ситуацијата во таа област.

Потоа ни покажаа како бомбите се прикачуваат на беспилотните летала што го испуштаат експлозивот. Најчесто се наполнети со фрагментирани гранати од 40 мм, но се користат и рачни бомби.

Фотографија од сајтот на школата за обука.

Беспилотните летала FPV генерално не се користат за фрлање бомби и враќање. Наместо тоа, тие се дизајнирани да летаат во целта и се уништуваат кога нивниот товар експлодира. Или како што рече еден инструктор: „Ја постигнуваш целта и престануваш да постоиш“.

На првите борбени линии се склопуваат беспилотни летала камикази и може да се импровизира нивната експлозивна носивост. Еден пример за кој дознаваме е рачна граната во чаша. Пред летот, иглата се извлекува, а потоа гранатата се заглавува во чаша, која ја го држи „прекинувачот“ од гранатата додека стаклото не се скрши при удар.

Методот на чаша не е многу сигурен, вели Берлин. Еден од неговите команданти бил убиен обидувајќи се да управува со такво импровизирано оружје.

Преполни со свежи информации, се враќаме уште еднаш на симулаторот за дронови. Моите колеги-приправници веќе совладаа сложена програма која вклучуваше различни сценарија во кои компјутерот симулира како дронот останува без батерија, лета оштетен и паѓа. Сега сакаа повеќе.

„Нема ли борбен симулатор“, прашува Јан.

Сања сакаше да пука и виртуелни тенкови и да ги разнесе работите, но Берлин ги разочара со веста дека таков симулатор не постои.

Последниот ден конечно успеавме да фатиме вистински дронови. Мали, речиси неуништливи, Mobula FPV квадрокоптери.

Ги пилотиравме додека летаа и брзавме да ги смениме батериите (една батерија Mobula трае само 10 до 15 минути лет) додека инструкторите шетаа низ собата, повремено прекинувајќи ги дроновите.

На крајот од последниот час, пица. Тогаш добив сертификат. Заминувам по заедничкото фотографирање. Сања и Јан ќе го продолжат интензивниот Про курс.

Сања сакаше да го продолжи тренингот бидејќи сметаше дека тоа ќе му користи, додека Јан сакаше да биде поефективен на бојното поле. Тој веќе е во контакт со воениот командант. Го чекаат на првите борбени линии.