Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделина

Во последните години растат пријавите за семејно насилство, но бројките се далеку од реалните, оти според невладините, само 2 отсто од жртвите се охрабруваат да пријават во полиција. Друг проблем е што 80 проценти од оние кои пријавуваат, потоа се повлекуваат од кривично гонење. Жртвите прозборуваат само кога последиците од ќотекот ќе станат видливи.

Пет случаи на семејно насилство за еден викенд. Изминатиот викенд во полиција било пријавено дека татко тепал малолетен син, син си ги тепал мајката и сестрата, сопрузи своите жени. Во петокот, на 11 август, две жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните сопрузи.

Повиците за пријавување на насилство се случуваат речиси во исто време кога во регионот, поточно во Босна и Херцеговина во видео во живо на Инстаграм, Нермин Сулејмановиќ ја уби својата поранешна партнерка Низама Хаќимовиќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Огорченост во Босна по убиството во Градачац, пренесувано во живо

Полициската статистика покажува дека во последните години расте бројот на пријави за семејно насилство, но според невладините организации, тие не ја одразуваат реалната бројка на семејно насилство во земјата.

„Жртвата гласот го крева дури тогаш кога насилството ќе стане очигледно и кога ќе им биде загрозен животот“, вели Даниела Дабеска, преседателка на Македонски Центар за женски права - Шелтер Центар. Таа додава дека институциите не реагираат на правилен начин.

„Отсекогаш постоела таа сива бројка и таа нема да се промени, за жал, бидејќи постојат тие стереотипи од типот – „Срамота е да се признае.“ Потоа има проблем и ако жената е економски независна и има деца“, вели Дабеска за РСЕ, заклучувајќи дека и покрај сите напори и кампањи семејното насилство е се уште табу тема.

Расте бројот на пријави

Во првите шест месеци од годинава полицијата регистрирала 540 кривични дела на семејно насилство. Најголем дел од жртвите се жени, односно 410 од нив. Регистрирани се 176 прекршоци и 2293 поплаки за семејно насилство.
Според полициската статистика во периодот од 2017 до 2022 пораснал бројот на кривичните дела за семејно насилство, растат и прекршоците, а бројот на поплаки речиси се дуплирал. Во 2017 имало 904 кривични дела за семејно насилство, а лани 1117. Ако во 2017 имало 2394 поплаки за ова дело, нивниот број во 2022 изнесува 4421.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Семејно насилство


Во повеќе од половина од случаите на кривични дела за семејно насилство станува збор за телесни повреди, а на второ место е загрозувањето на сигурноста. Во најголем број насилници се мажите, но има и жени насилнички. Растројството и алкохолот се наведуваат како причини зошто дошло до семејно насилство. Најчесто жртвите биле тепани, во дел од случаите насилниците употребиле и некој тврд предмет, а поретко се користи и огнено оружје. Најчести жртви се сопругите, а потоа следат родителите.

„Секојдневно имаме работа, секојдневно има насилство и наместо да се намалуваат пријавите тие се зголемуваат сè повеќе и повеќе“, вели за РСЕ полициски инспектор за семејно насилство.

Како може да се пријави насилство?

Жртвата или потенцијалната жртва може да пријави преку телефон, директно во станица или пак преку некоја невладина организација која се занимава со овие прашања. По пријавата први на сцена стапуваат униформираните полицајци. Тие треба да ја сослушаат жртвата и да ја придружуваат до лекар доколку дошло до физичко насилство. Но на жртвата останува одлуката дали понатаму ќе сака кривично да се гони насилникот. Доколку жртвата се одлучи да го тера процесот, во него се вклучуваат и инспекторите за семејно насилство, а жртвите може да се сместат во сигурносни куќи. Доколку има деца кои се останати кај насилникот се одземаат и за нив се грижи Центарот за социјални работи и тие се сместуваат заедно со жртвата.

„Но 80 проценти од они кои пријавуваат потоа се повлекуваат“, вели инспекторот.

Полициската работа завршува со формирање на кривична пријава, потоа на ред е Обвинителството.

Но има и повторувачи на делото, па во тие случаи полицијата има „поодврзани раце“, односно тогаш може да побараат сторителот да биде изведен пред суд по брза постапка.

Жртвите, пак, кои ќе се одлучат да одат докрај, се регистрираат во Центрите за социјална работа. Но Центарот не може да преземе мерки за заштита ако жртвата на се согласи на тоа. Во земјава има 13 Центри за жени жртви на семејно насилство.

Прстот кон институциите

Невладините кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека само два проценти од жените во Македонија кои претрпеле насилство од партнерот го пријавиле во полиција.

Во земјава 60 отсто од жените сметаат дека истото е вообичаена појава, додека 48 проценти сметаат дека насилството е приватна работа, се наведува во минатогодишното истражување „Невидливи убиства“ на Националниот Совет за родова рамноправност.

„Токму таа нормализација на насилството и негово поистоветување со секојдневието придонесува за значително ниската стапка на негово пријавување. Па така, само два проценти од жените кои доживеале насилство, го пријавиле во полиција тоа што го сметале за најсериозен инцидент“, стои во истражувањето. Според истражувањето недовербата во институциите е многу висока, па затоа и малку жртви се одлучуваат да пријават.

Видете и ова: Семејното насилство во магичен круг

За две децении 54 фемициди

Во Македонија не постои официјална статистика за бројот на фемициди, но Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“ избројала дека во периодот од 2001 до 2020 имало 54 такви случаи.

Од средината на февруари годинава фемицидот во земјава стана посебно кривично дело. Според измените на Кривичниот законик за убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Овие измени на Кривичниот законик беа неопходни да се донесат поради усогласување со Истанбулската конвенција и европските директиви.

Една од дефинициите вели дека фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените, кое најчесто е резултат на континуирана изложеност на насилство, при што сторителите се најчесто интимни партнери, членови на семејството или други лица познати на жртвата.

Пред една година во Неготино беше убиена жена од нејзиниот невенчан сопруг, пред очите на нејзината ќерка. Семејството на жртвата обвинуваше дека била направена погрешна квалификација на делото, како резултат на направени големи пропусти од страна на Обвинителството во истражната постапка. Пред три години во Гостивар маж си ја уби жената. За овој случај остана сомнежот дека тој можело да биде превениран по сознанијата дека полицијата само еден ден пред убиството, не постапила по добиената пријава за насилство. Минатата година Судот во Велес ослободи жена, која беше обвинета дека го убила невенчаниот сопруг. Судот одлучи дека таа го убила мажот во нужна одбрана. Во 2021 таа со нож го уби својот вонбрачен партнер борејќи се за здив додека тој ја давел. Таа претходно го пријавувала за малтретирање својот партнер, кој бил полицаец, но тој не бил гонет. Тој и претходно го прекршувал законот и бил условно казнуван.

Видете и ова: Сопругот ме тепаше и силуваше, а неговите ми велеа: Затвори си ја устата

Според истражување на ОБСЕ од 2019, секоја седма жена во Македонија била жртва на физичко или сексуално насилство, а скоро половина биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер. Според ова истражување, распространетоста на насилството во Македонија е значително пониска отколку во ЕУ, но ОБСЕ забележува дека три пати повеќе жени во Македонија отколку во ЕУ сметаат дека домашното насилство е приватна работа што треба да остане во семејството. Истражувањето покажува дека само два проценти од жените кои имале такви искуства со сегашниот партнер го пријавиле во полиција она што тие го сметале за најсериозен инцидент. При тоа многу поверојатно е дека жените ќе пријават насилство од некој што не е нивен партнер или од поранешен партнер, отколку од сегашниот.

Истражувањето на Канцеларијата за дроги и криминал на Обединетите Нации (UNODC) проценува дека во 2020 година на светско ниво 47,000 жени и девојчиња биле убиени од страна на нивните интимни партнери или други членови на семејството, што значи дека во просек на секои 11 минути една жена или девојче е убиено во нејзиното семејство. Убиствата биле кулминација на некој вид на семејно насилство.