Седум кандидати влегуваат во трката за претседател на Северна Македонија на претседателските избори што ќе се одржат во два круга, на 24 април и на 8 мај.
Овие седум кандидати ги собраа потребните по 10.000 потписи за да се кандидираат за изборите. На листата што ја објави Државната изборна комисија(ДИК) има 15 кандидати, но осуммина од нив не успеаја да добијат поддршка.
Рокот за собирање потписи истекува на 8 март на полноќ.
Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?Според досега депонираните потписи во Државната изборна комисија(ДИК), извесно е дека во „рингот“ влегуваат: Гордана Силјановска Давкова, пратеничка и професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кандидатка на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ; Стево Пендаровски, актуелен претседател на Северна Македонија, кандидат на владејачката СДСМ; Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кандидат на владејачката ДУИ и Билјана Ванковска, професорка на Филиозофскиот факултет во Скопје, како кандидатка на партијата Левица.
За претседател на Северна Македонија ќе „трчаат“ и тројца градоначалници: Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“; Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, кандидат на новоформираната партија За наша Македонија (ЗНАМ) и Стевчо Јакимовски, градоначалник на скопската општина Карпош.
Пендаровски и Силјановска Давкова - противници по втор пат
Зад кандидатурите на Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, стојат двете најголеми партии во актуелниот парламентарен состав, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Овие двајца кандидати немаа обврска да собираат 10 000 потписи бидејќи можеа да обезбедат поддршка од 30 пратеници, но сепак решија да побараат граѓанска поддршка.
Пендаровски, пред и официјално да ја добие поддршката од социјалдемократите на партиска конвенција одржана на 3 март, ја најави кандидатурата како граѓанска. Притоа, од СДСМ соопштија дека тој за еден ден собрал повеќе од 22.000 потписи.
„Изборот на Стево Пендаровски за втор мандат, значи стабилност, значи претседател на држава кој ја носи државата кон членство во Европската Унија. Претседател без ниту една афера, кој нема да отстапи од правилните принципи и кој се грижи за сите граѓани еднакво“, соопштија од СДСМ.
Од неговиот тим на 5 март посочија дека тој ја добил поддршката и од коалиционите партнери на СДСМ, наведувајќи 13 партии: Нова социјалдемократска партија (НСДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално – демократска партија (ЛДП), Партија на пензионери (ПП), ВМРО Народна партија (ВМРО НП), Партија за движење на Турците во Македонија (ПДТ), Сојуз на Ромите во Македонија, Демократски сојуз на Власите, Партија за општествен и економски напредок (ПОЕН), Странка на демократска акција на Македонија (СДА), Социјалдемократска Унија (СДУ), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) и Партија за европска иднина (ПЕИ).
Видете и ова: Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избориВМРО-ДПМНЕ објави дека за Силјановска се собрани 28.000 потписи за помалку од 12 часа.
„Ова е најголемиот доказ и најточен индикатор за тоа колкава е желбата и надежта на граѓаните за промени за подобра иднина. Оваа бројка само ни потврдува дека мораме да останеме посветени на визијата за промени кои значат чесно и правично владеење, промени кои ќе значат подобар живот за граѓаните дома, промени кои значат враќање на достоинството на граѓаните и на државата“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска Давкова и Пендаровски си беа противници и во вториот круг на претседателските избори во 2019 година. Тогаш Силјановска Давкова освои 377.446 гласови, а Пендаровски освои 435.656 глас.
Разликата од 58.210 гласови му ја донесе победата на Пендаровски, кој на овие избори се бори за втор мандат.
Бујар Османи го трасира патот за „прв претседател Албанец“
„Дојде време за првиот претседател Албанец“ е мотото под кое ДУИ ја одржа промотивната конвенција за нивниот претседателски кандидат Бујар Османи.
Али Ахмети, претседател на ДУИ, најавувајќи ја кандидатурата на Османи, побара и поддршка од граѓаните за старото барање на ДУИ - да се смени Уставот за претседателот на државата да се бира во Собранието и да се воведе функција заменик претседател.
„Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собрание со двотретинско мнозинство и со Бадентерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател“, рече Ахмети.
ДУИ ова барање го имаше и во предизборните партиски програми во 2016 и 2020 година.
Османи е министер за надворешни работи од 2020 година. Претходно беше заменик-претседател на владата за европски прашања и министер за здравство (2008-2011 година). Инаку е специјалист-хирург по дигестивна хирургија.
Османи прв од кандидатите објави дека ги собрал потребните 10.000 потписи за неговата кандидатура.
Политички искусни, но прв пат на претседателски избори
Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари и Максим Димитриевски имаат долгогодишно политичко искуство, но прво на претседателски избори.
Јакимовски во политиката е од 1998 година, најпрво како член на ЛДП, подоцна на СДСМ, а во 2013 ја формира партијата ГРОМ. Беше министер за економија и за труд и социјална политика (2003-2204 година). Ова му е четврти мандат како градоначалник на Карпош.
Таравари, специјалист-невролог, беше министер за здравство од Алијанса на Албанците во 2017 година, а по победата на локалните избори истата година, стана градоначалник на Гостивар. Го наследи Зијадин Села на претседателската позиција во Алијанса на Албанците. По неодамнешната поделба на партијата на две крила, Таравари се разиде со Села. Зад претседателската кандидатура на Таравари застанаа опозициските партии на Албанците - Демократски Сојуз, БЕСА и Алтернатива.
Видете и ова: Ванковска и Јакимовски ги собраа потписите, официјализирани пет кандидатури за претседателДимитриевски, кој беше долгогодишен член на СДСМ, беше исклучен од партијата кога самостојно се кандидира за градоначалник на Куманово, соочен со тактизирањата на партискиот врв околу утврдување на кандидатурата за најголемата општина во државата. Беше пратеник во Собранието. Во вториот градоначалнички мандат влезе како независен кандидат и ја формира партијата ЗНАМ.
Ванковска се обиде да се кандира на претседателските избори во 2014 година, како независна кандидатка, но не успеа да собере 10.000 потписи.
Ванковска е позната како активист во повеќе иницијативи и организации на цивилното општество.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Загревање“ пред официјалната кампања
Политичките препукувања, за тоа кој заслужува или не да биде претседател засега се сведува на партиските соопштенија и прес-конференции. Партиските портпароли ја критикуваат понудата на спротивниот табор и се обвинуваат дека другиот шири лаги и дезинформации.
Официјалната кампања за првиот круг претседателски избори почнува на 4 април и трае до 22 април. Но, кандидатите веќе се загреваат за битката за гласови.
Гордана Силјановска – Давкова, во изминатите денови, во придружба на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваше на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП). Според тоа што го споделува на профилот на Фејбук, покрај средбите со лидери од регионот и пратеници од европските земји, Силјановска Давкова им се обратила и на младите од Европските демократски студенти.
„Секогаш најубаво се чувствувам помеѓу студентите“, забележува професорката по Уставно право и пратеничка.
Се уште актуелниот претседател Пендаровски ги тера претседателските работи – добредојде за амбасадори, обраќање на конференции, средби со припаднички на АРМ и Министерството за одбрана пред 8 Март, посети низ земјата, средби со граѓани. Сето тоа поткрепено си видеа и фотографии на социјалните мрежи.
Mаксим Димитриевски, покрај телевизиските гостувања, на социјалните мрежи споделува и за сработеното во примарната професија – градоначалничката, но и за новоотворените канцеларии на неговата партија. Тој сподели и дека се сретнал со правнуката на Гоце Делчев, поткрепено со фотографија пред знамето од Вергина. Неговата партија е активна во критика на политиките на власта.
Ванковска ја нема многу по мејнстрим медиумите, но затоа е многу активна на социјалните медиуми, каде дава свои согледувања и за внатрешни теми, но и за случувањата надвор во светот, како Газа, на пример.
Видете и ова: Агелер - Изборната кампањата да се фокусира на суштински прашања, а не на лични нападиМеѓу обврските како се уште актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи наоѓа време и за подкасти и телевизиски гостувања, сече црвени ленти, посетува форуми, се среќава со странски државници. Според неговите објави тој има време и за семејството, а тоа беше до него и на видеото преку кое се заблагодари за поддршката да собере 10 000 потписи за претседателски кандидат.
Арбен Таравари, кој е кандидат на партиите од албанскиот опозициски блок, деновиве го посети Косово и се сретна со тамошниот премиер Албин Курти. Во Струга, пак, поддржувачите го пречекаа со запалени факли. На неговиот профил за Фејбук, може да се најде и по нешто и за проектите кои ги сработел како градоначалник на Гостивар. Тој се пожали и дека му се хакирани официјалните канали за комуникација.
И Стевчо Јакимовски периодот пред кампањата го користи за гостувања по телевизии, критики на опонентите и за информации околу работите што ги извршува како градоначалник. Тој изјави дека партиска кампања ќе тера во попладневните часови.
ДИК ќе проверува дали кандидатите ги исполнуваат условите
Државната изборна комисија ќе ја олесни постапката во формално-правниот дел за условите што треба да ги исполнуваат кандидатите кои ќе поднесат листи за избор на претседател на државата.
„Во условите предвидени во Уставот и Изборниот закон стои дека кандидатот за претседател треба да е државјанин и жител на Република Северна Македонија најмалку 10 години во последните 15 години. Досега потврдите и документацијата за докажувањето на овие услови кандидатите сами ги обезбедуваа од надлежните институции. Сега ние, по службена должност, земаме обврска доказите за исполнувањето на овие два услова, преку податоците во соодветните регистри на надлежните институции, да ги прибавиме во рок од 24 часа после поднесувањето на листите, во име на кандидатите кои ќе конкурираат“, изјави Борис Кондарко, член на ДИК.
ДИК утврдената единствена листа на кандидат за избор на претседател ќе ја објави најдоцна 25 дена пред денот на одржувањето на изборите во „Службен весник на Република Македонија”, најдоцна на 29 март, до полноќ. Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 28 март.
Видете и ова: Нов обид да се донесат измени на Изборниот законик пред изборитеАко во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател на државата, во вториот изборен круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите.
На престојните претседателски и паламентарните избори ќе може да се гласа со лична карта или пасош чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.
Останатите пријавени кандидати за шеф на државата досега не успеаја да ги соберат потписите. Се кандидираа Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, Вело Марковски, Ѓорѓи Манасков,Зорица Цветковска, Господин Попоски, Томе Николоски, Гоце Ристовски и Драган Николовски.
Ова ќе бидат шести по ред избори на кои граѓаните преку непосредно гласање одлучуваат за претседател на Северна Македонија. Досега, најмногу кандидати за шеф на државата имаше на изборите во 1999 година – шест и 2009 – седум кандидати.