Наместо обвинение или санкции против оние кои лани се најдоа на американската „црна листа“, власта сега нуди предлог за законски измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.
Американската амбасадорка на Соединетите Американски Држави (САД) во Северна Македонија Ангела Агелер за Радио Слободна Европа изјави:
„Не коментираме предлог законски решенија, ние ги поздравуваме и силно ги поддржуваме сите напори за истраги на наводните коруптивни криминални активности и ги сметаме за одговорни оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист. Јас претпоставувам дека институционални и законодавни реформи кои ќе ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата ќе бидат добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“, вели за Радио Слободна Европа амбасадорката Агелер.
Вчера и помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн при посетата на Скопје, без да ги коментира измените, рече дека „црната листа“ е алатка од една поголема стратегија.
„Она што сакаме да го видиме е луѓето да се навикнат да ги користат сите алатки кои им се достапни за да се борат со корупцијата и да ја задржат таа посветеност при формирањето нова влада“, рече О’Брајaн.
Иако предлогот за измена на Законот за рестриктивни мерки помина на владина седница и покрај правните дилеми што ги посочи Министерството за правда, прашање е дали ќе има време овој собраниски состав да ги изгласа, оти му остануваат уште два месеци пред да почне кампањата за изборите - парламентарни и претседателски.
Уште кога во јули на листата се најде актуелниот функционер од ДУИ, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека ќе биде интересно да се видат наредните чекори, кои ќе ги преземат домашните институции.
Видете и ова: Агелер: Луѓето знаат кои се корумпирани, се надевам институциите ќе преземат нештоСоединетите Американски Држави (САД) минатата година ја апдејтираа црната листа со десетина сегашни и поранешни функционери, бизнисмени и компании.
Никој не покрена обвинение за некој од санкционираните, не ги процесуираа предметите што се веќе отворени, а дел од тие што се на црната листа и куртулија од затвор со измените на Кривичниот законик, што власта ги излгаса во септември лани. Агелер посочи и дека американските истражители доказите ги собрале во земјата и дека се лесно достапни.
„Следниот чекор“ на домашните институции
Измените ги најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, член на ДУИ, од каде доаѓа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, единствениот актуелен функционер што минатата година се најде на американската црна листа. Најавите стигнаа и по средбата на холандскиот амбасадор Дирк Јак Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која амбасадорот рекол дека Холандија е загрижена поради континуираниот „пад на владеењето на правото во Северна Македонија“ и истаканл дека е „неприфатливо политичкото влијание врз претседателот на Врховниот суд“.
Најавата за „следни чекори“ уследи многу месеци по интензивните критики и од дома и од странство. Меѓународниот фактор стана гласен во критиките дека власта лошо се справува со корупцијата, која е широко распространета и изрази загриженост за правосудниот систем, кој според ЕУ и САД е нереформиран и не може да се спротивстави на секое надворешно влијание. Домашни невладини, пак, корупцијата ја ставаат во проблем број еден, пред невработеноста и сиромаштијата, кои беа на првите места со години наназад.
Видете и ова: Американската и британската црна листа ќе влезат во македонските закониКлучно во измените, што сега ги предлага власта, е тоа што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.
Потребен ли е нов закон?
Професорот по кривично право Ќебир Авзиу, кој има и богато полициско искуство, вели дека државата и сега има институции и механизми за кривично гонење, кои треба само да си ја работат својата работа.
„Одобрувањето на законот го гледам како еден вид политиканство на владата кон меѓународниот фактор, во случајов Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Не познавам друга земја во светот што работи врз основа на (американската) црна листа“, оценува Ќебир Авзиу.
Измените ги најави Османи, но идеен творец е вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска. Таа често беше и единствената од власта што ги коментираше новите имиња на црната листа и посочуваше дека главната обврска е на домашните институции.
До Јавното обвинителство РСЕ испрати прашања за коментар за обвинувањата од власта дека тие се едни од виновниците и за нивно мислење за најавените измени на Законот. Оддговорија дека „не коментираат политички изјави или предложени законски решенија, туку ги применува законите онака како што се усвоени“.
Правни дилеми за измените
Но дилеми за предлозите имало уште при подготовката. кога да се воведат, дали ќе се наруши пресумпцијата на невиност, па затоа како што брифираше министерот Бујар Османи на 11 јануари било решено да се оди со „меѓуваријанта“, односно забрана да има барем од моментот кога ќе има обвинение. Отворени прашања се и на пример како некој градоначалник или пратеник ќе се отстрани од функцијата во фаза кога нема правосилна пресуда, на што министерот Османи тогаш прокоментира дека веројатно ќе треба да се менуваат и други закони.
Министерството за правда забележува дека постоечкиот закон за рестриктивни мерки не треба да се менува, а не треба ниту нов закон за да има борба со криминалот и корупцијата.
Образложението им било дека целта на Законот за рестриктивни мерки е зачувување на безбедноста, мирот, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, но не и борба против корупцијата и криминалот, како што се предлага во предлог измените на законот. Министерството за правда сметка дека она што се предлага со измените може да се реши со постоечкиот закон за меѓународна соработка во кривична постапка.
Османи, еден ден откако предлозите поминаа на влада, рече дека на седницата имало политичко единство дека мора нешто да се преземе со црните листи, разногласие имало околу правните моменти, но дека тоа ќе се надмине со предлозите кои ќе треба да се пратат во Собрание.
Васко Наумовски, професор по меѓународно право и поранешен амбасадор во САД, вели дека предложените измени ќе придонесе за отворање на поголеми можности за резултати, но, како што вели останува да се виде дали тие можности ќе бидат искористени од властите.
„Еден од недостатоците што постои кај нашите правосудни институции е влијанието што политиката го има врз нив и неможноста да делуваат без притисоци од политички партии на власт. Она што овие закони измени можат да го поправат е негативните последици што поединците или правните лица ќе ги трпат во нашиот систем, а врз основа на резултатите од истрагите до кои дошле други држави, а не нашите“, вели тој.
Видете и ова: Мандатот на Ковачевски - економски пожари, закочена евро-интеграција и зголемена корупцијаСправување со луѓето на „црната листа“
Струшкиот градоначалник Мерко на црната листа на САД се најде пред осум месеци, поради наоди за негова вмешаност во значителна корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството. Потоа од Јавното обвинителство соопштија дека е извршен вонреден надзор во неколку обвинителства во вкупно 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко. Обвинителството ја уверуваше јавноста дека евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон. Но до каде е постапката за „заборавените предмети во фиока“ нема одговор од Обвинителство.
Последен на американската црна листа се најде поранешниот вицепремиер за економски прашања и бизнисмен, Кочо Анѓушев, за кого американските истражители откриле дека злоупотребил вицепремиерската позиција за свои приватни и деловни интереси.
Анѓушев се обиде да ги демантира сомнежите на американските власти со оправдување дека и по четири години откако се повлекол од функцијата во земјава не бил отворен судски предмет против него. Но американската амбасадорка рече дека кога ставаат некого на црна листа 100 процентно се сигурни во тоа и дека не му се „лизнало“ еднаш“.
Видете и ова: Мајката на Камчев, Сергеј Самсоненко и сопругата на „црната листа“ на САДНа црната листа се и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава. И пред да се најдат на листата на санкции Камчев, Мијалков и Груевски се најдоа пред лицето на правдата во Северна Македонија. Но за случајот Империја обвинителството се договори со Камчев и Мијалков, па тие во замена за пари добија поблаги казни. Во септември минатата година власта по брза постапка и со европско знаменце го измени Кривичниот законик, со што многу високопрофилни случаи на корупција куртулија од затвори или ќе добијат пониски казни. Така падна и главниот случај на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за прислушувањето, зад кое според обвинението стоеше Мијалков.
Откако поминаа на владина седница, следна станица за предлог измените е Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски, смета дека пратениците имаат време да го донесат овој закон.