Откако вчера молчешкум ја поминаа конститутивната седница во Собранието, социјалдемократите утре (30 мај) ќе дискутираат на „Бихаќка“ за да ги утврдат правилата за избор на нов лидер. За наследник на Димитар Ковачевски по најтешкиот пораз што досега го претрпел СДСМ, амбиции има од повеќе страни, но се чини дека потенцијалните кандидати ќе тактизираат до последен момент.
Изборите со непосредно гласање од партиските членови се закажани за 30 јуни.
Радио Слободна Европа (РСЕ) разговараше со дел од најчесто споменуваните имиња за иден лидер – плановите не ги кријат, но засега барем јавно, ретко кој потврдува дека дефинитивно ќе влезе во трката. Единствениот кој отворено зборува дека подготвува концепт, е актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Покрај него, во конкуренција може да влезат и актуелните пратеници и поранешни министри Венко Филипче и Славјанка Петровска, досегашниот партиски потпретседател и актуелен директор на Царинската управа Стефан Богоев…
Видете и ова: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најголеми трошаџии за реклами во изборната кампањаБучковски: Најмалку една година за СДСМ да биде „со сите нишани“
А, кој и да биде, ќе му треба време да ја консолидира партијата по најлошиот резултат со само 154.447 гласа на парламентарните избори на 8 мај. Поранешниот лидер на СДСМ и премиер Владо Бучковски оценува дека за тоа ќе биде потребна најмалку една година.
СДСМ, вели тој, е во исклучително комплицирана состојба и „катастрофалниот пораз не се санира преку ноќ“.
„Според мене ќе треба најмалку една година за СДСМ да биде опозиција со ’сите нишани‘. Охрабрувачка е одлуката изборот на новиот претседател да биде во најкусиот можен рок согласно Статутот. Верувам дека кандидатите ќе бидат достојни на предизвикот. СДСМ нема време за губење“, вели Бучковски за РСЕ.
По поразот и моменталната ситуација во СДСМ, тој не очекува дека партиското членство масовно ќе излезе да го избере следниот претседател на 30 јуни, односно да биде на нивото на претходните два внатрепартиски изборни циклуси во СДСМ кога беа избрани Зоран Заев и Димитар Ковачевски.
„Но СДСМ треба да тргна напред со најверните членови … колку и да се тие денес“, додава Бучковски.
Видете и ова: Поранешни министри, лекари и директори се новите пратенициЗаев не коментира, други критикуваат
Како уште еден поранешен лидер, Зоран Заев, пак, не сака јавно да коментира за ситуацијата во партијата.
Во јавноста се споменуваше и можен негов камбек на чело на партијата, но според извори на РСЕ, тој нема да се одлучи за ваков чекор.
Други истакнати партиски членови не ги кријат критиките особено по вчерашната конститутивна седница во Собранието, кога ниту еден од 18-те пратеници на СДСМ и коалицијата не кажаа ниту збор.
Поранешниот генерален секретар и актуелен член на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, Андреј Петров, рече дека му било срам што никој не проговорил на собраниската седница. Повика и на оставки од пратениците.
„Едно е да бидете конструктивни, треба опозицијата да биде конструктивна, но работата на пратеник во Парламентот е да зборува на говорница. Што му е работата? Ако некој нема намера да зборува на говорница, место да поднесува оставки од партиски органи, нека си поднесе оставка од пратеничкиот мандат“, рече Петров при гостувањето на ТВ Сител на 28 мај.
Отворено зборуваше и за идниот лидер, велејќи дека треба да биде со авторитет, а за можните кандидати упати и критика дека „дел од нив не може да се пријават ни на конкурс за месна заедница“.
Слична критика за молкот на конститутивната седница упати и Богоев кој во порака на социјалните мрежи наведе дека „пратениците треба да знаат дека се избрани за да аргументираат и дискутираат, а не да се сликаат и да молчат“.
Богоев, Петровска и Филипче наскоро ќе одлучат, Деспотовски подготвува концепт
Токму Богоев е еден од оние кои размислуваат да се кандидира за иден лидер. Тој смета дека ја има поддршката не „неговата генерација“ за да ја преземат партијата. Во изјава за РСЕ, вели дека сè уште не одлучил дали да влезе во трката, но очекува од тие што ќе бидат кандидати да се борат до крај без да има пазарење со гласови.
„Изненаден сум од големиот број на искрени членови на СДСМ кои сметаат дека треба мојата генерација да преземе одговорност и да застане на чело на партијата со сериозна поддршка од поискусните членови и активисти“, вели Богоев.
Меѓу оние кои се очекува наскоро да одлучат е досегашната министерката за одбрана Славјанка Петровска, која е актуелна пратеничка. Конечната одлука таа ќе ја донесе по седницата на Централниот одбор закажана за утре (30 мај), но за РСЕ вели дека е подготвена за ваков чекор.
„Манифест за социјалдемократија е моето мото и суштината на тој манифест е единство, идеологија и сплотеност. Во СДСМ сум 24 години, имам големо искуство во партиското работење, секогаш со СДСМ и во добро и во лошо, но досега не сум имала можност да бидам носител на извршна партиска функција и затоа со енергијата и визијата која ја имам подготвена сум да се посветам на реформирање на СДСМ и нејзино застанување на силна основа“, изјави Петровска за РСЕ.
Нејзиниот колега од пратеничките клупи Венко Филипче, исто така, вели дека сè уште дефинтивно не одлучил. Меѓутоа, по изборите тој најави дека почнува средби со партиски членови и граѓани, што беше протолкувано и како дел од неговата кампања за иден претедател на СДСМ.
Деспотовски, пак, е извесен кандидат. Тој вели дека ќе понуди целосно нов концепт што ќе се базира на „ние“, а не на „јас“ односно на нечии лични желби и амбиции. Според него, на партијата и е потребен „радикален дисконтинуитет со сите досегашни политики, пракса и кадровски решенија“.
„Меѓу другото, нудиме конкретно решение за целосно враќање на одговорноста и отчетноста на партиските и јавните функционери на СДСМ кон членството и граѓаните, а не кон централата во Скопје. Моделот на непосреден избор на кандидати за градоначалници од СДСМ ќе го примениме веќе на локалните избори. СДСМ како стожерна партија во извршната власт даде голем придонес да се организираат избори во државата од кои може да ни завидуваат и дел од земјите членки на ЕУ. Исти такви избори сега треба организираме и во сопствените редови“, вели Деспотовски за РСЕ.
Ова ќе биде негов втор обид да застане на чело на партијата откако со Фросина Ременски му беа противкандидати на лидерот во оставка, Димитар Ковачевски.
Трети непосредни избори во СДСМ
Претстојните ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 кога Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.
Подготовките за изборите закажани за 30 јуни веќе започнаа. Според најавите, Централниот одбор на СДСМ в четврток (30 мај) треба да усвои правилник за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на гласањето што ќе го организира партиската Централна изборна комисија.
Тие беа закажани откако Ковачевски на 22 мај го потврди неговото повлекување. Во дописот до партиските членови, слично како и по поразот во изборната ноќ, тој упати слични пораки дека „СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направив и кои се резултатите и слабостите во последните четири, можеби и во последните 7 години“.
Одговорноста за состојбата во која се доведе партијата ја префрли на целото раководство и на функционерите.
„И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност“, напиша Ковачевски во дописот до партијата.
Видете и ова: ДУИ во минус, Вреди со плус пратенички мандатТој најави дека ќе остане како пратеник во Собранието. Поразот на социјалдемократите и коалицијата на изборите на 8 мај им обезбеди место во парламентот само нему и на уште 17 други пратеници од нивните листи.
За разлика од СДСМ која од вчера седна во опозициските редови, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати. Коалицијата „Вреди“ која ќе биде партнер во идната влада, пак, доби 14 мандати. ДУИ изборите ги заврши со 18. ЗНАМ, која исто така преговара за влез во идната влада, освои шест пратенички места. Исто толку, има и Левица.