За помалку од две недели Американците ќе го изберат 47-от претседател на САД – кандидатката на демократите и актуелната потпретседателка Камала Харис или републиканецот Доналд Трамп, кој веќе помина еден мандат на функцијата.
Во годината во која гласа половина од светската популација поради рекордниот број на изборни процеси во светот, американските избори се сметаат за едни од клучните во обликувањето на светскиот поредок.
Но, што значат тие за Северна Македонија и прави ли разлика за македонската држава кој ќе биде идниот претседател на САД?
Ова се дел од прашањата за кои Радио Слободна Европа (РСЕ) побара коментар од неколку соговорници, меѓу кои и поранешните претседатели Стево Пендаровски и Ѓорѓе Иванов. Од кснцеларијата на експретседателот Иванов за РСЕ одговорија дека поради ангажмани не бил во можност да одговори до објавување на овој текст.
Според експретседателот Пендаровски, пак, американските избори со години се анализираат низ билатералната призма и „секогаш заклучуваме дека во тој дел ќе нема промени“.
„Но, тој пристап е погрешен затоа што таков третман во нивната тековна изборна кампања имаат само Кина, Украина, Русија, Израел-Газа и Северна Кореја. Балканот никогаш, а, ние како држава уште помалку (освен во 1990-тите) не сме биле ни близу до врвот на американските надворешно-политички приоритети“, вели Пендаровски за РСЕ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Северна Македонија може да почувствува индиректни промени
На слична фреквенција е и поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, кој беше и вицепремиер за евроинтеграции.
Тој посочува дека промените во Белата куќа значат адаптирање на приоритетите на американската надворешна политика на глобалната сцена, пред сè, кога се во прашање релациите на САД со Европа, Русија, Кина, Блискиот Исток, како и Латинска Америка.
„Определено индиректно влијание врз Балканот, а со тоа и врз Македонија, може да се очекува од евентуалниот нов концепт за завршување на руско-украинската војна, улогата на НАТО во нашето пошироко соседство, и можните иницијативи за решавање на конечниот статус на односите меѓу Белград и Приштина. Нашите билатерални односи не се оптоварени со отворени прашања, и се очекува поддршката што ја добиваме на политички, економски и безбедносен план да продолжи“, вели Наумовски за РСЕ.
Дека Северна Македонија може да почувствува разлики, но само индиректно, смета и Пендаровски посочувајќи дека тоа би било само преку евентуални промени на САД кон НАТО каде земјава е членка од март 2020 година.
„Но, според мене, во делот на трансатлантските односи, во случај на победа на Трамп нема да се случат драстични промени од типот на излегување на САД од Алијансата, а притисокот за поголеми трошоци во одбраната веќе го имавме и во неговиот прв мандат“, додава Пендаровски.
За потсетување, Трамп, кој првиот четиригодишен мандат го доби на изборите во ноември 2016, за време на своето претседателствување упатуваше чести критики кон сојузниците во НАТО и постојано ги повикуваше европските земји да ги зголемат своите трошоци за одбраната.
Видете и ова: НАТО меѓу жестокиот поддржувач Бајден и честиот критичар ТрампИ при евентуална победа на Камала Харис и соработката во рамки на НАТО, експретседателот Пендаровски, исто така не очекува промени кога е во прашање Северна Македонија иако забележува дека актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ не се поставила еднакво кон неа, како кон Трамп.
„Параметрите на нашата соработка се утврдени во раните 1990-ти, а засилени и прецизирани се со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008-та. Во тој дел не очекувам промени и во случај на победа на Камала Харис, независно што новата македонска влада во таа смисла направи дисконтинуитет и не се постави на иста дистанца кон двајцата главни кандидати на американските избори“, вели Пендаровски.
Поддршката за реформи ќе остане
САД, според декларативните заложби на сите власти во Скопје, земјава ги смета за стратешки партнери. Покрај партнерството во НАТО, Вашингтон помага и за внатрешните реформи и во однос на евроинтеграцијата.
Според зборовите на актуелната амбасадорка Анџела Агелер, во изминативе триесет години, вложени се над половина милијарда долари само во програми за владеење на правото и добро владеење поради што таа и јавно изрази разочарување од напредокот што го направиле властите.
Ваквата поддршка, без разлика дали идната администрација во Вашингтон од јануари ќе ја раководи Харис или Трамп, и двајцата наши соговорници очекуваат да продолжи.
„Константа која ќе остане, независно од исходот на изборите ќе биде во однос на борбата против корупцијата и судските реформи од кои таа зависи, затоа што т.н. црна листа на корумпирани функционери во регионот, САД ја воведоа пред 23 години и ја дополнуваат во континуитет, независно кој е на власт во Вашингтон“, посочува Пендаровски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Реформите во судството, во борбата против корупцијата, во безбедносниот сектор, нагласува и поранешниот амбасадор, се во основата на долгогодишната поддршка од САД.
„Верувам во нејзино продолжување без разлика на исходот од изборите“, додава Наумовски.
Изборите во САД ќе се одржат на 5 ноември. Трката помеѓу Харис и Трамп е тесна и речиси сигурно е дека победникот ќе го одлучат релативно малиот број неопределени гласачи во т.н. „одлучувачки“ (свинг) држави. Новиот претседател треба да ја презеде должноста во јануари 2025 година.