Руски олигарх под санкции профитира од македонски брзи кредити

Олег Бојко и брендовите за брзи кредити во неговата македонска фирма „Диџитал Фајнанс Интернешнл“

Контроверзниот руски бизнисмен Олег Викторович Бојко кој се наоѓа на листа на санкции на три држави, поради поддршката на руската влада која изврши неиспровоцирана инвазија врз Украина, има фирма за брзи кредити во Северна Македонија.

  • Тој е санкциониран во Украина, Канада и Австралија. Американското министерство за финансии го става Бојко на таканаречениот „Список на Путин“, листа на која се наоѓаат „високи странски политички фигури и олигарси во Руската федерација, утврдени поради нивната блискост со рускиот режим и поради нивното богатст“ .
  • Бојко поседува фирми за брзи кредити во над 30 земји низ светот.
  • Еден од вработените во неговата фирма во Албанија беше поврзан со скандал со протекување на податоци на 600 илјади корисници на брзи кредити кои завршиле на „црн пазар“. Аферата изби во јануари 2021 година, а еден од обвинетите Ендри Икономи бил на позицијата менаџер се до септември 2021 година.
  • Тоа што е санкциониран од неколку земји и што дел од неговите фирми се вмешани во скандали, не го спречува Бојко да води бизниси во Северна Македонија. Тој би бил „интересен“ за македонските институции само ако против него поведат санкции САД, ЕУ и ОН.

Кој е рускиот олигарх Бојко?

Рускиот милијардер со италијанско државјанство, Олег Викторович Бојко, кој според Форбс тежи најмалку 1,2 милијарди долари во македонскиот Централен регистар отворил фирма за брзи кредити под името „Диџитал Фајнас Интернешнл“.

Олег Бојко поседува фирми за брзи кредити во над 30 земји, но проблемот е во тоа што овој 59- годишен руски олигарх е ставен на три листи за санкции. Во април минатата година е ставен на листа за санкции на Австралија и Канада, а од ноември на Украина, поради „финансиска поддршка на руската влада која изврши инвазија врз Украина,“ пишува на меѓународна дата база Опен Санкшнс (ОpenSanctions).

По објавувањето на текстот во реакцијата од адвокатскиот тим на Бојко, е наведено дека „нивниот клиент не ја поддржува руската влада, ниту финансиски ниту на кој било друг начин“.

Рускиот бизнисмен Бојко се наоѓа на таканаречениот „Список на Путин“ на американското Министерство за финансии каде го зазема 17-тото место во групата од 96 олигарси кои го сочинуваат блискиот круг на рускиот претседател Владимир Путин, пишува американскиот медиум Си-Ен-Ен .

Во извештајот на американската разузнавачка служба презентиран до Сенатот во 2017 година, рускиот олигарх Бојко се нарекува „лице со загрижувачки врски со руската влада и руските безбедносни служби и вклучен во организиран криминал“.

„Молдавскиот печат објави дека Бојко е дел од операцијата поддржана од Кремљ за мешање во нивните избори“, открива извештајот кој е делумно доверлив.

Извадок од разузнавачки извештај презентиран во Сенатот

Форбс го рангира Бојко меѓу првите 100 најбогати руски бизнисмени, а познат е и како меѓународен инвеститор со 30-годишно искуство во банкарската индустрија и дигиталните финансиски услуги. Според истражувањето на романските новинари од истражувачката мрежа Блек си (Black See), Бојко заедно со неговиот партнер од Летонија претходно ја користеле Малта како „даночен рај “ за своите активности во Европа и САД, додека заработувале од високи камати и трошоци кои им ги наплаќаат на клиентите при давање на мали заеми на граѓани во земјите во развој.

Фирмата во Малта била затворена во февруари 2019 година.

Но тоа не му е единствениот бизнис. Бојко е познат и во Холивуд. Се јавува како косопственик на Фешн ТВ (Fashion TV) и копродуцент на холивудските познати филмови Син Сити 2 (Sin City II) на Роберт Родригез и Самер Кросинг (Summer Crossing) со Скарлет Јохансон.

Колку пасоши има Бојко

Според Опен сенкшн (ОpenSanctions), Бојко покрај рускиот пасош, поседува грчки и италијански пасош.

По објавувањето на текстот во реакцијата на адвокатската фирма која го застапува Бојко демантираат дека тој поседува грчки пасош.

Според податоците од македонскиот централен регистар адресата за живеење му е заведена во рускиот главен град Москва, но како држава од која потекува, односно од која има државјанство е наведена токму Италија. Разузнавачки извори за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека тој нема македонски пасош.

Од друга страна, пак на неговиот официјален профил на професионалната платформа Линкед Ин, како живеалиште Бојко го навел Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

По избувнувањето на војната, на веб страницата на неговата фирма Финстар, соопшти дека „срцето му е скршено од конфликтот во Украина“. Бојко наведува дека повеќето од неговото семејство се украински државјани, како сестра му, чичковци и братучеди. Тој пишува дека се залага за дипломатско решение за тој конфликт.

Бојко на македонскиот пазар влезе со половина милион евра

Тој во Северна Македонија преку „Диџитал Фајнанас Интернешнл“ ги поседува брендовите за брзи кредити познати како „Форца“ и „Креди“, а неодамна неговата фирма го најави и производот „Хипокредит“ со кој може да се подигне кредит до 65 илјади евра со залог од недвижен имот со рок на отплата до 15 години.

Во реакцијата на адвокатскиот тим на Бојко е наведено дека овој производ бил промовиран во 2020 година и дека повеќе не е достапен на пазарот.
Рекламата за производот „Хипокредит “ се уште постои на веб страницата, но на телефонскиот број се јавува снимена телефонска секретарка со барање да оставите порака.


Со пола милион евра влог фирмата „Диџитал Фајнанс Интернешнл“ е запишана во македонскиот централен регистар во 2016 година.

Милиони евра приходи, а пријавена загуба

За само пет години од основање на ранг листата од 35 финансиски друштва кои се занимаваат со брзи кредити во земјава, во 2021 година се искачи на седмото место со приходи од 2, 5 милиони евра. Но, добивката во завршната сметка изнесува само 10 проценти од приходот, односно 226 илјади евра, додека сето останато, во завршната сметка доставена до Централен регистар е заведено под расходи.

Лани пак, им опаднала работата, па оваа фирма остварила приход од 1,2 милиони евра, ама поради големите расходи, прокнижени во завршната сметка, годината ја завршила со загуба од над 300 илјади евра, што значи дека на државата и уплатила само 50 илјади евра данок, што е за три пати помалку од претходната година.

До објавувањето на овој текст не добивме одговор од управителката на оваа фирма во Скопје, Елизабета Силјановка за причините за загубите.

Фирмата „Диџитал Фајнанс Интенешнл“ е дел од руската империја Финстар (Finstar Financial Group) со седиште во Москва, која има свои ќерки фирми низ Европа, САД, Азија, Латинска Америка.

„Диџитал Фајнанс Интенешнл посебно се фокусира на пазарите во земјите во развој, со цел да излезе во пресрет на финансиски потреби на клиентите од тие делови на светот“, се вели во објаснувањето на веб страницата на Форца, кое едвај може да се прочита од рекламите кои се појавуваат врз текстот со понуди за нов „бесплатен“ кредит.

Инфографика - Продавници за пари во Македонија

Јовановиќ- Државата да провери дали се перат пари

Фирмите за брзи кредити се друштва кои функционираат со ниски трошоци, а наплаќаат високи кредитни трошоци и маржи. Тоа остава простор за сомнеж кога некое финансиско друштво прави загуба, а има високи приходи, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

„Мојот прв сомнеж е дека станува збор за извлекување на парите од државата во некои од даночните раеви, и дека тоа би можело да се направи преку трансферни цени, односно преку фиктивно книжење на производи или услуги по цени кои се повисоки од пазарните, и на тој начин се извлекува добивката назад. Но ова е непотврдена хипотеза, која надлежните треба да ја проверат и да постапат“, објаснува тој.

Видете и ова: Брзи кредити или легализирана лихва?

Јовановиќ отвора и нова низа на сомнежи за фирмите кои се занимаваат со брзи кредити, кои според неговите проценки се високо ризични во аспектот за перење пари. Сомнежите се во делот на институционалната контрола врз работата на овие компании, затоа што, како што вели, никој нема точен увид во тоа колку кредити дале и постои можност преку такви кредити со високи камати да внесуваат многу пари во системот.

„Ако се искомбинираат овие две работи – дека тоа се субјекти кои што се високо ризични за перење на пари, и ако гледаме дека добивката се извлекува надвор од државата, тоа укажува на тоа дека постои можност тие да се всушност перални за пари, на валкани пари од сомнителни дестинации, кои што понатаму се извлекуваат, се перат преку Македонија и понатаму се извлекуваат преку некои други земји, може тоа да се даночни раеви, а може да се и некои најнормални земји од ЕУ“, вели Јовановиќ.

Македонските институции не откриваат детали за фирмата на Бојко

Неговата компанија, поради биографијата на Бојко, била мета на проверки на надлежните финансиски институции, но како што велат извори оттаму за РСЕ, досега не биле забележани посериозни финансиски текови кои би го привлекле вниманието.

Од Управата за јавни приходи велат дека досега не ја проверувале фирмата „Диџитал Фајнансе Интернешнл“, но дека се прават анализи на фирмите за брзи кредити.

Разузнавачки извори, за РСЕ, велат дека македонските институции ги следат и веднаш спроведуваат санкциите кон странци и нивните фирми во земјава само ако се ставени на листи на Европската канцеларија за борба против измама, американската институција под министерството за финансии за контрола на странски средства и ОН.

Тоа значи дека ако некој се најде на тие листи тогаш во земјава веднаш им се замрзнуваат парите и фирмите, затоа што, како што велат изворите за РСЕ, странците кои внесуваат пари во земјава се проверуваат со помош на меѓународните партнери.

Од Министерството за финансии велат дека во надзорот врз работата на финансиските друштва се потпираат на заклучоците на внатрешните ревизии.

„Во однос на Ревизорските извештаи за 2021 и до денес добиените извештаи за 2022 година, Mинистерството за финансии нема добиено известување од Друштво за ревизија дека конкретно финансиското друштво направило сериозни прекршувања на одредбите од овој или друг закон“, се вели во одговорот од Министерството за финансии.

Според проценката на Народна банка во последниот извештај за 2021 година финансиските друштва се еден од најдинамичните сегменти од финансискиот систем.

„Во последните неколку години, бројот и активата на овој сегмент од финансискиот сектор, е во постојан раст, но без позначителни промени во релативното значење за финансискиот систем, односно, тие и понатаму се маргинален дел од финансискиот систем“, се вели во извештајот на Народната банка.

Фирмата на Бојко во Албанија вмешана во скандал

Еден од вработените во фирмата на Бојко во Албанија, Кредит ту Aл ( Credit 2 All-Digital Finance International SHPK), беше вмешан во скандал со протекување на податоци на 600 илјади корисници на брзи кредити кои завршиле на „црн пазар“. Во јануари 2021 година, првично преку социјалните мрежи, почнаа да се дистрибуираат документи со месечни плати на илјадници граѓани вработени во јавниот и приватниот сектор, вклучително и за познати имиња.

Станува збор за најголемиот проток на информации кој покрена многу дебати во јавноста.

По овој скандал во јануари 2022 година беа уапсени четворица од кои еден е вработен во фирмата на рускиот олигарх Бојко, соопшти албанската полиција. Аферата изби во јануари 2021 година, а еден од обвинетите Ендри Икономи бил на позицијата менаџер во фирмата се до септември 2021 година.

По приведувањето на управителот на фирмата за скандалот, Ендри Икономи за нов управител во октомври 2021 година е назначен Владо Цветковски, пишува Еуроњуз Албанија.

Инаку Бојко на некој начин се поврзува со уште две фирми за брзи кредити во Македонија. Едната преку неговиот поранешен директор на албанската фирма и член во управниот одбор во македонската фирма со руски капитал „Диџитал Фајнанс Интенешнл“ и втората преку летониска фирма чиј сопственик има финансиско друштво во Македонија за брзи кредити.

Компании во сопственост или поврзани со Олег Викторович Бојко

Чешки милионер влегува на македонскиот пазар со брзи кредити

Името на Владо Цветковски, кој бил управител на албанската фирма на Бојко, се појавува и во македонскиот Централен регистар, каде што тој е назначен за член на надзорниот одбор во македонската фирма со руски капитал„Диџитал Фајнанс Интернејшнл“.

За Цветковски тешко се наоѓаат информации, единствен извор е неговиот профил на Линкед Ин. Според профилот тој пред да стане дел до групацијата на Бојко во 2018 година, бил извршен директор на друга фирма за брзи кредити со претставништво во Македонија „Иуте кредит“.

Цветковски сега е управител и на „тазе“ формираната фирма за брзи кредити „Профи кредит“ основана во декември 2022 година.

Според дата базата на вистински сопственици, зад оваа фирма „Профи кредит“ како сопственик стои името на чешкиот милионер Давид Беран. Статистиката на Форбс покажува дека лани Беран „тежел “ околу 300 милиони евра со што влегол во друштво на 100 најбогати Чеси и ја „држи“ 61-та позиција.

Оваа фирма е дел од меѓународната финансиска групација Профиреал Груп, која освен во Македонија, фукционира и во уште четири други држави-Чешка, Бугарија, Полска и Русија. Од 2017 година, оваа групација ја проширила својата дејност и во Југоисточна Азија - Филипини.

Летонскиот „крал на брзи кредити“ ја изгуби лиценцата во Косово, а работи во Македонија

Сопственикот на македонската фирма со руски капитал „Диџитал Фајнанс Интернешнл“ Бојко во истражувањата на скандинавската истражувачка мрежа „РеБалтика“ се поврзува со уште еден сопственик на фирма за брзи кредити во земјава.

Станува збор за Аигарс Кесенфелдс сопственик на фирмата „Финтек Доо“ позната по брендот Тиго.

Според дата базата на вистински сопственик, оваа македонска фирма ја основа милионерот од Летонија Аигарс Кесенфелдс, кој, според Центарот за истражувачко новинарство РеБалтика му бил партнер на рускиот олигарх Бојко во компанијата Форфинанс (4finance) за брзи кредити, која нема претставништво во Македонија, а функционира во 11 други земји.

Според истражувањето на РеБалтика, рускиот олигарх Бојко извесно време имал активности во Косово преку компанијата „Монего“, која беше во сопственост на Летонецот Кесенфелдс. Но, Централната банка во Приштина во 2019 година и ја одзеде лиценцата на оваа фирма поради сомнителни „суперпрофити “.

Минатата година, Тиго кредитите на „Финтек“ во земјава, достигнале приходи од 14,6 милиони евра, од кои добивката изнесувала 3,8 милиони евра што е за речиси двојно повеќе од претходната 2021 година кога приходите изнесувале 8,2 милиони евра, а добивката била 1,7 милиони евра.

Според податоците од македонскиот Централен регистар Летонецот Кесенфелдс поседува една третина од фирмата во која вложил речиси 2 милиони евра. Управители на оваа фирма со 34 продавници за кеш низ Македонија се Оскар Џалб од Летонија и Арлинда Муја од Албанија.

Добивката од фирмите за брзите кредити во сиромашните европски земји го направи Аигарс Кесенфелдс милионер на меѓународно ниво. Прометот на неговите бизниси се приближува до 400 милиони евра годишно, покажа истражувањето на РеБалтика.

Кесенфелдс по одземањето на лиценцата во Косово, како и по обвинувањата во медиумите каде беше посочен како осомничен за перење пари и национална закана, пред косовските новинари ги демантираше таквите наводи.

Тој за нив изјави дека е сопственик или косопственик на околу 150 фирми кои работат во најмалку 20 земји, а нивниот промет во 2019 година изнесувал 384 милиони евра. Според објавената биографија Касенфелд ја основа во 2008- мата година компанијата Форфинанс која го направила милионер. И оваа компанија, која исто така обезбедува брзи кредити, функционира во Бугарија, Грција, Шпанија, Романија, Чешка, Летонија и Литванија, Данска и Шведска и на Филипините.

Ова се само дел од фирмите кои „вртат“ милиони евра наплатувајќи високи провизии на краткорочни и мали кредити за населението. Во земјава се отворени 35 фирми кои издаваат брзи и мали кредити. Четириесет проценти од нив се основани со странски капитал.

Во наредното издание ќе прочитате кои македонски бизнисмени се дел од овој секторот со брзи кредити .....

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Брзи кредити - македонски газди

Овој текст е едитиран на 28 јули 2023 година со цел вметнување на реакцијата доставена до Радио Слободна Европа од адвокатскиот тим кој го застапува Олег Бојко.