Жителите на Струмица, Босилово и Ново Село повторно се обединуваат во револтот против одлуката на Владата донесена на 4 јули за спојување на двете концесии за изградба на рудникот за злато „Иловица – Штука“.
Најавуваат нови протести откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресорсес“ со која Владата претходно еднострано го раскина договорот за една од концесиите во 2019 година, за сега, да донесе одлука со која и едната постоечка концесија и поништената, па „воскресната“ од Управниот суд, да ги спои во една. Тоа значи дека „Еуромакс Ресорсис“ сега треба да поднесе барање за експлоатација на злато и бакар до Министерство за економија.
Од Министерството за економија велат дека евентуалното непостапување на пресудата од Управниот суд може да резултира со нови судски постапки, кои ќе имаат сериозна штета на буџетот преку можни арбитражни постапки пред меѓународни судови. И додека од министерството тврдат дека нема да дозволи отворање на рудник во Иловица без консултација со граѓаните, тамошните жители веќе долги години опстојуваат на ставот дека рудник во тој регион не смее да има.
Судско – политички интриги
Ставот на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски за рудникот „Иловица - Штука“ е спротивен на оној од 2020-та година, кога поранешниот премиер Зоран Заев, во предизборието им ветуваше на неговите сограѓани дека „рудник на смртта нема да има“.
Видете и ова: Нова неизвесност околу прашањето за рудникот Иловица-ШтукаЗа неформалната иницијатива „Здрава котлина“ која се противи на отворање на рудникот „Иловица - Штука“, ваквиот расплет на настаните е поврзан со тетовската интернационална компанија „Еколог“ и семејството Дестани. Активистите од иницијативата претходно објавија дека 25 насто од компанијата „Еуромакс Рисорсес“ се продадени на компанија преку холандскиот холдинг „НД Груп“, во која е дел и компанијата „Еколог“ на бизнисменот Дестани. Според активистите, сигналите за промена на статусот на „Иловица - Штука“ лежат во политичка и судска трговија со влијание.
„Никој нормален бизнисмен нема да си дозволи да инвестира милиони евра за 25 насто во удели во фирма што е веќе задолжена 40 милиони долари и истовремено има изгубено концесија. Таква бизнис логика е невозможна. Фактот што некој вложил во тоа односно знаел или имал сознанија дека може да влијае на процесот бидејќи станува збор за фирма што е блиска со ДУИ, остава големи сомнежи дека се случува трговија со влијание. Различната одлука на судот наеднаш не важат покажува дека постои спрема меѓу судството, политиката и бизнисот. Особено фактот што судот низ 12 пресуди имаше исти факти. Со новиот влез во „Еуромакс Рисорсес“ и добиваме различна пресуда“, вели Ѓорѓи Танушев, активист и советник во општина Струмица за РСЕ.
За „Здрава котлина“ доказ за вмешаност на владејачката ДУИ се и документите од кои се гледа дека еден од судиите кои носи одлуки за „Иловица - Штука“ во Вишиот управен суд е и Субхи Јакупи. Тој исто така е поранешен член на Државната изборна комисија и заменик министер за правда од ДУИ.
Претходно на 19 мај, од компанијата „Еколог“ на прашања на порталот „Дома“ поврзани со бизнис плановите на Дестани со рудникот „Иловица - Штука“ рекоа дека немаат информации.
„Еколог“ е само една од неколкуте компании во портфолиото на ‘НД Груп’ и не е вклучена, ниту информирана за инвестициите на групата. Оттука, ‘Еколог’ не може да коментира за индивидуални бизнис одлуки или развојни планови на други правни ентитети во рамки на ‘НД Груп’“, се вели во одговорот од компанијата за „Дома“.
Пред донесените одлуки на Управниот и Вишиот управен суд, со купувањето на акции во „Еуромакс Ресорсес“ на 3 февруари годинава, дојде и до промена во раководната структура во компанијата, со што лицето Али Везваи станува член на Управниот одбор на „Еуромакс“.
Али Везваи – „мост“ меѓу компаниите на Дестани
Името на Али Везваи се поврзува со повеќе компании, кои водат до Назиф Дестани, основач на компанијата “Еколог“. Везвеи е директор на компанијата НДХ Груп, која е дел од холандскиот холдинг НД Груп, во кој фигурираат и компаниите на Дестани. Воедно, Везвеи има функција и во бордот на директори на интернационалната „Еколог“ и претседател на бордот на директори на „Е.ГО.МОБИЛЕ“, која преку компанијата „НЕКСТ Е.ГО“ планираат да произведуваат електрични автомобили во Тетово.
Видете и ова: Македонскиот е.ГО - најавен помпезно, но полн со „тајни“Бавно до фабрика за електрични автомобили
И пред нецела година, семејството Дестани беше актуелно во јавноста. Нивната компанија „Еколог“ се поврзуваше со инвестицијата за производство на електрични автомобили во тетовската индустриска зона. Инвестиција која Владата одлучи да ја поддржи со субвенции од 130 милиони евра по стартот на производството.
Оттогаш, поминаа 11 месеци откако на свечен настан во тетовскиот ТИРЗ беше најавено дека во рок од шест до осум недели ќе започне изградбата на инвестицијата на „Некст Е. ГО“. Но, освен за поставувањето на камен темелникот, лопати се уште не заиграле за изградба на фабриката.
Последните информации од април годинава беа дека се работи на градежното спојување на парцелите во тетовскиот ТИРЗ за да се даде дозвола за градба и да почнат градежните активности. Директорот на Технолошко индустриската развојна зона, Јово Деспотовски денеска изјави дека работите, сепак, напредуваат.
„Спојувањето на парцелите беше проблем кој се надмина пред околу два месеца. Компанијата потпиша договор за изградба на објект и доставени се документи за владата да даде согласност за договор на закуп на земја. Ние работиме сега на подготовка на земјиштето, која ќе следи по завршувањето на постапката за закуп. Како краен рок за производството на првиот автомобил засега останува крајот на 2024 година“, изјави Деспотовски.
Најавата на инвестицијата за отворање на фабрика за електрични автомобили прв ја соопшти вицепремиерот Артан Груби на неговиот Фејсбук профил лани на 11 август. Попладнето, Владата и официјално ја соопшти одлуката, а истиот ден беше објавена и во Службен весник со потпис на Груби.
Само два дена подоцна, на 13 август, владата и инвеститорот одржаа свечена церемонија во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово. Се фрлија првите лопати за поставување на камен – темелник и се потпиша договор со компанијата. Во публиката беше и претседателот на Управниот одбор на „НЕКСТ. Е. ГО“, Али Везваи и Лазим Дестани, сопственик на фирмата „Еколог“. Бизнисменот Лазим Дестани, кој воедно и е сопственик на фудбалскиот клуб „Шкендија“, заедно со министрите за економија и финансии – Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, како и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, ги бодреа фудбалерите во натпреварот со стокхломски АИК во квалификациите на Лигата на Конфедерации.
Во деновите пред официјално да биде најавена инвестицијата, дел медиуми објавуваа информации дека всушност инвеститорот е токму фирмата „Еколог“.
За нивната поврзаност со компанијата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, од „Еколог Интернешнал“ за Радио Слободна Европа одговорија дека единствената врска меѓу двете фирми е тоа што се дел од портфолио холдинг компанија со седиште во Холандија (ND Group B.V.), а дека и двете компании се независни и работат во различни сектори. Тоа го потврдува и германската компанија, која за РСЕ одговори дека не постои деловен однос помеѓу „Еколог“ и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ“, освен како акционери во холдингот.
Оттогаш поминаа речиси 11 месеци, меѓутоа, од инвестицијата нема ниту трага во тетовскиот ТИРЗ.
Владата како инвеститор ја најави компанијата „НЕКСТ Е.ГО“, а како нејзин управител во Централниот регистар е заведен Фабијан Веиснборн. На договорот потпис, сепак, стави Али Везваи, кој е претседател на Одборот на „E.ГО“, но, воедно тој е и директор на компанијата „Еколог“.
Всушност, и „НЕКСТ. Е. ГО. Мобиле“ и „Еколог Интернешнал“ се компании кои се дел од портфолио холдинг компанија со седиште во Холандија. Но, и двете компании и Технолошко индустриската развојна зона посочуваа дека компаниите се независни една од друга, не постои деловен однос, освен што ги обединува правен субјект, кој има сопственост и во двете компании.