Лидија Јованчевска, 64 годишна наставничка во пензија од скопско, на 1 ноември ќе прави мамографија во болница во центарот на Скопје и среќна е поради тоа. Едвај закажала преглед во државното здравство - иако по операцијата од канцер на града, лекарот ѝ препорачал навреме и редовно да се следи состојбата.
„Три месеци чекав. Уште од август бараме термин со матичниот лекар“, вели Лидија за Радио Слободна Европа.
Ниту термините во помалите градови, ниту превентивниот скрининг, ниту новиот начин на упатување сè уште не можат да ги „прегледаат“ сите пациентки со потреба од мамографија.
Кога не можат со матичниот да „уловат“ место во системот „Мој термин“, а тоа е често, пациентките плаќаат приватно. Цените се движат од по 4.500 денари па нагоре, за ехо или за мамографија.
Видете и ова: Ракот на дојка не прашува за годиниПатешествието на Лидија почнало пред седум години, во 2017, кога ѝ била откриена болеста и била оперирана. Добила препорака двапати годишно да прави ехо и еднаш годишно мамографија. Често плаќала во приватни ординации за да се прегледува навреме.
Вели дека проблемот не е кај матичните лекари, кои мака мачат да им најдат термини на пациентите, туку кај онколозите кои „не закажуваат иако имаат опција да го прават тоа“.
„Уште од самиот почеток пред седум години, имав проблеми со закажување за мамографија. Последните две – три години е само полошо“, вели Лидија.
Видете и ова: Нема термини за мамографија во Скопје за следните три месециОд Министерството за здравство посочуваат дека во 2022/2023 се направени низа промени за сите пациенти да се прегледуваат во државното здравство. Меѓу нив се: намалена возрасна граница за скрининг на дојка, од 50 на 45 години; ако имало болен во семејството, може да се прегледаат и пациенти од 40 до 44 години; формирани се кабинети за дојка; за првпат е воведена можност радиолог да креира упати, со што се скратува времето до дијагноза; воведена е контрола на квалитетот на мамографската снимка...
Бројките растат, термини нема доволно
Ехо и мамографија се прегледи што жените оперирани од канцер не треба да ги прескокнуваат. Превентивните прегледи, пак, помагаат болеста да се открие порано со што и шансите за излекување се поголеми.
Според официјалните податоци, бројот на починати и заболени расте, а термини недостасуваат.
Минатата 2022 година од оваа болест починале 356 жени, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје. Или просечно, умирала по една жена дневно, во текот на цела година. Тоа е најмногу во последните 12 години.
Истата година се регистрирани и околу 1.200 новозаболени од рак на дојка. Претходно, просечниот број на заболени беше по 800 - 900 годишно.
Видете и ова: Бесплатен мамографски преглед наместо осмомартовско ороСистемот „Мој Термин“ покажува дека не можете да закажете преглед за тогаш кога ви треба: Во Скопје, првиот слободен термин во Кабинет за дојка е во ГОБ „8 септември“, за 13 дена. За Прилеп, Вевчани, Делчево, Струмица, Битоа, Ресен, системот покажува дека нема термини. За Неготино, Кочани, Кавадарци, Кратово, за термин се чека од 20 денови до месец.
„Термини нема ни преку матичен, ни преку хирург, а богами ни преку онкологија. Јас овојпат сите морав да ги направам приватно, а никој не те прашува дали имаш или немаш да платиш. Така што, нашето задолжително проверување на секои шест месеци преку фондот, не е возможно“, вели друга пациентка.
Нередовните прегледи се една од причините болеста да се открие во подоцнежна фаза, кога и шансите за излекување се помали.
Во Велес има апарат, ама нема доктор
Болницата во Велес го скокна „Розов октомври“, глобално востановениот месец за подигање на свеста за рак на дојка. На овдешните пациентки ни малку не им е розова ситуацијата – од 1 октомври нема радиолог во болницата, па нема ни прегледи. Пред неколку години добија нов мамограф, ама залудно кога нема кој да ги чита снимките. Од болницата прават напори да го решат проблемот, се надеваат дека од 1 ноември ќе добијат радиолог.
„Одделението за мамограф е затворено. И ние како лекари некогаш не знаеме каде да ги упатуваме пациентите. Една пациентка, ја пративме за Штип, отиде со такси, а таму мамографот не работел“, раскажува матична докторка од Велес.
Видете и ова: Прилепчанки за мамографски прегледи одат до Битола
Минатата недела се расипал и мамографот во Клиничката болница во Штип. Оваа болница е регионален центар за источниот регион. Во неа на специјалистички прегледи се упатуваат пациенти од Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница...
„Мамографот не работи. Беа севисерите, се прават напори да се поправи. Во меѓувреме, или на пациентите им даваме термин за понатаму, или ги праќаме на други места“, ни потврди директорот на болницата, Ален Георгијев.
Ама затоа пак им се „посреќи“ на пациентките во Куманово. По шест години пауза, од средината на септември повторно се прават прегледи во Кабинетот за дојка во кумановската болница. Болницата нема мамограф од 2017, кога стариот се расипа, па пациентките беа праќани во Свети Николе, Кратово или други градови.
Видете и ова: Филипче: Воведена иновативна терапија за рак на дојкаВо Кабинетот за дојка во битолската болница има по седум редовни термини за мамографија дневно, ни рече директорката на болницата, Елизабета Ивановска.
Има и по два – три приоритетни случаи на ден за оваа постапка. Во вторник и во четврток се прегледите преку скрининг – програмата.
„Доаѓаат и пациенти од други градови, од Прилеп, од Ресен...кој сака, ќе направи преглед“, рече Ивановска на прашањето дали овие термини се доволни за градот кој котира високо на листата по заболени од канцер.
И податоците за 2021 година покажуваат дека Куманово и Битола се меѓу градовите со најмногу регистрирани нови случаи рак на дојка во 2021 година – 59 нови случаи во Куманово и 52 новозаболени во Битола.
Како до преглед?
Министерството за здравство објави Патека за упатување на жените за прегледи на дојка со цел рано да се открие евентуален канцер. Според овој документ, има повеќе начини како пациентка да биде испратена на мамографија.
Првиот е упат од матичен лекар до најблискиот Кабинет за дојка. Вториот начин е скриниг - програмата на Министерство за здравство, со пријавување преку интернет. Се однесува за жени без симптоми од 45-69 години и за жени од 40 до 4 4 години со позитивна семејна анамнеза.
Третиот начин е за жените кои се оперирани или примиле онколошка терапија. Нив може да ги упати и хирургот, онкологот, а видот на преглед го определува радиолог.
„Ординациите имаат ограничен број термини во тек на еден месец. Нема толку термини за колку реално има потреба. Доведени сме во ситуација да седиме пред компјутер и буквално да „демнеме“ термин“, вели матичен лекар од Скопје за проблемите со закажувањето.
Според Министестерството за здравство, ехо и мамографија се прават во 24 јавно здравствени установи , а скрининг во шест установи.
Според овие податоци, во моментов се сервисираат апаратите во болниците во Штип и во Гевгелија.