Републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп одржува предност на претседателските избори во САД, покажуваат проекциите на медиумите.
Трамп победи во повеќето држави кои важат за традиционално републикански, вклучително и во Северна Каролина која се смета за една од седумте одлучувачки држави за исходот од изборите. Со тоа, тој го стесни патот до победа на неговата ривалка, демократската кандидатка и актуелна потпретседателка Камала Харис.
Овие избори се сметаат за историски и нивниот исход најверојатно ќе има големо влијание врз руската војна во Украина, воениот конфликт на Блискиот Исток и други глобални прашања како што се климатските промени.
Видете и ова: Американците гласаат на избори што ќе влијаат на војните во Украина и Блискиот ИстокИзборите се важни и за Европа од каде будно се следат резултатите додека се наметнува прашањето што ќе значи резултатот од американските избори за надворешната политика во иднина.
Харис најави дека ќе ја продолжи политиката на претседателот Џо Бајден за помагање на Украина, јасно изразувајќи ја желбата да ја види Русија поразена. Трамп, пак, ја доведе во прашање поддршката на САД за Украина, велејќи дека Европа треба да го носи најголемиот дел од товарот во помошта за Киев, а ја доведува во прашање и иднината на НАТО.
Според неофицијалните проекции на американските медиуми, Трамп во мометов има 230 гласови во изборниот колеџ наспроти Харис која има 205 електори. Кој прв ќе стигне до 270, ќе биде 47. претседател на САД.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Досега се затворени гласачките места во повеќе од три четвртини од 50-те американски држави и округот Колумбија.
Проекциите се согласно прогнозите и се идентични со претседателските избори во 2020 кога соочија Доналд Трамп и Џо Бајден.
Меѓутоа, резултати од „одлучувачките држави“ како Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, допрва треба да пристигнат.
Според проекциите, среднозападната држава Илиноис, со 19 електорски гласови, и припадна на Харис. Во најголемиот град таму, Чикаго, според проекциите има околу 50.000 население со украинско потекло и околу 30.000 лица кои се доселија по руската инвазија во Украина започната во февруари 2022.
Една жена гласач, која се идентификуваше како Американка со украинско потекло за РСЕ изјави „верувам дека САД се обврзани да продолжат да ја поддржуваат Украина според меморандумот што тие го потпишаа“.
Додека пред избирачките места ширум САД во текот на изборниот ден се создаваа редици за гласање, пристигнаа и закани за бомби на локации во неколку држави. ФБИ соопшти дека се чини оти многу од нив пристигнале од електронски пошти со руски домени.
И ФБИ и државниот секретар на југоисточната држава Џорџија изјавија дека заканите за бомби не се веродостојни, но сепак го попречуваат гласањето на неколку избирачки места, поради што властите го продолжија времето на гласање за да го надоместат изгубеното време.
„Во овој момент, ние не забележуваме никакви значајни инциденти на национално ниво по однос на загрозување на безбедноста на нашата изборна инфраструктура“, изјави за новинарите Кејт Конли, висок функционер во Агенцијата за кибер-безбедност и инфраструктура.
Во текот на изборниот ден, Трамп се огласи на социјалните мрежи обвинувајќи за „масовно мамење“ во Филаделфија која се смета за упориште на демократите воедна од клучните држави, Пенсилванија.
Градскиот комесар, Сет Блустајн, кој е републиканец, се јави со реакција на Икс велејќи дека нема „апсолутно никаква вистина“ во овие обвинувања.
„Тоа е уште еден пример за дезинформација. Гласањето во Филаделфија се одвива безбедно“, наведе Блустајн.
И Трамп и Харис водеа кампања во Пенсилванија повеќе отколку во која било од другите седум држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот од изборите.
Од кампањата на Харис објавија дека има силен одѕив во Филаделфија, вклучително и меѓу Порториканците кои беа цел на омаловажувачка реторика од комичар кој настапи на митинг на Трамп минатата недела. Дали одѕивот на гласачите ќе биде доволен за Харис, останува да се види.
Видете и ова: Харис или Трамп – колку е важно за Северна Македонија кој ќе победи?Без разлика кој ќе победи во тесната битка, не може да се негира дека се историски избори.
Доколку тоа биде Трамп (78), тој ќе биде најстариот претседател според возраста во моментот на инаугурацијата, првиот осуден претседател, а само вториот кој ќе служи отслужи два мандати кои не се последователни – еден по друг.
Харис (60), пак, ќе бидепрвата жена претседател, прв шеф на државата со јужноазиско потекло, а втор претседател со црна боја на кожата (по Барак Обама).
Најмалку две излезни анкети, едната спроведена од NBC News, а другата од AP VoteCast, покажаа дека едно од најважните прашања за гласачите на овие избори е демократијата, прашање што го покрена Харис во нејзината кампања.
Околу четворица од 10 гласачи, пак, сметаат дека економијата и работните места се најважниот проблем со кој се соочува земјата, според анкетата на AP VoteCast. Околу двајца од 10, пак, сметаат дека главното прашање е имиграцијата, а околу еден од 10 го истакнуваат правото на абортус.