Откако обвинителството отвори предистражна постапка на Клиниката за онкологија по објавата на информациите дека вработени наводно „незаконски препродаваат лекови на пациенти“, граѓани на социјалните мрежи најавија дека во понеделник на 4 септември ќе одржат протест пред Владата и Министерството за здравство, како што е наведено „против убиството на онкологија“.
Обвинителството ја отвори предистражната постапка по скоро четри месеци откако неделникот „Фокус“ во мај годинава објави дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија. Во сторијата на неделникот се вели дека долговите на Клиниката за онкологија во последните 3 години достигнале и до 20 милиони евра поради делење терапија без претходен план и купување лекови на реверс.
Во објавата за утрешниот протест пред Владата, се вели дека граѓаните сакаат да го искажат гневот и револтот против криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за Онкологија и повикуваат на оставка и одговорност од „сите министри за здравство“.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во животно-загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години“, се тврди во објавата за протестот.
Во меѓувреме, вчера и денес некои граѓани споделуваат постови од граѓани кои се сомневаат дека членови на семејства болни од карцином не примале соодветна терапија на Клиниката за онкологија.
Видете и ова: Претрес на Клиниката за онкологија, одземени компјутери и документиЈавното обвинителство на 2 септември соопшти дека по судска наредба и насоки на јавен обвинител, полицијата извршила претреси на Клиниката за окологија и уште на две локации во приватни станови во Скопје. Полицијата одземала компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.
„Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, се вели во соопштението на Јавносто обвинителство.
Лекарската комора на Северна Македонија по истрагата на Обвинителството излезе со реакција во која изразува голема загриженост, како што наведува, во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Оттаму наведуваат дека доколку наводите се покажат како вистинити, ќе значат голема повреда на правата на пациентите.
„Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува од пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“, се вели во реакцијата на Лекарската комора.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара кривична и политичка одговорност за, како што ги нарече, „овие монструозни постапки“. Опозицијата смета дека власта молчела, иако знаела за случувањата на Онкологија.
„Шокантно е тоа што се случува во здравството. Се сеќавате на оние билборди за европско здравство, а од друга страна гледате мафија во здравството. Ние како ВМРО-ДПМНЕ предупредивме пред отприлика 2 години за ова што денес е актуелна тема, а пред отприлика 6 месеци медиумите се занимаваа со ова, а гледате дека на МВР на Спасовски му требаше речиси две години да отпочне, внимавајте, предистрага“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на 2 септември.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сите кои го прекршиле законот треба да одговараат. Тој наводите за случајот ги нарече „грозни и што не смеат да се случуваат, но посочи дека станува збор за, како што рече, „наводи што сме слушале во текот на изминатите 20 години“.
Ковачевски рече дека во моментот со Клиниката за онкологија раководи нов директор. Тој додаде дека гледал оти во медиумите и на социјалните медиуми се сакало да се креира слика за вмешаност на само одредени лица, зависно од нивната припадност: „она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен, вели Ковачевски.
„Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население“, изјави Ковачевски велејќи дека од страна на претседателот на Владата и од Владата немало да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било.
Видете и ова: ОЈО и МВР собираат докази во предистражна постапка на ОнкологијаВо најавата за утрешниот протест пред Владата и Министерството за здравство се вели дека скандалот со кражбата на лекови на онкологија „не смее да помине неказнето.“
„Не прифаќаме одговорност од најнискиот еншалон во Онкологија - бараме кривична одговорност за владините функционери“, се вели во најавата за протестот кој е закажан за понеделник во 18 частот пред Владата во Скопје.
Во неа граѓаните наведуваат дека бараат одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити, од замениците-министри за здраство Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директора на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска. Исто така, одговорност се бара од поранешниот организационен директор на Клиниката Нехат Нухи.