„Разгорени“ меѓучовечките односи во кумановскиот Суд

Опожарен Основниот суд во Куманово

Пожарот во Кумановски суд го привлече вниманието на јавноста кон овој суд. Но, таму се разгорени меѓучовечките односи, а нотирани се и проблеми со АКМИС и архивирање на предметите. Тоа го покажува извештаите на Судскиот совет и Министерството за правда. Претседателката на Судот демантира.

Архивата во Кумановскиот суд која беше опожарена била во вистински хаос, покажува извештајот на Комисијата за надзор над АКМИС-от кој се користи за распределување на предмети. При посета на судот, Комисијата утврдила дека од 1971 година не врши континуирано архивирање на предмети.

Во извештајот е нотирано дека овој проблем се провлекувал со децении, а оправдувањето заведено во извештајот е дека за тоа биле задолжени само двајца архивари. Во кумановскиот суд денеска во тек е увид за причините за пожарот.

Извештај на комисија за надзор на АКМИС од Министерство за правда

Гореше и архивата, но и меѓучовечките односи

„Лудаци, говеда, неспособни“ и навреди по етничка основа се дел од навредите за кои се пожалиле до Судскиот совет дека ги слушале на своја сметка дел од судиите во Основниот суд Куманово од претседателката на судот Снежана Манев. Ова е запишано во извештајот од работната посета на судот што ја направиле тројца нивни колеги од Судскиот совет во февруари годинава, за која Министерството за правда вчера алармираше дека ништо не се презема.

Според извештајот две судијки доставиле писмени изјави до Судскиот совет во кои се жалеле на нарушени меѓучовечки односи во кумановските судници. А, по непосредниот разговор со другите судии, тричлената комисија од Судскиот совет констатирале страв и несигурност кај кумановските судии.

Видете и ова: Министерот за правда Лога со предлог за распуштање на Судскиот совет

„Од доставените писмени изјави на наведените судии како и непосредно во нивните изјави може да се констатира нарушеност на меѓучовечките односи и незадоволство при изготвување на годишниот распоред за работа од аспект на распоредување на судиите за постапување по одреден вид предмети“, се вели во извештајот.

Претседателката Манев- Никогаш не сум се скарала со судија

Претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев демантира. Таа вели дека во нејзиниот суд не се нарушени меѓучовечките односи и дека никогаш не ги навредувала судиите и вработените во кумановскиот суд.

„Ниту сум имала кавга, ниту сум се расправала ниту пак имам некаков проблем со судиите. Да ви кажам, јас работам 25 години во судот во Куманово, а 18 години сум судија, ова претпоставувам дека се некои лични забелешки, претпоставувам што кажале и како кажале, “ вели Манев за радио Слободна Европа.

Таа додава дека Судскиот совет не и го доставил извештајот од работната посета на судот, кој е објавен на веб страницата на Советот.

За нарушените меѓучовечки односи зборува и членот на Советот кој не бил дел од оваа комисија за надзор Миросад Суроји, кој се согласува со констатираната ситуација посочувајќи дека ова се случува најмалку две години.

„Толерирајќи да се преземат мерки со години, очигледно ја влошило состојбата. Дали со овој суд треба да раководи вакво лице?, “ рекол Суроји на седницата на Судскиот совет во март годинава.

Судскиот совет констатира злоупотреби на АКМИС

Во извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет за кумановскиот суд се заведени злоупотреби на АКМИС програмата со која се врши автоматизирано распределување на предмети кај судии.

„Истовремено е констатирано и дека во дел од донесените одлуки не постојат образложени причини зошто одредени судии се исклучени од автоматската распределба на предмети преку АКМИС програмата – (да примат или да не примат предмети)“, се вели во извештајот.

Тричлената комисија во која членувал актуелниот претседател на Судскиот Совет Сашко Георгиев забележала дека во кумановскиот суд не се распоредуваат предметите соодветно со стручноста на судиите, а дополнително според извештајот Манева рачно доделувала предмети кај судии кои доброволно прифаќале да ги работат без тоа да биде автоматски направено преку АКМИС.

Видете и ова: Колективна оставка и јавен избор на нови членови на Судски совет, бараат невладините

Во АКМИС-от биле забележани неправилности и во делот на одредување на адвокати по службена должност, односно им се доделувале на помлади адвокати затоа што постарите имале премногу работа, се вели во извештајот.

„Од извршениот увид во списокот на ангажирани адвокат може да се констатира дека постојат адвокати кои повеќе и почесто се ангажирани во кривични предмети во споредба со вкупниот број адвокати евидентирани во листата на адвокати во АКМИС системот“, е наведено во записникот од седницата на која се дискутирало.

Извештај по работна посета на Судскиот совет во Основниот суд на Куманово

Претседателката Манев вели и министерството за правда направило надзор пред еден месец, и не им наговестиле дека има некакви грешки, а за извештајот на Судскиот совет и нивните забелешки не добила информација од институцијата.

„Слушам во јавноста дека и Министерот тврди дека Судскиот совет дал негативни податоци за АКМИС-от дека не се работело како што треба, но јас немам таков документ освен она што го зборува Министерот. Дури после неговата изјава Судскиот совет се обрати до кумановскиот суд за АКМИС-от. За целата година доставив податоци кога е исклучуван АКМИС-от, а тоа е согласно системот само кога судијата е на боледување или кога е на одмор повеќе од 5 дена, а за секоја таква одлука си има документ“, додава таа.

Засега од Судскиот совет нема мерки

Судскиот совет досега не донел мерки против в.д. претседателката на Основниот суд Манева, туку препораки за акциски планови и механизми како да се надминат проблемите, насока да се постапува по закон. Дополнително ја опоменал Манева да внимава во иднина како се однесува, затоа што, ккао што се вели во извештајот, е недозволиво раководно лице да биде пречка за нормално функционирање на еден од најголемите судови во земјава.

„Констатираните забелешки во однос на меѓучовечки односи посебно на етничка основа, е недозволиво и спротивно на етичкиот кодекс на однесување на вд претседател како раководно лице на судот, институцијата каде се дели и се бара правда, истиот треба да биде пример на меѓучовечките односи а не спротивното“, се заклучува во извештајот.

На седницата на Судски совет по разгледувањето на заклучоците од посетата на кумановскиот суд, извештајот бил усвоен со насока од тогашната претседателка Весна Дамева да се направи повторно посета на судот, но овој пат ненадејна за да се дефинираат следните чекори затоа што, состојбата е сензитивна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Лога: Приоритет е Преамбулата, но можно е работната група да разгледува и други делови од Уставот

За проблемите со кумановскиот суд неодамна алармираше и министерот за правда Кренар Лога во интервју за Радио Слободна Европа.

„Од пред два месеци имавме извештај од надзор на Судот во Куманово, каде од осум точки претседателот на судот не исполнува седум од нив, меѓу нив и за АКМИС, кој бил манипулиран од таа страна. Извештајот е поминат на Судски совет и за жал, не е преземена никаква мерка“, изјави Лога.

Од Министерството за правда велат дека Судскиот совет 5 месеци одолговлекува и не презема мерки за утврдување на одговорност и санкционирање на ВД претседателот на Основниот суд Куманово за констатираните злоупотреби на АКМИС-от.

„АКМИС-от е во надлежност на ресорното Министерство за правда, кое врши редовни и вонредни контроли на судовите. Доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, министерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка“ одговорија од Судски совет во врска со објавените тврдења на Министерството за правда.

Од Министерството велат дека на 29 јуни заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели им одговорил дека е изготвен дополнителен извештај кој ќе се разгледа на наредна седница на Судскиот совет.