Државата следната година планира да се задолжи за нови 1,2 милијарда евра. Со парите од новите заеми, ќе се враќаат старите долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит за следната година проектиран на 545 милиони евра, според Буџетот за 2024 тежок 5,4 милијарди евра којшто го претставија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на 14 ноември.
Јавниот долг во третиот квартал од оваа година изнесува 55,8 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), што е околу 8 милијарди евра, според податоците кои ги објави Министерството за финансии во октомври. БДП-то на Северна Македонија изнесува околу 13 милијарди евра, односно околу 7 илјади евра по глава на жител.
Откако Владата го усвои Буџетот за следната година, министерот за финансии Бесими рече дека јавниот долг ќе остане во рамките на 60 проценти од (БДП).
„Во однос на задолжувањето во текот на годината, веќе нема да има издавање на еврообврзница, бидејќи две години преговараме поволни услови за финансирање на Буџетот од Европската комисија преку макрофинансиска помош; 100 милиони евра од Светска банка и ОПЕК со закони кои веќе се поминати во Влада и Собрание; 90 милиони евра од развојната германска банка и други потенцијални финансирања, како од банката на Советот на Европа и 170 милиони евра од ММФ. Ова е пакетот за меѓународно финансирање на Буџетот за следната година и од домашното задолжување на пазарите“, изјави министерот Бесими.
Видете и ова: Бесими: Годинава повеќе нема да се издава еврообврзница
Во претходниот Буџет кој беше проектиран за 2023 година, државата испланира да се задолжи за над 1,5 милијарди евра, но ја продолжи практиката со позајмување на пари за покривање на стари долгови.
Според податоците на Министерството за финансии, во третиот квартал од 2023 година била направена исплата на долгот за еврообврзницата издадена во 2016 година во износ од 450 милиони евра, а дека се вратени вкупно 540 милиони евра за обврски за надворешниот долг.
Ивановски - Државата да размислува за други опции
Во ситуација кога јавниот долг се зголемува и оди кон 60 проценти од БДП, универзитетскиот професор Зоран Ивановски оценува дека државата веќе ги исцрпува можностите за дополнително задолжување и натамошно зголемување на јавниот долг.
„Во однос на задолжувањето, факт е дека државата треба да обезбеди средства за финансирање на планираните јавни расходи, меѓу кои и покривање на отплатите на долговите. Се разбира, државата тоа го прави на најлесен начин преку задолжување. Сметам дека веќе мора посериозно да се размислува и за други алтернативи во делот на стратегија за фискална консолидација“, вели Ивановски.
Според Ивановски, алтернативи за државата можеби треба да бидат отуѓување или продажба на помалку корисни земјишта, објекти или компании, затоа што, како што посочува, на долг рок се доведува во прашање фискалната одржливост на јавниот долг.
„Со среднорочната рамка и планот за фискална консолидација утврдено е постепено да се намалува буџетскиот дефицит. Тоа и се прави со Предлог-буџетот за 2024 година и сега тој се доближува до оној праг од три отсто од БДП што е зацртан со махстрихските критериуми и е проектиран некаде околу 3,6 проценти. Меѓутоа треба да се размислува алтернативно дали само задолжувањето е опција, бидејќи на тој начин постојано имаме репрограмирање на долговите и стално задолжување со уште повисока каматна стапка“, вели Ивановски.
Видете и ова: НБРМ предвидува умерен економски раст и инфлација до 9,5 отсто за 2023 годинаДржавните претпријатија не ги плаќаат долговите
Јавниот долг се однесува на вкупната сума на пари што земјава ја должи на кредиторите и заемодавачите. Во случајот на Северна Македонија, тука се вклучени парите што ги позајмува Владата, јавните институции, општините и субјектите во Град Скопје, јавните претпријатија и трговските друштва во целосна или доминантна сопственост на Владата.
Светската банка во извештајот за земјите од Западен Балкан што го објави есенва, наведува дека јавниот долг на Северна Македонија и натаму расте. Неисплатените обврски остануваат над три проценти од БДП, главното поради неплаќањето од страна на претпријатијата во државна сопственост, здравствениот сектор и локалните власти.
Светската банка исто така наведува дека јавните финансии се пренапрегнати поради зголемувањето на трошоците за задолжување, а дека фискалната консолидација треба да претставува приоритет за државата, според новите обврски за потрошувачка на плати и јавни инвестиции.
Стратегиите за јавниот долг само на хартија
Економскиот аналитичар Абил Бауш смета дека веќе е вклучен алармот за сервисирањето на јавниот долг, со оглед дека тој се движи до границата од 60 проценти од БДП.
„Сервисирањето на јавниот долг е еден вид стратегија со која Владата треба сериозно да се занимава. Тие имаат изработено стратегија за сервисирање на јавниот долг до 2025 година, која предвидува намалување на јавниот долг. Но, тоа стои само на хартија, а во реалноста ситуацијата е поинаква. Како држава ние позајмуваме за да го сервисираме стариот долг и за оперативни трошоци на државата. Ние не успеавме парите што ги позајмуваме да ги вложиме во капитални инвестиции за понатаму да имаме влијание врз економијата и да имаме одржлив економски раст. Ние немаме никаква визија како можеме да го вратиме тој долг или парите да ги користиме за понатамошни инвестиции кои потоа ќе генерираат приходи во општеството“, вели Бауш.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканВМРО-ДПМНЕ - Власта двојно го зголеми долгот за 7 години
За зголемувањето на јавниот долг реагираше и опозицијата. До пратениците се доставени два нови закони за задолжување со европско знаменце, со кои земјата треба да се задолжи за нови 190 милиони евра, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој рече дека до крајот на годината до Собранието треба да стигнат нови задолжувања кои ќе достигнат до 500 милиони евра, со што јавниот долг ќе биде 8,5 милијарди евра. Тој исто така рече дека власта за 7 години го покачила јавниот долг од 4,7 на 8,5 милијарди евра.
Предлог Буџетот за 2024 година тежи 5,5 милијарди евра, во него над 660 милиони евра ќе бидат за исплата на плати во јавниот сектор а 733 милиони евра ќе се одвојат за капиталните инвестиции.
Вкупните приходи на Буџетот за 2024 година се планирани на ниво од 5,4 милијарди или 31,6 проценти од БДП и тие се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година.
Расходите се планирани на 5,5 милијарди евра што е 35 проценти од БДП, односно за 5,8 отсто помалку споредено со 2023 година.