Не им e страв само од ракот на дојка, туку од системот

Северна Македонија - Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, амбуланта за малигни тумори на дојка, Скопје, февруари 2024 година.

За термин за ехо и за мамографија жените во Северна Македонија, и оние кои се заболени од рак на дојка и за редовен преглед чекаат повеќе од еден месец. Борејќи се да преживеат во систем во кој јавното здравство е речиси урнисано, пациентките се пред избор - да плаќаат приватно или да бараат чаре во странство.

Кога актерката Весна Петрушевска добила дијагноза канцер на дојка овој април, ни секунда немала дилема дека мора јавно да зборува за болеста. Затоа објави и фотографија од лузната по отстранување на градите на својот профил на Инстаграм на 6 октомври.

„Сите сакаме на социјалните мрежи да гледаме убава храна, убав живот... Ова е животот без филтер. Приказната е прилично сурова, а во јавноста нема доволно свест за овој проблем“, изјави Петрушевска за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Канцерот на дојка кај жените во Северна Македонија е најчеста причина за смрт од сите видови рак веќе 13 години наназад, според извештаите на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ).

Северна Македонија - Актерката Весна Петрушевска објави фотографија од операцијата по канцер на дојка, на својот профил на Инстаграм, 6.10.2024 година.

Петрушевска првата операција ја направила на државната Клиника за торакална хирургија, во дополнителен термин на хирургот.

Докторите специјалисти во Северна Македонија со закон имаат можност да работат по работното време ако нема редовен термин и пациентот доплаќа за ангажманот на хируршкиот тим.

„Штом ја добив дијагнозата, побарав помош од пријател. Имав исклучителен хирург до кој стигнав со препорака, не преку термин. И не го оправдувам мојот пат. Но кога станува збор за сопствениот живот, не верувам дека сите ќе одат на регуларниот начин“, вели Петрушевска.

Видете и ова: Пациентите бараат чаре во приватни клиники, лекарите чекаат помош

Втората операција ја направила во приватна клиника, затоа што „убива бирократијата на шалтерите“. Вели дека искрено сочувствува со жените кои не можат да платат високи суми во приватно здравство.

Во приватните болници во Скопје, операција на една дојка е од 100 илјади денари нагоре, во зависност од сложеноста на интервенцијата и од тоа колку време пациентката ќе остане во болница.

Основните ехо и мамографија чинат секоја по околу 6.000 денари, без дополнителни анализи. Во приватните лаборатории цената е нешто пониска, по околу 3.000 денари.

„Виза за Америка попрво ќе добијам отколку термин за мамографија и ехо во државна болница. Но, комплет испитување на приватно е повеќе од мојата месечна плата“, рече една од соговорничките на РСЕ.

Сумите се недостижни за многу пациентки во Северна Македонија, каде просечната плата е околу 41.000 денари, според последните податоци на Државниот завод за статистика.

Тоа е речиси најниска просечна плата на Балканот и на дното на европскиот просек.

Според Сојузот на синдикати, примањата на 22.000 работници се речиси двојно под просекот - земаат минимална плата во износ од 22.567 денари.


Здравствениот лавиринт и луѓето во него

Во случајот на актерката Петрушевска, од дијагноза до две операции поминале 20 дена. Тоа е брзо во споредба со патешествијата на бројни пациентки кои со месеци чекаат термини за прегледи и дијагностика во државното здравство.

Северна Македонија - Елизабета Ристовска, пациентка од Скопје Фото: приватна архива

Чекала и 42-годишната скопјанка Елизабета Ристовска. За ехо на дојка закажала во јули, а снимањето било на 20 септември во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје.

„Три кредити земав за да се лекувам во овие три години. Во деновите на борба за преживување немаме термин за компјутер, за магнет, со месеци се чека за пет – скен“, вели Елизабета.

Таа за скен на скелет чекала четири месеци.

Видете и ова: Кредит за спас на животот

Како до преглед

Во Северна Македонија, и покрај статистиката дека во 2023 година речиси секој ден умирала по една жена од карцином на дојка, во државното здравство нема доволно термини за ехо и за мамографија.

Според податоците од Министерството за здравство за РСЕ, од почетокот на 2024 година до сега се направени 11.676 ехо прегледи и 6.693 мамографии.

Но, Министерството не одговори на прашањето колку пациенти чекаат термин за ехо и мамографија и колку е просечното време на чекање.

Видете и ова: „Розов“октомври: Задолжителните контроли се невозможна мисија

Пред околу една година здравствените власти направиле и промени и во начинот на упатување на пациентите за оваа дијагностика.

Ако до тогаш матичниот лекар ги внесуваше во системот „Мој термин“ и терминот веднаш се гледаше, сега ниту докторот нема увид кога би било снимањето. Лекарот закажува, а пациентот добива смс-порака кога да се јави на преглед. Колку ќе чека - не се знае.

Видете и ова: Милионска опрема за третман на рак со години фаќа прашина во магацин

Вториот начин за закажување е преку Програмата за скриниг на рак на дојка што Северна Македонија ја воведе во 2015 . Препораката е сите жени од 40-69 години да прават мамографија еднаш во две години. За пациенти со зголемен ризик, мамографијата се препорачува еднаш годишно.

Жените сами, онлајн, можат да закажат преглед, велат здравствените власти.

Скринингот се прави во 14 здравствени установи. Од почетокот на 2024 година до сега се прегледани 9.152 жени, според податоците од Министерството за здравство за РСЕ.

Нема податок колку пациенти се пријавиле во системот и чекаат за скриниг.

Пациентка веќе оперирана, уште не добила термин за ехо

Но, за пациентите и за нивните матични доктори двата начини на закажување се нетранспарентни и комплицирани.

Затоа многу жени принудно пропуштаат прегледи што можат да им го спасат животот, вели д-р Ива Здравевска-Панделиева, специјалист по семејна медицина во ПЗУ„Семејно здравје“.

На пример, таа неодамна имала пациентка со промена на дојка и ја внела во системот. Пациентката не сакала да чека и за ехо платила приватно. Веќе е и оперирана во приватна болница, а уште не добила термин за ехо во државна болница.

„Ситуацијата нѐ исцрпува, зошто со голи раце не можеш да направиш преглед. Ехо е основен дијагностички метод. Ако тоа го немаме, залудно зборуваме за самопрегледи и за едукација на жените. Гледаш промени на дојка, а не можеш да му помогнеш на пациентот“, вели д-р Здравевска - Панделиева за РСЕ.

Видете и ова: Термин на приватно или со врски ?

Проблемот особено ги погодува новодијагностицираните пациенти, објаснува Ана Марјановиќ од групата „Пеперутки“ и здружението „Хема-Онко“, во кои членуваат жени со карцином на гради.

„Можеби, 70 отсто им е олеснето на веќе постоечките пациентки, но за останатите е многу комплицирано. Превентивата во моментов е сведена на нула. Здравствените власти велат дека е поедноставно со скрининг-програмата, но реалноста покажува дека не е така“, изјави Марјановиќ за РСЕ.

Затоа Божанка Ќосева Караколева, 59 годишна кноговодителка во пензија од Гевгелија, магнет и компјутерска томографија прави во Солун, соседна Грција.

Не само затоа што Гевгелија е поблиску до Солун отколку до Скопје, туку и затоа затоа што цените во грчките болници се пониски од цените во приватните болници во Северна Македонија.

„ Кога на повеќе места во телото ќе се појават канцерогени клетки, не можеш да чекаш ни две недели, не пак два-три месеци. Онкологот ми вели, направи снимања побрзо. Побрзо значи, оди на приватно. И јас кренав раце од снимања кај нас“ вели Караколева за РСЕ.

Таа за магнет на абдомен во Грција платила околу 8..500 денари. Истиот преглед во Северна Македонија ќе ја чинел двојно повеќе, околу 18.000 денари.

Галопираат бројките на починати и на новозаболени

„Розовиот октомври“, месецот посветен на кревање на свеста за ракот на дојка, Северна Македонија го дочека со поразителна статистика.

Бројките се дека од година во година незапирливо расте бројот на починати, но и на новозаболени од оваа болест.

Според извештај на ИЈЗ за смртноста од рак на дојка 2010-2022 година, 310 жени починале од рак на дојка во 2010 година. Дванаесет години подоцна, овој број се искачил на 356.

„Во анализираниот период се забележува тренд на пораст на бројот на умрени жени од рак на дојка“, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Или, безмалку секој ден во годината умирала по една жена од болест за која лекарите велат дека во голем процент се лекува ако се открие навреме.

И бројот на новозаболените галопира во периодот 2017-2023 година.

Во 2023 година, најголем број од новозаболените кои побарале помош на Клиниката за онкологија имале канцер на дојка – вкупно 1007 пациенти.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Клиника за онкологија – драматичен крик за помош од државата

Игор Стојковски, директор на Клиника за онкологија, вели дека пораст на заболени од карцином на дојка во Северна Македонија има, но има и секаде во светот.

„Нема некој фактор зошто е тоа така, не е една причина, туку е комбинација на повеќе фактори. Инциденцата се зголемува со староста на населението, влијаат животниот стил, навиките..Тука е и свесноста на пациентите, да прават самопрегледи“, вели Стојковски за РСЕ.

Тој вели дека рана детекција треба да прават матичните лекари и до некаде секундарното здравство. Кога веќе ќе стигнат на Клиниката за онкологија, пациентките се во напредна фаза на болеста, за хемотерапија или радиотерапија.

„Нема листи за чекање терапија кај нас, целата современа терапија е достапна. До Нова Година би требало да се покриеме со лекови“, вели Стојковски за РСЕ.

Нови заболени, стари проблеми

Но, на позитивната листа на лекови, што државата ја ажурира во септември по 10 години застој, не беше ставен ни еден онколошки лек. Таква можност здравствените власти најавија за по Нова година.

Нема ниту разрешница на скандалот за наводна препродажба на скапи онколошки лекови од Клиниката за онкологија за кој Јавното обвинителство пред 10 месеци отвори истрага за злоупотреби вредни 30 милиони евра.

Двајца поранешни директори и тројца лекари беа осомничени за измама во службата.

Видете и ова: Болницата „8 Септември“ има лекари и опрема, ама нема лекови за болните од канцер

И покрај скандалот, Клиниката за онкологија во Скопје е единствена стручна институција која згрижува пациенти со карцином од цела држава. Трите регионални онколошки центри во Штип, Битола и Тетово, не профункционираа со цел капацитет.

Причината е што нема доволно онколози и радиолози, а некаде ни потребни апарати.

Одделот за карцином на дојка на Клиниката за онкологија работи со 7-8 специјалисти. Тие имаат по околу 4.700 пациенти годишно, или по 400 пациенти месечно по лекар.

Видете и ова: Димитров: Годишно од 200-250 лекари од јавното здравство заминуваат во странство

Бирократијата, недостигот на лекари и на термини го отежнуваат патот до рана дијагноза.

„Алармираме за рана детекција. Меѓутоа, скриниг-прогарамата се уште не е функционална, нема термини. Се обидуваме да го решиме тој проблем оти колку порано се дијагностицира болеста, толку поголеми се шансите за излекување“, рече Емануела Додева, претседателка на здружението на пациенти „Езра“.

Министерството за здравство на 14 октомври почна национална кампања под мотото „Октомвриски розов караван – превенцијата е најдобра заштита“. До крајот на октомври во повеќе градови е има трибини кои ќе ги водат доктори-специјалисти од Комисијата за скриниг на рак на дојка.

Но, алармите не им значат многу на пациентките кои чекаат термини и не знаат кога воопшто ќе ги добијат.

„Битката против болеста треба да е розова и во реалноста, а не само во празните ветувања, во маратони и во лажни насмевки, вели пациентката Елизабета Ристовска, со надеж дека следниот термин преку кој се следи нејзината болест - ќе го дочека побрзо.