Зошто бугарскиот про-руски претседател го бојкотира самитот на НАТО?

Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев требаше да присуствува на самитот на НАТО во Вашингтон следната недела, но ненадејно се повлече. Зошто? Очигледно, тоа е поврзано со документ кој ја потврдува поддршката на Бугарија за Украина.

На историскиот самит следната недела во Вашингтон, НАТО ќе ја прослави својата 75-годишнина и ќе подготви стратегии како дополнително да и помогне на Украина против целосната инвазија на Русија.

Шефовите на држави и влади од 32-те членки на алијансата - вклучително и Шведска, која се приклучи во март и Финска, која се приклучи во април 2023 година, треба да присуствуваат на собирот од 9 до 11 јули.

Забележително отсутен, сепак, ќе биде претседателот на Бугарија, која е членка на НАТО од 2004 година. Румен Радев рече дека не бил консултиран за документот што треба да биде презентиран на самитот во кој се наведува официјалниот став на Бугарија за војната на Русија против Украина и обврските на алијансата да му помогне на Киев. Наместо тоа, ќе присуствува само в.д. премиерот Димитар Главчев, наместо заедно со Радев како што беше планирано.

Радев (61), чија позиција е главно церемонијална, но нуди платформа за влијание врз јавното мислење, јасно стави до знаење дека не поддржува испраќање воена помош за Украина, тврдејќи дека таквата помош само го продолжува конфликтот. Оние кои се залагаат за таква поддршка, тој ги нарече „воинствени“.

Видете и ова: Како Румен Радев се обидува да стане бугарскиот Виктор Орбан?


Делијан Пеевски, лидер на либералното Движење за права и слободи (ДПС) и еден од погласните критичари на Радев, го нарече одбивањето „потврда дека позициите на Радев им служат на странски, а не на националните интереси и се подложни на зависности и врски со Истокот, спротивно од евроатлантските вредности и принципи“. (Пеевски е санкциониран од САД и Британија за наводна корупција.)

Други, пак, изразија олеснување што Радев нема да го придружува Главчев на самитот, поради загриженоста дека поранешниот пилот на воздухопловните сили би можел да го искористи собирот како платформа за да ги пренесе своите ставови наклонети кон Кремљ.

„За да се најде позитивно во целата слика, барем нема да имаме грижи дека Бугарија ќе има двосмислена позиција на средбата во Вашингтон“, вели Елена Поптодорова, поранешна бугарска амбасадорка во САД.

„Во спротивно, нервозно ќе чекавме да видиме како точно претседателот ќе ја застапува националната позиција ако беше официјален портпарол на Бугарија во Вашингтон“, изјави Поптодорова за Бугарскиот сервис на РСЕ.

НАТО скептицизам

Радев рече дека неговата одлука да го бојкотира самитот на НАТО зависи од неговата улога во креирањето на официјалниот став на Бугарија и нејзините обврски во однос на руската војна против Украина. Радев рече дека не бил консултиран кога Советот на министри - највисокото извршно тело на Бугарија во кое се премиерот и други високи министри, се согласиле за одредбите од оваа позиција, соопшти неговиот кабинет на 27 јуни.

Неуспехот јавно да се објави ставот на владата ги поттикна шпекулациите на некои политичари, главно оние кои се пријателски настроени кон Кремљ, дека функционерите подготвуваат нешто позлобно.

Видете и ова: Среде политички ќорсокак, во Бугарија предлог за нов владин кабинет


„Се надевам дека сите ќе видиме што е напишано во овој текст и ќе разбереме зошто на никаков начин не беше однапред консултиран со претседателот, и зошто има резерви за тоа да биде претставено пред парламентот“, рече на 27 јуни потпретседателката Илијана Јотова, кандидатка на Радев на претседателските избори во 2016 година.

На 28 јуни, владината прес-служба навистина изјави дека ставот на Советот на министри вклучува реафирмација на воената поддршка на Софија за Киев, како и разбирање дека Украина не треба да биде принудена да отстапи територија за да постигне каков било мир со Русија.

Вршителот на должноста министер за одбрана Атанас Запријанов додаде дека официјалниот став не може да биде објавен бидејќи содржи и доверливи информации.

Главчев ги отфрли како „апсурдни“ наводите дека владата можеби ја турка Бугарија во војна. „Нема ништо во него што се разликува од позициите и резолуциите на Националното собрание“, додаде тој.

Радев долго време изразуваше скептицизам за помошта на НАТО на Украина и се обидуваше да ги блокира таквите напори, тврдејќи дека тоа само ќе поттикне поширок конфликт, наратив што го прифатија и други про-Кремљ фигури, вклучувајќи го и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Румен Радев и Виктор Орбан


Всушност, во мај, кога Софија беше домаќин на состанокот на Парламентарното собрание на НАТО, Радев, наместо тоа, отпатува во Будимпешта на разговори со Орбан, чија влада исто така работеше на блокирање на помошта за Украина.

Претстојниот самит во Вашингтон ќе се фокусира на три главни теми, според Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, меѓу кои, поддршката на напорите на Украина да се одбрани е „најитната“ точка на дневниот ред.

Со тоа што не присуствува, Радев ќе испрати „штетна“ порака до партнерите на Бугарија во НАТО, рече Асен Агов, поранешен бугарски пратеник и поранешен заменик-претседател на Парламентарното собрание на НАТО.
„Тој ја дискредитира земјата, мислејќи дека добива поени во некој мировен процес што не постои“, изјави Агов за РСЕ.