Путин се согласи да му дозволи на Пригожин да замине во Белорусија

Евгениј Пригожин седи во воено возило и позира за селфи фотографија со локален цивил на улица во Ростов на Дон, Русија, 24 јуни 2023 година, пред да замине од штабот на Јужниот воен округ.

Кремљ потврди дека постигнал договор со Пригожин за ставање крај на бунтот. Пригожин ќе се пресели во Белорусија, а кривичното дело против него ќе биде отфрлено. Борците кои му се придружија нема да бидат кривично гонети, а тие кои не учествуваа на маршот ќе бидат под контрола на руската војска.

Рускиот претседател Владимир Путин се согласи да дозволи моќниот шеф на платениците на групата Вагнер, Евгениј Пригожин да се ослободи и да замине за Белорусија. Одлуката дојде по напнатите 24 часа, кои за лидерот на Кремљ преставуваа најголемата закана во неговото повеќе од дведецениско владеење и предизвика страв од можна крвава граѓанска војна.

Пригожин, чии војници беа најефикасни борци меѓу силите на Путин од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, се сврте кон руската војска и го предводеше она што беше наречено вооружено бунт, наредувајќи им на своите сили, за кои тврдеше дека се 25 илјади, да напредуваат кон Москва пред да го запре својот таканаречен „марш за правда“ на 24 јуни.

Кремљ подоцна потврди дека постигнал договор со Пригожин за ставање крај на бунтот, велејќи дека водачот на платениците ќе се пресели во Белорусија и дека кривичното дело против него ќе биде отфрлено. Рано на 25 јуни не се знае каде е Пригожин или дали заминал за Белорусија.

За возврат, борците на Вагнер кои му се придружија на Пригожин на неговиот марш нема да бидат кривично гонети, соопшти Кремљ. Како дел од договорот, борците на Вагнер кои не учествуваа на маршот сега ќе бидат под директна контрола на руската војска, потег на кој Пригожин жестоко се спротивстави додека ги водеше своите трупи во војната на Кремљ против Украина.

Видете и ова: Пригожин им наредил на платениците на Вагнер да го прекинат движењето кон Москва


Белорускиот моќник Александер Лукашенко помогна да се посредува во договорот, соопшти Кремљ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин и Лукашенко ја гарантирале безбедноста на Пригожин.

Неколку часа подоцна, гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев на Телеграм изјави дека силите на Вагнер се повлекуваат од јужниот град Ростов на Дон во конвои, придружувани од тенкови и други возила и се упатиле кон нивните теренски кампови. Платеничките борци претходно ја презедоа контролата врз воената база во градот со 1,2 милиони жители во близина на границата со Украина.
Засега не е јасно каде ќе бидат сместени или колкумина учествуваа во маршот кон Москва. Тие претходно се бореле во Украина, но Пригожин најавил дека ги предаваат своите позиции на руската војска.

Путин вети дека ќе ги казни оние што стојат зад вооружениот бунт предводен од неговиот некогашен штитеник. Во телевизискиот говор до нацијата, Путин го нарече бунтот „предавство“.

Видете и ова: „Бунтот“ на Пригожин и предизвикот за Путин


Пригожин тврдеше дека неговите борци стигнале до 200 километри од главниот град без да пролеат крв, што е можно навестување до Кремљ за неговата поддршка во безбедносните државни структури.

„Ги вртиме нашите колони и се враќаме во камповите според нашиот план“, рече Пригожин во кратката аудио порака објавена на Телеграм на 24 јуни.

Државната новинска агенција РИА Новости на 25 јуни објави дека ситуацијата околу седиштето на јужниот воен округ на Русија во Ростов на Дон е мирна и дека уличниот сообраќај е обновен.
Агенцијата на апликацијата за пораки Телеграм, објави видео за кое се вели дека е снимено во градот. На него се гледа како општински работник чисти улица, а автомобилите се движеа по друга улица. Извештајот не може да биде независно потврден.

Државните медиуми соопштија дека ограничувањата на патиштата воведени за да се запре бунтот на Вагнер биле укинати во повеќето области до утрото на 25 јуни.

Сепак, ограничувањата на автопатот во регионите Тула и Москва останаа на сила, соопшти Федералната агенција за патишта на апликацијата за пораки Телеграм.

Иако се чини дека бунтот засега е завршен, сепак го остави авторитарниот руски лидер ослабен и ранлив, велат експертите.

„Фактот дека ова беше модерирано од Лукашенко ми изгледа како крајно непријатно“, напиша Сем Грин, експерт за Русија во Центарот за анализа на европската политика, на Твитер.

Членовите на Вагнер седат во своето возило на улица во Ростов на Дон, Русија, сабота, 24 јуни 2023 година, додека се подготвуваат да ја напуштат областа. округ

„Целата оваа епизода можеби го проби воздухот на неизбежноста што го држеше на висина во последните 23 години“.

Путин на 24 мај, откако Пригожин го најави бунтот, имаше вонредно обраќање до јавноста.

Во телевизиското обраќање рече дека ќе направи „сè за да ја заштити земјата“. Тој ги повика и лидерите на Белорусија, Казахстан, Узбекистан и Турција да ги информира за ситуацијата.

Вооружениот бунт, без преседан во постсоветска Русија, ги стави другите нации во готовност, при што американскиот претседател Џо Бајден контактираше со своите колеги во Франција, Германија и Велика Британија

Путин сега мора да се бори со последиците од бунтот додека Украина напредува со својата голема контраофанзива, клучен потфат што може да го обликува текот на конфликтот.

„Денес светот виде дека господарите на Русија не контролираат ништо. Воопшто ништо. Само целосен хаос“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање доцна на 24 јуни.