Рускиот претседател Владимир Путин освои рекордни 88 отсто гласови, покажаа првите прелиминарни резултати и излезните анкети, со што ја зацврсти неговата власт, иако илјадници противници организираа симболичен протест „Пладне против Путин“ на избирачките места.
Шефицата на Централната изборна комисија Ела Памфилова за руската државна телевизија изјави дека за Владимир Владимирович Путин се избројани 15.759.224 гласови - односно 87,97 отсто.
Излезноста беше 74,22 отсто, рече таа.
Со преброени 30 отсто од гласовите, комисијата на останатите кандидати им дава меѓу 3 и 4 отсто, но централно место на ова гласање ќе бидат гласовите од окупираните украински територии.
Во Луганск, во источна Украина, комисијата му додели на Путин 94,12 отсто од гласовите, во Херсон 88,12 отсто, а во Доњецк и Запорожје исто така му доделија повеќе од 90 отсто од гласовите.
Првиот резултат значи дека Путин, кој дојде на власт во 1999 година, се чини дека лесно ќе добие нов шестгодишен мандат со кој ќе го надмине Јосиф Сталин како лидер со најдолг стаж во Русија по повеќе од 200 години.
Путин освоил 87,97 отсто од гласовите, највисоки досега во постсоветската историја на Русија, според излезната анкета на ФОМ.
Рускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ) го стави Путин на 87 отсто. Првите официјални резултати покажаа дека анкетите биле точни, пишува Ројтерс.
Целта на Кремљ „е да натера што е можно повеќе луѓе да ја поддржат руската војна против Украина. Идејата е милиони руски граѓани ретроактивно да ја одобрат одлуката што самиот Путин ја донел пред две години“, изјави пред гласањето Максим Трудољубов, постар соработник во Кенан Институтот.
Немаше независно броење колку од 114-те милиони руски гласачи учествуваа во протестите на опозицијата, во услови на екстремно засилени безбедносни мерки во кои беа вклучени десетици илјади полицајци и безбедносни служби.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трет ден од претседателските избори со протести „Пладне против Путин“.
Илјадници луѓе излегоа на гласачките места низ Русија за да учествуваат на, како што рече руската опозиција, мирен, но симболичен политички протест против реизборот на претседателот Владимир Путин.
На протестот наречен „Пладне против Путин“, Русите кои се против Путин напладне излегоа на своите избирачки места за да гласаат за други кандидати или да го откажат својот глас.
Беа пријавени десетици апсења, додека гласањето се одвиваше под силно обезбедување.
Со гласањето на 17 март завршуваат тридневните претседателски избори на кои речиси и да немаше опозиција за актуелниот руски претседател.
Пред неговата смрт, најсилниот критичар на Кремљ и лидер на опозицијата Алексеј Навални повика на протести „Пладне против Путин“.
И покрај неговата смрт, оваа идеја се одржа, а протестот, кој е заобиколување на строгите закони на Русија за јавни собири, ги повика луѓето да се соберат на избирачките места во 12 часот.
На повикот одговорија гласачите низ целата земја. Видеата и сликите објавени на социјалните мрежи покажаа долги редови на гласачи кои се формираа напладне во Новосибирск, Чита, Екатеринбург, Перм и Москва и други градови.
Московското обвинителство напладне се закани дека ќе ги гони оние за кои сметаат дека го попречуваат изборниот процес.
Групата ОВД-Инфо, која ги следи политичките апсења во Русија, објави дека на 17 март биле уапсени повеќе од 65 лица во 14 градови низ земјата.
Дваесет лица во Казан, во регионот Татарстан, беа приведени, а подоцна ослободени, според Current Time. Жител на Уфа, наводно, бил приведен затоа што се обидел да ја внесе фотографијата на Навални во гласачка кутија, а во Москва гласач бил приведен откако се појавил на гласачко место облечен во маица со името Навални.
Некои активисти, наводно, биле поканети да ги посетат ограноците на Федералната служба за безбедност точно во 12 часот, време кога се очекуваше протестот.
Видете и ова: Бомба го попречи гласањето во рускиот конзулат во КишињевНадвор од Русија, руските граѓани учествуваа во кампањата „Пладне против Путин“, вклучително и во Подгорица, Белград, Токио, Истанбул и Пукет.
Во Молдавија гласањето во рускиот конзулат во Кишињев наводно било одложено по инцидентот во кој бил фрлен молотов коктел.
Руските изборни претставници велат дека до доцна попладне на 17 март, повеќе од 70 отсто од 114 милиони граѓани со право на глас гласале лично или преку Интернет.
Во текот на првите два дена од гласањето, некои го изразија гневот на авторитарното владеење на Путин со уништување на гласачките кутии со зелена антисептичка боја. Руски официјални лица и независни медиуми соопштија дека се пријавени 28 случаи.
Слични инциденти се забележани во најмалку девет градови, меѓу кои Санкт Петербург, Сочи и Волгоград.
Во Москва, полицијата уапси жена која на 15 март ѝ го запалила гласачкото ливче во гласачката кабина, објавија руските новински агенции, повикувајќи се на претставници на изборите во руската престолнина.
Ела Памфилова, шефот на изборната комисија, на 16 март изјави дека имало 20 случаи на обиди за уништување гласачки ливчиња со истурање течност во гласачките кутии и осум инциденти во кои луѓето се обиделе да ги уништат гласачките ливчиња со палење или употреба на димни бомби. Според извештаите на независните медиуми, до пладне на вториот ден од гласањето, полицијата отворила најмалку 15 кривични истраги за случаи на вандализам. Се очекува тој број да расте.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност, рече дека оние што протестираат против изборите се „негативци“ и „предавници“ кои им помагаат на непријателите на земјата, особено на Украина.
Видете и ова: Вандализирани избирачки места на изборите за претседател на РусијаГласање без неизвесност
Путин (71), кој е континуирано на функцијата претседател или премиер во последните речиси 25 години, се натпреваруваше со тројца помалку познати политичари: лидерот на Либерално-демократската партија Леонид Слуцки, заменик-претседателот на Државната дума Владислав. Даванков од партијата Нови луѓе и пратеникот на Државната дума Николај Харитонов од Комунистичката партија, чии политички позиции речиси не се разликуваат од Путиновите.
Минатиот месец, Централната изборна комисија на Русија ја отфрли кандидатурата на Борис Надеждин, 60-годишен политичар кој ја критикуваше руската агресија врз Украина.
Неговата кандидатура е одбиена поради, како што објаснуваат Комисијата, неважечки потписи за поддршка на неговата кандидатура. И покрај неговите жалби, Врховниот суд на Русија ја потврди одлуката на Изборната комисија.
Украинската и западната влада ја осудија Русија за одржувањето на гласањето во окупираните делови на Украина, нарекувајќи го нелегално.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги осуди напорите на Русија да „одржи претседателски избори во областите на Украина окупирани од Руската Федерација“.
Многу набљудувачи велат дека Путин ги одбрани дури и најслабите предизвикувачи за да обезбеди голема победа што може да ја наведе како доказ дека Русите ја поддржуваат војната во Украина и неговото раководење со неа. Во меѓувреме, Украина ги засили нападите врз Русија пред изборите, вклучително и напади длабоко во земјата.