За три недели, колку што Талат Џафери ја предводи техничката Влада, на терен, тој беше во посета на обиколница во Тетово, на градинка во Липково, на Универзитетот и студентскиот дом исто така во Тетово, места со доминантно албанско население. ....Денеска (20 февруари), пак, го посети кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза", најмладиот државен универзитет, на кој наставата се изведува главно на албански јазик.
Тој е првиот премиер Албанец на Северна Македонија. А неговата партија, Демократска унија за интеграција (ДУИ) не го криеше задоволството што Албанец стана премиер, па на денот на изборот на владата, функционерите на ДУИ носеа вратоврски на кои на албански беше испишано – Премиер Албанец.
Џафери вели дека нема предрасуди во однос на тоа што треба да посети и да претстави.
„Јас за себе немам никаква предрасуда по однос на ниту едно прашање што се однесува на животот и живеењето во оваа преубава држава што ја имаме“, рече Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, зошто откако е премиер е во посета само на места во кои живее доминантно албанско население.
Запрашан дали на пример би го посетил Универзитетот во Штип или во Виница, премиерот вели: „Никаков проблем нема да направам таква посета и ќе направам, доколку ректоратот и управата искажат интерес да бидеме таму“.
Тој додава дека е премиер на сите граѓани, а кој како го перципира тоа е индивидуална работа, и како што вели, тој во тоа не се меша.
Незири - сите министри се во кампања
Политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири вели дека не само Џафери, туку и министрите 100 дена пред избори не мислат на ништо друго, туку само на тоа да мобилизираат што е можно повеќе гласачи.
„Очекувано беше дека Џафери на тој начин ќе настапи, дека ќе ги таргетира не само регионите каде што живеат етнички Албанци, туку претежно регионите од кадешто може да земе гласови. Тој сепак не е некој што не е член на ниту една политичка партија, тој е член и беше пратеник на ДУИ и како таков во предизборието води сметка и за тој ПР аспект на партијата“, вели Незири.
Џафери - Извршувам дневни обврски, не сум во кампања
Означувајќи го стартот на изградбата на обиколницата Џафери на 13 февруари порача дека инвестирањето во патната инфраструктура е приоритет на Владата. Тогаш се уште не беа распишани избори, па премиерот одговарајќи на новинарски прашања рече дека неговите активности не може да се поврзат со предизборна кампања.
„Вие може да си толкувате како сакате, јас си ги извршувам моите дневни обврски. Една од обврските на Владата е да организира избори, но не е единствена“, рече Џафери.
Ден подоцна, на 14 февруари, Собранието ги распиша претседателските и парламентарните избори.
Откако се распишаа избори, Џафери на 15 февруари направи увид во нова градинка во Липково и во Домот на културата во кумановско Матејче. Додека беше во Липково ѕирна и како е направен еден локален пат, а го посети и основното училиште во Лојане.
Премиерот не гледа ништо лошо во овие активности и додава дека законот не му забранува.
„Законот забранува само 20 дена од отпочнување на официјалната кампања за избори“, рече Џафери, додека беше во Липково, а неговите одговори беа проследени со аплауз од присутните.
Во обиколките на терен друштво му прават сопартијците
Во Липково, друштво му правеше сопартиецот, вицепремиерот Артан Груби, при посетата на универзитетот во Тетово, беше придружуван исто така од сопартиец, министерот за образование Јетон Шакири, а за обиколницата, пак, делегацијата беше побројна, меѓу нив исто така имаше министри и функционери од ДУИ. Шакири го придружуваше и при посетата на Универзитетот Мајка Тереза.
Прашањата за ДУИ ги препраќа во Речица
За прашањата поврзани со ДУИ, премиерот не одговара, туку ги препраќа на друга адреса.
„За тоа ќе си одите во Речица и ќе седнете со лидерот (Ахмети), јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не ДУИ“, рече Џафери. Но за тоа дали го поддржува лидерот на ДУИ, Али Ахмети за кандидат за претседател на Северна Македонија, Џафери вели дека „Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција“.
„И мислам дека нема да прифати да биде, нема потреба тој да покаже кој е и колку е после 50 години свој придонес во оваа и за оваа држава и за граѓаните на оваа држава. Негова мисија е Европска унија и работи на таа мисија, не мислам дека му е приоритет натпреварувањето... Да сакал функција можел да ја има која било функција во овие две години“, рече Џафери.
Видете и ова: Талат Џафери очекува професионална техничка влада за фер избориПартиите се уште калкулираат со имињата на кандидатите за претседателските избори кои треба да се одржат на 24 април и на 8 мај. Засега сигурен е само Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, кој ќе ги претставува партиите од албанскиот опозициски блок.
На 8 мај ќе се одржат и парламентарни избори, па функционерите се растрчани да им се доближат на гласачите.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кого во техничката влада го предложи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се занимава со пасошката криза. Пасошите, но тие за дијаспората во последните денови се во фокусот и на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Лидерот на СДСМ и доскорашен премиер Димитар Ковачевски, се среќава со пензионери, со студенти, отвора партиски штабови.
Претседателот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски учествува на партиски трибини низ градовите, или врши увид до кај се локалните проекти, онаму каде градоначалници се од неговата партија.
Аналитичарот Незири вели дека техничката влада станала и боиште на политичките партии, што, како што вели, не е својствено за извршна власт, која треба да извршува одлуки и да предлага закони, а не да биде арена за судири.
Техничката Влада - арена на партиски судири
Собранието на 28 јануари ја избра техничка влада, која ќе ја предводи земјата до избори закажани во мај. Основна задача на оваа влада, е да организира фер и демократски избори. Во неа освен партиите од власт, свои претставници, двајца министри и тројца заменици министри има и опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Без врзаните потписи од двете страни, пак, не може да се донесе никаков акт или да се проведе некоја политика.
Според Изборниот законик, од денот кога ќе се распишат избори не може да започне изградба на нови инфраструктурни објекти, освен ако за тоа не се обезбедени пари од претходно, забрането е вонредно исплаќање на плати, пензии, социјална помош, не може да се продава државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Премиерот и министрите во техничката влада имаат ограничување на надлежностите за носење одлуки. Техничкиот премиер може да носи одлуки за тековно функционирање на државата, но не може да носи големи одлуки.
Техничката влада, позната и како Пржинска е неколкугодишна практика во земјава и произлезе од Пржинскиот договор во 2016-та, кога со посредство на меѓународната заедница се донесе договор за излез од тогашната политичка криза, поттикната од аферата со масовното прислушување.