Кој е одговорен за смртта на најмалку 16 луѓе и 30-тина повредени во сообраќајната несреќа во Ласкарци пред речиси пет години, само возачот на автобусот или и сопственикот на Дурмо Турс и надлежните во компанијата кои дозволиле неисправен автобус да сообраќа на трасата Скопје – Гостивар. Возачот не закочил, или кочниците не работеле ?
Одговорите на овие прашања денеска со нетрпение чека да ги слушне Синиша Ристовски, брат на 38 годишниот Дејан кој загина на 13 февруари 2019 во една од најголемите сообраќајни несреќи во земјава. Дејан беше само еден од 16-те жртви кои загинаа тоа попладне откако возачот на автобусот загуби контрола над возилото патувајќи по блискиот автопат.
Дејан зад себе остави две малолетни ќерки, Бисера и Петра, на кои вистината и правдата нема да им го врати таткото. Во овие пет години откако загина Дарко, за неговите ќерки се грижи неговиот постар брат Синиша.
„Секојдневно го бараа, секојдневно солзи ронеа, секој ден тагуваа по него, таа голгота не би ја посакал на нити еден човек во државата. Со семејството се грижиме и за нив, тие ми се како ќерки, покрај моите деца, се грижиме да ги извадиме на прав пат и со божја помош да им ја обликуваме иднината во позитивна насока“, вели Синиша Ристовски.
Школскиот другар на Ристовски, Митко Аврамовски чиј 19 годишен син загина во таа автобуска несреќа не го дочека исходот од долгиот судски процес. Почина во 2021 година, од срцев удар на 55 годишна возраст.
„Ова беше еден тежок и мачен маратонски судски процес со 150 рочишта, емотивно и здравствено исцрпувачки, непотребно оддолговлекуван, со што се предизвикуваа дополнителни тензии и немили настани на голем број од судските рочишта. Во меѓувреме некои од оштетените, како нашиот школски другар Митко кој го загуби својот син единец, не можеше да ја издржи болката од загубата и почина. Верувајте оваа голгота низ која поминавме, е дел од исчекувањето кога ќе се донесе оваа пресуда,“, објаснува Ристовски.
Видете и ова: Роднините на загинатите огорчени, вештачењето уште трае, а „Дурмо турс“ си возиРоднините на загинатите кои се приклучија кон обвинението очекуваат најстрога казна за обвинетите, но за сите обвинети според стореното.
Обвинителството побара најстрога казна
Најстрога казна за сите обвинети во случајот „Ласкарци“ побара јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршните зборови во Основниот кривичен суд во Скопје.
Според Кривичниот законик и делото за кое се товарат обвинетите, казната затвор е најмалку четири години.
Обвинети се возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Маноил Трифуновски, сопственикот на фирмата „Дурмо Турс “ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари, како и вработените во техничкиот центар на истоимената фирма, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, затоа што, според обвинението, знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, но сепак, го пуштиле да го помине техничкиот преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.
Видете и ова: Ненаучената лекција од сообраќајната несреќа кај Ласкарци
Според Јакимовски, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
„Ако се анализира одбраната на првите петмина осомничени, се добива впечаток дека сè зависело од шестообвинетиот – возачот на автобусот. Ако, пак, се проучи одбраната на шестообвинетиот, се покажа како во автобусот воопшто да немало возач“, рече обвинителот.
Според обвинението последните технички прегледи автобусот на „Дурмо турс“ ги минал во станица која е во сопственост токму на газдата на „Дурмо турс“. Во вештачењето на Обвинителството се нотираат и нефункционалност на АБС-системот, голема разлика во коефициентот на сопирање меѓу левата и десна погонска оска, неправилности при техничкиот преглед.
Вештачењата „заглавија“ на кочниците
Според Обвинителството, кочниците немале удел за почетокот на несреќата. Но, имале удел во нејзиниот развој и во последиците – 16 мртви и 37 повредени. Тоа е и основата за одговорноста на сите останати покрај возачот.
Супервештаците, пак имаа поинаков заклучок. Според нив, иако системот за сопирање имал недостатоци, тоа не е важно штом возачот не кочел.
Во фокусот на експертскиот судир на вештаците е прашењето дали возачот не закочил доволно или пак успорувањето што го покажува инструментот за снимање на брзината е само отпор од патот, моторот, трансмисијата, отпорот на тркалање, но не и на обид за кочење.
Супервештачењето се чекаше цела година
Последна во низата причини за одолговлекување на судската постапка беше целогодишното исчекување на извештајот од супервештачењето. Поради двете спротивставени вештачења во процесот изнесени од Обвинителството и одбраната, Кривичниот суд побара од Бирото за вештачење и трето „супер вештачење“ уште во ноември, 2021 година, а дури кон крајот крајот на декември 2022, супервештачењето конечно пристигна во судот откако претходно беа испратени десетина ургенции.
Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, на само 6 месеци по несреќата, но предметот со години остана заглавен во формални процедури во судот.
За роднините, загинатите не се жртви на несреќата туку на неодговорноста на системот
Загинатите во оваа собраќајна несреќа се жртви на неправедниот систем, велат нивните роднини. Дел од нив се сомневаат дека пролонгирањето кое настана со супер вештачењето е со цел - заштита на обвинетите. За нив, настраданите не се жртви ниту на несреќата, ниту на судбината, туку на неодговорноста и немањето контрола.
„Сомневањата се во сите насоки, со само тоа што траеше повеќе од 4 и пол години, за три недели се навршуваат пет години,ни дава сомнеж дека во прашање се притисоци, политички влијанија, или не дај боже некои други влијанија. Ние се надеваме дека во овој случај судот ќе се надмине себе си и дека еднаш за секогаш правдата ќе победи во Македонија“, вели Ристевски.
Во меѓувреме, бранителите на првообвинетиот во случајот „Ласкарци“, во завршните зборови наведоа дека во постапката не се докажало ниту едно дејствие за кое е обвинет сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, во чиј автобус при незгодата загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени. На ист став беше и одбраната на другите обвинети кои уште од почетокот на судењето тврдеа дека не чувствуваат вина.
Но, по завршните зборови на обвинителството и одбраната, за малку се избегна повторно враќање отпочеток на целиот судски процес поради унапредување на судијка.
За малку одбегнато повторно почнување од почеток на судскиот процес
За да нема повторно пролонгирање на судскиот процес новоизбраната судијка во Апелациониот суд во Скопје Александра Ристеска времено беше упатена во Основниот кривичен суд до објавувањето на пресудата за случајот „Ласкарци“. Ваква одлука донесе Судскиот совет на итна седница на 18 јануари, затоа што Ристеска е член на судечкиот совет во предметот „Ласкарци“.
Ристовски вели дека му останува само надежта, дека правдата и вистината ќе бидат задоволени, иако вистината нема да му ги врати најблиските, но ќе даде надеж дека во иднина нема да се случуваат вакви трагедии.