Иљириана Бајрами е непознато име во македонската медиумска сцена. Но, поседува компанија „Инфините солутионс 2023“ која е сопственик на 10 портали (колку што успеа да открие РСЕ) со информативна содржина, доминантно на албански јазик, што ја прави своевиден невидлив „медиумски магнат“ во интернет просторот.
На 8 ноември 2023 година, партијата Демократско движење, која е дел од опозициската албанска „Коалиција за европски промени“, ги посочи двата портали под капата на „Инфините солутионс 2023“ – desk.mk и redakcija.mk на македонски јазик, но, и порталот indeks.mk, кој објавува содржини на албански јазик, како пропагандистички гласила на ДУИ против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Видете и ова: Мадиќ за пристисоците врз судиите: Нема да коментирам бидејќи тоа е мешање на извршната во судската властПроверките покажуваат дека indeks.mk е портал во сопственост на „Друштво за новинарство, издавачка дејност и услуги ИНДЕКС ОНЛИНЕ ДОО увоз-извоз Скопје“. Компанијата е во сопственост на генералниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами и Фатон Шоши. Бајрами се појавува и како управител на фирмата регистрирана во мај 2021 година. Тоа го потврдува и мејл адресата (indeks.mk@gmail.com) оставена при регистрација на сајтот во МАРНЕТ – мрежа на регистрирани македонски домени, која е истата наведена и на Фејсбук страницата на порталот.
Другите два портали desk.mk и redakcija.mk се во сопственост на „Инфините солутионс 2023“. Сопственик и управител на компанијата е 32 годишната Иљириана Бајрами од Ваксинце, Куманово.
Според увидот на РСЕ во регистарскиот историјат во Централен регистар на 17 ноември (петок), компанијата е регистрирана пред осум месеци, на крајот на март 2023 година. Главнината на фирмата е во вредност од 308.000 денари непаричен влог во кој влегува канцелариска опрема, за кој процена извршил и ангажиран овластен проценител од Куманово.
Порталот „Призма“ викендов објави дека сопственичката на „Инфините солутионс 2023“, Иљириана Бајрами е сопруга на Кујтим Бајрами, кој е шеф на кабинетот на директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами. Акционерското друштво речиси три недели е предмет на истрага на Финансиската полиција за договорот за закуп кој го склучи со компанијата „Хеј ДООЕЛ“ во вредност од 2,6 милиони евра, по сториите објавени на РСЕ.
РСЕ телефонски го побара Кјутим Бајрами, но, не одговараше на нашите повици. Никој не одговараше ниту на телефонскиот број на оставен при регистрација на домените на сајтовите од компанијата „Инфините солутионс 2023“ на Марнет.
Видете и ова: Освен во Државна лотарија, Финансиска полиција влезе и во фирмата „Хеј ДООЕЛ“Позитивен наратив за ДУИ, негативен за неистомисленици
Порталите desk.mk и redakcija.mk влегуваат во мрежата на други осум портали или вкупно 10, кои РСЕ откри дека се во сопственост на „Инфините солутионс 2023“. Проверката на сајтовите на МАРНЕТ потврди дека сите сајтови се регистрирани на име на компанијата, а како контакт е заведена Иљириана Бајрами.
„Скандал во правосудството: Беса Адеми е новата Катица Јанева!“ гласи насловот и текстот кој буквално идентично се појавува на три онлајн медиуми – debat.mk, revista.mk и politiko.mk. Текстот во кој е наведено дека е преземен од други портали, пишува дека довербата во правосудниот систем е на рекордно ниско ниво, вперувајќи го прстот кон првиот човек на Врховниот суд.
„Најодговорни за ваквата состојба се првите луѓе на правдата и на врвот на таа пирамида е претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, чија должност е да се грижи за спроведувањето на правдата и да ги коригира судовите во нејзина надлежност со креирање мислења и принципиелни ставови за одредени прашања“, пишува во текстот објавен на трите портали.
Медиумската хајка против судијката Адеми е дел од атмосферата што се создаде по иницијативата до највисокиот суд за оживување на аболициите на експретседателот, Ѓорге Иванов, со кои сериозно би се олеснило враќањето на Никола Груевски, објави порталот Призма во своето истражување.
„Како да станеш милионер од позиција на претседател на Врховен суд: Катица Јанева со подарени троседи, а Беса Адеми со станови и фирми“. Овој текст е пренесен на два сајтови на македонски јазик – desk.mk и redakcija.mk.
„Колешката на Беса Адеми, Катица Јанева се прослави со луксузниот тросед кој го доби како подарок за завршени политички нарачки. Афера за подарен тросед сѐ уште не може се врзе со Адеми, но затоа нејзиниот „мерак“ по недвижнини е сличен со меракот на Катица Јанева која исто така ги игнорираше медиумските написи за несразмерно богатење, па дури и се фалеше дека дополнително ќе се збогатела за време на нејзиниот мандат“, пишува во текстовите.
Освен за претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, на албанските сајтови се забележуваат исти текстови насочени против здружената албанска опозиција – БЕСА, Демократско движење и Алтернатива.
За разлика од нив, речиси секој втор или трет текст на сајтовите под капа на „Инфините солутионс 2023“ има позитивен наратив кон владејачката ДУИ – за лидерот Али Ахмети, вицепремиерот Артан Груби или министрите во Владата.
Освен сопственоста, овие 10 портали ги обединува и друга заедничка нишка – анонимноста. Проверката на сајтовите покажа дека ниту еден од нив нема импресум – име и презиме на главен уредник, составот на редакцијата од новинари, податоци за контакт или пак сопственост на медиумот. Содржините кои се објавуваат на порталите немаат автор.
Совет на честа при ЗНМ: Ваквиот начин на информирање е загрижувачки
Основната задача на Советот на честа во рамки на ЗНМ како саморегулаторно тело е да се грижи и да ги промовира етичките принципи, критериуми и стандарди на професионалното новинарство наведени во Кодексот на новинарите на Македонија.
Советот на честа постапува по пријава и ги разгледува написите објавени во порталите, вели претседателот на телото, Саше Димоски.
„Некој се обидува да се сокрие позади портали за што нашите првични истражувања покажуваат дека не станува збор за новинари кои го пишуваат ова, а уште помалку дека ова се членови на ЗНМ. Затоа ние покрај сите прекршувања на Кодексот кој ги гледаме во овие текстови, сериозно ќе испитуваме дали во овие портали во кои нема импресум ниту податоци за лицата што работат, има евентуални членови на ЗНМ за да можеме да покренеме постапки за нивни исклучување од членство во здружението, што меѓу другото е и основна работа на Советот на честа кој ја следи примената на Кодексот во новинарските текстови“, вели Саше Димоски, претседател на Советот на честа при ЗНМ.
Голем број на медиумски написи досега открија дека не е непозната праксата да се отвораат портали во предизборен период, кои служат за партиска пропаганда на политички партии или оцрнување на опонентите.
Видете и ова: „Репортери без граници“ - Со дезинфомации и непрофесионализам до недоверба во медиумитеВо последниот извештај на Државниот завод за ревизија за изборните кампањи на партиите од 2021 година, ревизорите бараат да се доуреди Изборниот законик и дефинирање на институција за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми (интернет портали). ДЗР ја посочува и потребата за прецизирање на условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат порталите за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во ДИК. Но, и јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските пари за платено политичко рекламирање на интернет порталите.