Полициски час и отстранување клупи од дворовите - „новото нормално“ во Туркменистан

илустрација

Жителите на провинцијата Балкан во западен Туркменистан можат да бидат уапсени доколку ги напуштат своите домови по девет часот навечер, откако полицијата воведе неофицијален ноќен полициски час на почетокот на февруари.

Како што пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ), државните службеници од таа крајбрежна покраина може да останат без работа доколку ги прекршат новите правила.

Тоа е најновото ограничување во Туркменистан, авторитарна централноазиска држава каде владата сериозно ги ограничи индивидуалните права и слободи.

Покраинската влада на провинцијата Балкан не ги наведе причините за мерката. Сепак, полицаец во крајбрежниот град Туркменбаши за РСЕ изјави дека со овој потег сакаат да го зачуваат „мирот и тишината“, за да им овозможат на луѓето „мирно да се одмораат ноќе“.

Државните власти рекоа дека добиле летоци од провинциската полиција со кои ги предупредуваат, без разлика дали имаат причина, „да не шетаат по улиците навечер“.

Друг полицаец во Туркменбаши, кој исто така зборуваше за РСЕ под услов да остане анонимен, рече дека мерката е одговор на наводните исчезнувања на жени во земјата во последниве години.

„Имаше многу случаи девојчињата да ги напуштат домовите, да одат во ноќни клубови и да не се враќаат дома“, вели полицаецот.

Во последните две години во земјава имало 54 нерасчистени случаи на исчезнати млади лица.

Полицискиот службеник не наведе детали, но рече дека наводните исчезнувања предизвикале загриженост кај Министерството за внатрешни работи и раководството на земјата.

Новите ограничувања доаѓаат откако провинциската влада на Балканот неодамна им нареди на сите средношколки да подлежат на задолжителни тестови за невиност за „да се процени нивната моралност“ и да се спречат тинејџерските бремености.

Списокот на девојчиња за кои се смета дека паднале на контроверзниот тест ќе биде проследен до полицијата и безбедносните служби, соопштија локалните власти.

„Нема клупи - нема дружење“

Старите, дрвени клупи во дворовите на многу станбени згради од советската ера во туркменската престолнина, веќе долго време се места за состаноци, каде што соседите се собираат за да разговараат или да излезат на свеж воздух.

Но, властите во Ашгабат ги отстрануваат клупите, лишувајќи ги локалните жители од едно од најпопуларните места за дружење.

Жителите од неколку населби на Ашгабат за РСЕ изјавија дека општинските работници неодамна почнале да ги демонтираат клупите од нивните дворови и да ги носат со камиони.

Видете и ова: Тест за невиност за проценка на „моралот“ на туркменистанските тинејџерки

Властите засега не понудија јавно објаснување за оваа мерка. Официјалните лица не одговорија ниту на прашањето на Радио Слободна Европа за коментар.

Но, општински работник, кој зборуваше за РСЕ под услов да остане анонимен, рече дека една од причините е да се спречат луѓето да се соберат во голем број.

„Дворовите на станбените згради се местата каде што обично се собираат соседите и разговараат меѓу себе. Добивме инструкции да ги отстраниме клупите, за луѓето да не седат и да создаваат гужва“, рече работникот.

Во 2020 година, властите започнаа слична кампања и ги отстранија клупите и масите од дворовите во станбените области низ градот.

Друг општински работник, кој исто така зборуваше под услов да остане анонимен, тврди дека овој потег имал за цел да го подобри изгледот на градот.

Во минатото, властите ги отстрануваа сателитските чинии и старите уреди за климатизација на надворешните делови на станбените згради и им наредија на жителите да не ги сушат алиштата на нивните балкони.

Одлуката за отстранување на клупите во дворот наиде на критики од жителите.

„Властите ја зголемуваат својата контрола врз луѓето и сакаат да ги спречат луѓето да се собираат, да се дружат“, рече жител кој зборуваше за РСЕ.

Видете и ова: Поранешен дописник на РСЕ од Туркменистан уапсен под непознати обвиненија

Многу жители на Ашгабат, град со речиси 1 милион жители, живеат во станбени комплекси од советската ера, кои локално се познати како микро-реони.

Туркменската влада во изминатите две децении инвестираше милиони долари од своите приходи од гас за изградба на јавни и комерцијални згради, споменици и станбени комплекси обложени со мермер. Но, новите луксузни станбени блокови се главно населени од високи функционери и богати луѓе и се надвор од дофатот на повеќето обични Туркменистанци, кои пак за разлика од нив, се борат со неконтролираната сиромаштија и невработеност.

Авторитарната влада во Ашгабат не толерира несогласување и е претпазлива од големи собири на луѓе.

На 27 јануари, група луѓе чекаа во ред пред аптека во Ашгабат кога полицајците уапсија човек кој наводно им се жалел на другите за растечките економски проблеми во Туркменистан, според очевидци.

„Човекот, исто така, рече дека владата не се грижи за проблемите на луѓето“, рече сведок, кој зборуваше за РСЕ.

Сведокот додаде дека полицијата очигледно ја известил случаен минувач кој го слушнал разговорот надвор од аптеката.

„Повеќе правила“

Дописниците на Радио Слободна Европа од балканскиот регион на Туркменистан велат дека неофицијалниот ноќен полициски час е воведен бидејќи полицијата ги засилила „контролните мерки“ низ провинцијата во последните неколку недели.

„Ова вклучува приведување на оние што ќе бидат пронајдени пијани на улица. Некои од приведените ќе бидат испратени во установи за одвикнување од алкохол и дрога до три месеци“, изјави полицаец кој разговараше со РСЕ под услов да остане анонимен.

Во Туркменистан, една од најрепресивните земји во светот, граѓаните често насилно се испраќаат во центри за рехабилитација или се подложени на задолжително тестирање. Оние кои не ги почитуваат овие мерки и кои ја критикуваат владината политика може да бидат уапсени.

Во Туркменистан нема опозициски партии или независни медиуми, протестите се исклучително ретки, а многу критичари на владата се затворени или принудени да ја напуштат земјата.

Мехри, постара жителка на Туркменбаши, која сакаше да биде идентификувана само по нејзиното име, за РСЕ изјави дека властите работат на тоа да ги прикажат и направата сè порестриктивните мерки како „новото нормално“.

„Се чини дека се повеќе се наметнуваат правила за ограничување на слободата на движење на луѓето. Властите тоа го прават постепено, како да испитуваат како ќе реагираат луѓето. Ако нема протести, воведуваат нови ограничувања,“ рече Мехри.

Неофицијалниот вечерен полициски час во провинцијата Балкан најверојатно ќе претставува дополнителни предизвици за локалното население и посетителите во наредните месеци, бидејќи деновите ќе растат.

Балканскиот регион, а особено летувалиштето Аваза, е најпосакуваната дестинација за домашните туристи во летниот период. Градот е познат по своите ресторани, ноќни клубови и концертни сали. Многу локални жители одат и во градските џамии на вечерна молитва.