Полицајци им помагаат на приватното обезбедување на државната компанија за воздушна навигација М-Нав, по инцидентите од 4 јануари, потврдија од Министерството за внатрешни работи(МВР). Интервентна полиција и полицаец во цивилка, сега се дел од обезбедувањето на М-НАВ. Новиот тендер за обезбедување на М-НАВ е во рацете на компанијата 2СС од Кичево.
Потпис на склучениот договор ставиле поранешниот директор Фахрудин Хамиди и актуелниот Хасим Деари. Оваа компанија и на двата тендера до сега била единствен понудувач, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки.
М-НАВ е компанија во државна сопственост, која делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај. Таа спаѓа во објект од критична инфраструктура. Оттаму не откриваат детали за тендерот, посочувајќи дека тој е јавно објавен на Бирото за јавни набавки.
Од М-НАВ не одговорија на прашањето зошто како објект од големо инфрастуктурно значење за државата М-НАВ ги обезбедува приватна фирма, наместо свои вработени во компанијата или пак државно обезбедување.
„Ве известуваме дека дека сме во постапка на именување на нови членови на УО на М-НАВ АД Скопје“, се вели во кусиот одговор на маил од М-НАВ.
Видете и ова: Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директоритеПриватна фирма да обезбедува објекти од критична инфраструктура само по себе не е спорно, вели полковникот и професор Методи Хаџи Јанев. Но, додава дека ова отвара низа прашања и сомнежи за тоа како е доделен тендерот.
„Приватни фирми не можат туку така да добијат таков тендер, мора да имаат капацитет за да се квалификуваат. Второ, тие подложат на строги контроли, на пример, треба да покажат колку од тие лица имаат капацитет и каде завршиле антитерористички курсеви, каде завршиле курсеви за обезбедување на критична инфраструктура, затоа што не може кој било стражар, што е вработен во обезбедување да го ставите, а само што добил лиценца од Бирото за приватно обезбедување и вие да го ставите таму. Токму овие сегменти го прават порозен материјалот, “ вели Хаџи Јанев.
Според Хаџи Јанев во ваква консталација огромен е ризикот по безбедноста и треба да се преиспита одговорноста на тие кои што го потпишале тендерот, тие што утврдиле дека се исполнети критериуми за јавната набавка. Проблемот лежи во тоа што во земјава нема критериум за критична инфрастуктура, нема закон за тоа, нема критериум кои се минимум услови што треба да ги исполни една фирма за да обезбедува таков објект.
„Ова е сериозен проблем, ние си играме држава. Не е проблем приватна фирма да обезбедува, проблемот е на друго место, проблемот е во корумпираноста, проблемот е во партизацијата, проблемот е во девастација на 30 години во безбедносниот сектор, тука е проблемот. Се однесуваат арогантно кон тој систем и го нихилизираат и го управуваат луѓе кои блага врска немаат со безбедноста, тоа е главниот проблем “ вели Хаџи Јанев.
По објавувањето на овој текст пристигнаа и одговорите од кичевската фирма за обезбедување „2 СС “. Оттаму велат дека сите нивни вработени поседуваат лиценца за физичко обезбедување и дека тие положиле стручен испит во областа безбедност.
„Вработените и ангажирани лица во М-НАВ поседуваат и сертификати за обука „Security awarenes“ по спроведена обука која е составена од два модули и тоа за модул 1 „ Обука за свесност на обезбедување“ и модул 2 „Обезбедување на аеродромот и објекти вон аеродром“. На ваков начин лицата се во целост обучени за обезбедување на критична инфраструктура (аеродром)“, се вели во пишаниот одговор од кичевската фирма „2СС“ .
За упадот во М-НАВ обвинителството отвори истрага против осум лица осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај меѓу кои и за советникот на поранешниот директор, Беким Незири, кој е и поранешен министер од редовите на ДУИ.
Кичевската 2СС е прва фирма која го обезбедува М-НАВ
Кичевската компанија за обезбедување втора година по ред го добива тендерот од М-НАВ за истражни и безбедносни услуги во вредност од 57 илјади евра со важност од една година. За споредба исто толку пари чинело и обезбедувањето што го добиле на болницата во Гостивар „Ферид Мурад“.
Но, на Бирото за јавни набавки за тоа кога е случен договорот со М-НАВ има два различни датуми. Првиот е 29 ноември 2023 година, додека во самиот документ за склучениот договор е наведено еден месец подоцна односно 29 декември 2023 година. Дополнително јавниот оглас за нов понудувач е распишан на 11 декември, три дена пред истекот на важноста на претходниот договор, а краен рок за достава на понудите е 26 декември 2023 година. Склучениот договор на Бирото за јавни набавки е објавен на 15 јануари годинава.
Претходниот едногодишен договор за обезбедување компанијата 2СС Кичево во вредност од 57 илјади евра, истече на 14 декември 2023 година.
Полковникот Хаџи Јанев го отвара прашањето за кои делови од обезбедувањето на критична инфраструктура треба да се распише целосно јавен тендер.
„Бидејќи вие ако тоа го напишете, автоматски во спецификација треба дададете, за да бидете прецизни, некои работи кои се стратешко знаењ,е а на добри разузнавачи може да им бидат индикатори за слабост“, предупредува тој.
Според техничките спецификации во документите од склучениот договор објавен на Бирото за јавни набавки приватната компанија за обезбедување „2 СС Кичево“ е задолжена за обезбедување на објектите на М-НАВ во близина на Аеродромот Скопје.
Во нив е посочено дека М-НАВ има потреба од ангажирање на приватно обезбедување на објектот на Контрола на летање во близина на меѓународниот аеродром во Скопје што подразбира услуга од 24 часовно обезбедување на просториите.
„М-НАВ поседува сопствен мониторинг систем и економскиот оператор при давањето на услугата ќе треба да го користи видео мониторинг системот на М-НАВ“, е дел од техничката спецификација на тендерот.
Видете и ова: „Вандализмот“ во М-НАВ последен во низата скандали поврзани со ДУИДополнително од чуварите вработени во приватната фирма за обезбедување се бара да имаат завршено обука за „security awаreness“.
„Економскиот оператори треба да прави редовни обиколки, најмалку еднаш месечно, и да реагира по потреба и на надворешни локации каде што М-НАВ има свои уреди: Радарите во месноста Бањски Рид, во близина на Аеродромот во Скопје и еден во месноста Гореничка Чука во Охрид, навигациони уреди во близина на село Рженичани – Скопје, во близина на Охридски аеродром, Пониква – Кочани и комуникациски уред во близина на месноста Градиште – Свети Николе,“ е напишано во документот.
Според истиот документ понудата е доставена на 25 декември, а договорот е склучен на 29 декември.
Според податоците на Бирото за јавни набавки, оваа приватна фирма за обезбедување е првата компанија која испратила свои чувари во М-НАВ. Пред 2022 година нема објавено ниту еден тендер за обезбедување на имотот на М-НАВ. Извори од институцијата за Радио Слободна Европа велат дека пред пред приватното обезбедување, за безбедноста на имотот кој спаѓа во критична инфраструктура на државата се грижеле чувари вработени во М-НАВ, односно дека немало надворешно обезбедување.
Го обезбедуваат М-Нав, а обезбедувале и карневали, наплатни станици, Лотарија
Според завршната сметка од Централниот Регистар оваа фирма 2022 година ја завршила со приходи во вредност од 1,7 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од претходната година. Нејзината добивка изнесувала 230 илјади евра, додека година претходно во 2021 година таа изнесувала 187 илјади евра.
Фирмата 2СС Кичево, основана од Самир Билбиловски, на пазарот котира од 2005 тата година. Според податоците од Бирото за јавни набавки во изминативе три години склучила договори во вредност од над 4 милиони евра.
Само во текот на изминатава година, оваа компанија склучила договори за јавна набавка обезбедување во вредност од 1,7 милини евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Од најевтиниот договор со општина Прилеп за физичко обезбедување на карневал во вредност од 300 евра, до најскапиот договор склучен годинава со Агенција за електронски комуникации каде директор е Јетон Акику од ДУИ вреден 345 илјади евра. Втора на ранг листата на клиенти на кичевската 2СС е Државната Лотарија каде директор е Перпатим Бајрами, поранешен шеф на кабинет на вицепремиерот Артан Груби од ДУИ, со тендер „тежок“ 287 илјади евра.
Видете и ова: Секоја власт со нова служба за обезбедување, бизнис тежок десетици милиони евраНа листата на клиненти на кичевската 2 СС се и скопската болница 8-ми септември, како и Архелошкиот музеј, Музеј на РСМ, Здравствен дом Кичево, државната лотарија, ТИРЗ Кичево и Струга, Клиниката за гинекологија, Фонд за здравствено осигурување, Општина Центар за училишта и градинки, клиника за хематологија, општа болница Велес, скопската клиника за кардиологија, управа за заштита на културно наследство, агроберза, Општина Струга.
Еден од притворените осомничени за упадот во М-НАВ е и чуварот кој бил на смена при упадот, а е вработен во фирмата 2СС Кичево, покажа истражувањето на емисијата Код.
Осумина на 4 јануари упаднаа во оваа државна компанија и нападнаа вработен во неа поради неговата поддршка на Синдикатот на контролорите за летање. Судот одреди мерка домашен притвор за петмина од осомничените, а по тројца се уште се трага.