По мерка на кралот: Авторитарните лидери и нивните раскошни палати

Што е заедничко за резиденцијата Межихирија во Украина, палатата Огужан во Туркменистан и Претседателскиот комплекс на Турција? Сите беа изградени со огромни трошоци, со раскошни погодности и пространи терени - споменици на богатството и моќта на авторитарното владеење.

Еве еден поглед на некои од најголемите претседателски резиденции во светот, каде раскошот се среќава со политичката моќ.

УКРАИНА, Нови петривци: Резиденција межихирија

Межихирија беше резиденција на Виктор Јанукович за време на неговиот мандат како премиер и претседател на Украина се додека не побегна среде Мајданската револуција во 2014 година. Сега е „музеј на корупцијата“ и може да се пофали со музеј на автомобили, терен за голф, зоолошка градина, фонтани, хелиодром, па дури и црква - што го прикажува раскошниот начин на живот на поранешниот лидер.

ОБЕДИНЕТИ АРАПСКИ ЕМИРАТИ, Абу Даби: Каср Ал-Ватан

Каср Ал-Ватан, претседателската палата на Обединетите Арапски Емирати, беше завршена во 2017 година и беше отворена за јавноста во 2019 година. Изграден по цена од 490 милиони долари, оваа доминантна бела палата содржи историски артефакти и ракописи, а во неа се изложени и дипломатските подароци што ги добивале Обединетите Арапски Емирати

ТУРЦИЈА, Анкара: Претседателски комплекс

Претседателската палата во Анкара, позната и како Ак Сарај (Бела палата), беше завршена во 2014 година за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Изградена на поранешно шумско земјиште, може да се пофали со преку 1.100 соби и официјално чини околу 615 милиони долари, иако критичарите велат дека вистинската цена е многу повисока. Комплексот вклучува џамија со капацитет за околу 3.000 луѓе и најголемата библиотека во Турција, со збирка од повеќе од 4 милиони книги.

РУСИЈА, Геленџик: „Путиновата палата“

За овој палатен комплекс на брегот на Црното Море, во близина на Геленџик, се шпекулира дека е резиденција на Владимир Путин, а шпекулациите за неговото постоење датираат од 2010 година. Во 2021 година, сега покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални објави истражувачки документарец во кој тврди дека палатата е изградена за рускиот претседател по цена од околу 1,4 милијарди долари. Според истражувањето, комплексот има подземен хокеарски стадион, потоа театар, лозје и црква. Има и зона за забранети летови, а чамците што минуваат таму мора да го заобиколуваат местото од далеку. Путин ја негираше сопственоста, додека рускиот олигарх Аркадиј Ротенберг тврди дека палатата е негова.

РУСИЈА, Московски регион: Ново-Огариово

Ново-Огариово е државната резиденција на Владимир Путин лоцирана надвор од Москва. Првично изграден во 1950-тите, имотот беше подложен на големо реновирање под раководство на Путин по 2000 година. Според некои извештаи, неодамна во комплексот се додадени неколку нови делови, вклучително и рекреативен објект што припаѓа на руската Федерална служба за заштита (ФСО), хелиодроми, па дури и воздучни одбранбени системи. Може да има и тунел што води од објектот на ФСО до резиденцијата на Путин.

ТАЏИКИСТАН, Душанбе: Палата на нацијата

Палатата на нацијата, завршена во 2008 година, е официјална резиденција на таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон. За да се направи простор за палатата, контроверзно беа урнати синагога стара 100 години и други згради во соседството. Изградена за 300 милиони долари, палатата е опкружена со паркови, фонтани и други знаменитости, вклучувајќи ги споменикот на независноста и јарболот на знамето во Душанбе, кој се издига на 165 метри височина и некогаш бил највисок во светот.

ТУРКМЕНИСТАН, Ашгабат: Претседателска палата Огузан

Комплексот Огужан е официјална резиденција и работно место на туркменскиот претседател Сердар Бердимухамедов. Именуван по древниот туркменски племенски водач, тој е дом на претседателите на земјата од 1990-тите. Во 2011 година беше додадена нова палата и дополнителни објекти по цена од приближно 350 милиони долари. Пред палатата во моментов се гради државна прифатна куќа и плоштад за паради и други државни настани.