Тројно поголеми плати плус привилегии: Колку заработуваат пратениците на Балканот

Илустрација на чек за плата на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Илустрација на чек за плата на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.

Најголеми разлики меѓу пратеничката и просечната плата има во Албанија, каде платата на пратеник е пет пати повисока од просечната, додека најмали има во Србија. Во Северна Македонија разликите на пратеничките плати се околу 2,5 пати повисоки од просечната и над четири пати повеќе од минималецот.

Додека граѓанин на Северна Македонија заработува просечна плата од 676 евра месечно, пратениците во Собранието, според измените на законот од почетокот на годинава, добиваат плата од 1.751 евра – што е речиси 2,5 пати повеќе. Но, како стоиме во споредба со регионот?

Пратениците во земјава заработуваат повеќе од своите колеги во Србија (989 евра) и Косово (1.571 евро), но помалку од оние во Албанија, каде платата на народните избраници достигнува 3.324 евра – што е речиси пет пати повеќе од просечната плата во државата која изнесува 636 евра, според податоците на Истражувачкиот центар на Собранието на Црна Гора чии пресметки се направени за декември 2024 година според нето плата.

Според податоците на Центарот и албанската амбасада во Црна Гора, во Албанија има најголема разлика помеѓу платите на граѓаните и пратениците, каде што просечната плата е најниска во регионот (636 евра), додека пратениците добиваат најмногу (3.324 евра).

Во Србија, пак, разликата е најмала – пратениците таму заработуваат нешто повеќе од 20 отсто над просекот на граѓаните. Српската пратеничка плата е 989 евра, додека просечната е 821 евро.

Инфографика - Платите на граѓаните и на пратениците од Западен Балкан

Инфографика - Платите на граѓаните и на пратениците од Западен Балкан

Платите во однос на минималната заработувачка

Во Северна Македонија, минималната плата е 367 евра, што значи дека еден пратеник добива околу четири и пол пати повеќе од граѓанин што работи за минималец и скоро два и пол пати повеќе од просечната плата.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара зголемување на платите и зголемување на минималната плата. Од ССМ велат дека бараат зголемување на минималната плата на 450 евра, со оглед дека според последните нивни пресметки Синдикалната минимална кошничка за една година се зголемила за околу 100 евра.

Од Владата вела дека ќе ги почитуваат одлуките што ќе бидат постигнати меѓу синдикатите и работодавачите кои, пак, велат дека треба да има зголемување на минималната плата на 500 евра, но во тој случај државата да ги покрие зголемените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување.

За споредба, во Црна Гора, каде минималната плата е највисока (450 евра), пратениците добиваат 1.856 евра – односно нешто повеќе од четири минимални плати и нешто повеќе од два пати повеќе од просечната плата која изнесува 877 евра.

Видете и ова: Функционерите си ги намалија коефициентите, но не и платите

Косово има најниски минимални плати во регионот, со минимална плата која варира од 130 до 170 евра. Просечната плата во Косово е околу 698 евра, додека платата на пратеник во Косово е 1.571 евра, што значи дека пратениците заработуваат повеќе од два пати повеќе од просечната плата на граѓаните.

Босна и Херцеговина има просечна плата од 707 евра и минимална плата од 316 евра, што е значително повисоко од Косово. Платата на пратеник во БиХ е 2.577 евра, што е околу три и пол пати повеќе од просечната плата во земјата.

Во Северна Македонија, барањата за зголемување на платите, вклучително и минималната, се засилија откако во 2023 година сите функционерски плати беа зголемени за 78 отсто, што значеше повеќе од 1.000 функционери да добиваат повисоки плати за околу 1.000 евра.

Ова покачување предизвика незадоволство кај работниците кои добиваа некакви покачувања, но значително помали од функционерите.

Примањата на пратениците

Пратениците во Собранието на Северна Македонија имаат загарантирани примања регулирани со Законот за пратениците и Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и избраните функционери.

Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и избраните функционери беше изменет во јануари 2025 година, со што коефициентите беа намалени, но и покрај тоа нивните плати се зголемија со растот на просечната плата. Наместо досегашниот опсег на коефициенти за функционерите од 1,91 до 3,92, сега новите се движат од 1,69 до 3,47.

Пратениците примаат основна плата и надоместоци. Основната плата на пратеник сега изнесува 1.751 евра, ако нема ниту ден работен стаж.

Во 2024 година, просекот на бруто исплатената просечна плата за првите 10 месеци изнесува 61.250 денари. Оваа сума се користи како основица за пресметка на платите на функционерите, при што највисоките коефициенти од (3,47) ги имаат претседателите на државата, владата и Собранието.

Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционерите

Кога овој коефициент ќе се примени на основицата, бруто платата изнесува 212.537 денари, но на оваа сума дополнително влијае работниот стаж. На пример, ако функционер има 20 години стаж, добива дополнителни 10 проценти на платата.

За пратениците, според последните законски измени коефициентот е 2,69. Помножен со просечната бруто плата се добива 164.762 денари бруто или 107.720 денари нето (1.751 евро). Оваа сума претставува основна плата за пратеник без стаж, додека координаторите на пратеничките групи, претседателите на комисиите и други избрани функционери имаат повисоки коефициенти и повисоки примања.

На пример, бруто платата на претседателот на Собранието Африм Гаши од 212.537 денари, со додаток од 10 проценти поради неговиот 20-годишен стаж (21.253 денари), изнесува 233.790 денари бруто, односно 152.450 денари нето (2.478 евра).

Дополнителни привилегии

Пратениците имаат право на бројни надоместоци, како патни трошоци. Тие добиваат по 20 проценти од малопродажната цена на горивото по километар. Добиваат и надомест за одвоен живот – 30 проценти од просечната плата во државата.

Потоа, имаат субвенции за закуп на стан: ако пратеникот живее во странство, добива право на сместување до 70 метри квадратни, или до 100 метри квадратни ако е со семејство.

Исто така, ако имаат патувања до изборната единица – пратениците што живеат надвор од земјата имаат право на шест службени посети годишно, со покриени трошоци.

Видете и ова: Владата ги објави министерските плати, највисоки имаат Мицкоски и Тошковски

Дополнително, пратениците добиваат и надоместоци за: Службени патувања (дневници и ноќевање); Погребни трошоци (износ од две последни плати); Трошоци за користење на приватен автомобил за службени цели, како и отпремнина при пензионирање од три просечни плати.

Ако се направи споредба со граѓанските плати, пратениците имаат значително повеќе загарантирани примања и привилегии.

Особено, сумите за патните трошоци предизвикуваат реакции во јавноста, со оглед дека низ годините наназад некои пратеници наплаќаат илјадници евра за патни трошоци.

Кога станува збор за платите, од 2024 година требаше да земат уште едно покачување со усогласувањето на растот на просечните плати, но беше изгласан закон да нема покачување поради реакциите во јавноста.