Со пораки и транспаренти - „за достоен живот“, „линеарно наместо проценутално покачување“, „протест за преживување и праведност“, пензионерите од повеќе градови ширум земјава денеска се собраа пред седиштето на Сојузот на пензионери во Скопје, од каде продолжија пред Министерството за труд и социјална политика, каде заеднички го изразија незадоволството од најавеното септемвриско покачување на пензиите за шест отсто.
Револтираните пензионери, организирани со автобуси од повеќе градови од внатрешноста како Прилеп, Штип, Струмица, Виница... побараа реакција од надлежните институции и итно покачување на пензиите.
„Каде одиме со овие пензии, ајде да им ги дадеме на оние во Владата па тие нека живеат со нив да ги видам. Младите си одат, економијата е ужасна, здравството исто така е за никаде. Тие си качија платите и сега ќе ни кажуваат статистики. Зошто не се појават, зошто не излезат овде со нас. Никој не е задоволен, ниту еден пензионер“, раскажува пензионерката Станка Ангелова од Скопје за Радио Слободна Европа.
Друга пензионерка од Велес за РСЕ вели дека има примања од 12. 800 денари, за кои вели не се доволни ниту за основните потреби.
„Земам пензија од 12.800 денари, сопругот ми е починат. Дали се живее со 12 800 да ја прашам претседателката Станка да одговори? И 3.500 денари е мало покачување на овие пензии, барем 5.000 денари. Едвај се движам, зарем не им е срам?“, прашува револтираната пензионерка на денешниот протест.
Денешниот протест на пензионери го одбележа и трагичен настан, откако на самиот протест пензионерите со едноминутен молк му одддао почит на пензионер од Неготино, кој загинал на автопатот за Скопје, додека бил на пат кон протестот.
Барања за оставки и најниска пензија еднаква со минималната плата
Линеарно покачување од 3 500 денари за сите и најниската пензија да биде 18.000 денари - побараа пензионерите од протестот пред Министерството за труд и социјална политика, од каде ја повикуваа да си поднесе оставка и ресорната министерка Јованка Тренчевска, но и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова, за која велат дека „им го свртела грбот“.
„Ние нема да се откажеме додека не ни ги исполнат нашите барања, нема да потклекнеме на притисоци. Ако тргнеме од 2018 година до март 2023 просечната просечната плата се покачила за 12.000 денари, минималната плата за 11 .00 денари, а нашата просечна пензија порасна за само 4900 денари. Бараме кога ќе се пресметува најниската пензија во предвид да се земат и минималната плата и трошоците за живот“, порача Верче Јанческа, пензионерка од Прилеп, од каде и започнаа протестите на пензионерите.
Видете и ова: Пензионерите бараат повисоки пензии и оставка од претседателката на СојузотБарањата на пензионерите пред Тренчевска
Пензионерите ги потпишаа барањата, а потоа и официјално ги доставија на министерката Тренчевска.
На средба со неа во Министерството за труд и социјала влегоа неколку претставници на Здруженијата на пензионери од неколку градови, кои по околу 2 часа разговори одлучиле да продолжат да дискутираат за барањата.
„Сите барања кои беа доставени до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани„, се наведува во соопштението од Министерството по средбата.
Инаку пред протестот ставот на Министерството беше дека линеарното зголемување на пензиите не е возможно, бидејќи такво усогласување нема ниту во пензиските системи на другите европски земји.
„Со новата методологија пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Во септември 2022 година - 6,8 отсто, во март 2023 година 8,4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година предвидува покачување од најмалку 6 отсто“, потенцираат од МТСП.
Во повеќе наврати потсетија и дека тие континуирано одржуваат средби со претставници на Сојузот на пензионерски здруженија, на кои велат се дискутира за зголемување на минималните пензии.
Сојузот не им подаде рака на оние што излегоа на улица
Сојузот на здруженијата на пензионери не им даде поддршка на своите членови на денешниот прв протест на пензионери во земјава .
Оттаму денеска и покрај апелите претседателката на Сојузот да се појави и да се соочи со револтираните пензионерите, тоа не се случи.
Пензионерите кои излегоа на протест порачаа дека доколку продолжи ваквото однесување на Сојузот тие повеќе нема да ја плаќаат чланарината од вкупно 180 денари месечно.
Од Сојузот пак, претходно излегоа со став против линеарното покачување на пензиите, со поддршка за Методологијата на Владата, за која тврдат дека веќе дава резултати.
Видете и ова: Пензионерите на протест - бараат поголеми пензииСепак, од Сојузот потоа излегоа и со ново соопштение во кое велат дека тие го поддржуваат барањето за покачување на минималната пензија и дека за тоа ќе бидат подготвени предлози.
„Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензија и затоа подготви Предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. СЗПМ смета дека Предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ“, се вели во соопштението.
Најавеното покачување пак на пензиите за шест отсто од септември значи дека оние кои се приматели на најниската земјоделска пензија ќе добијат покачување на пензиите од 588 денари, додека најголемо покачување од 1.620 денари, ќе добијат корисниците на воена пензија.
Според последните ажурирани податоци на ПИОМ пак во април годинава, вкупниот број на приматели на пензија во земјава изнесува 333.882.