Со партиски игри и калкулации за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК), Собранието ја завршува 2023. На околу четири месеци пред избори, пратениците треба да изберат кој ќе го пополни испразнетото место, што во февруари го испразни Кренар Лога, кој стана министер за правда, кога неговата партија Алијанса за Албанците реши да влезе во владејачката коалиција.
Местото и припаѓа на албанската опозиција, а таа излезе со поддршка за двајца различни кандидати.
Зад Абудуш Демири застана коалицијата Европски сојуз за промени, во кој се обединија Билал Касами (Беса), Изет Меџити (Демократско движење) и Африм Гаши (Алтернатива). Зулфи Адили, пак, доби поддршка од Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, кој пред да ја формира оваа партија, беше дел од Беса.
Идниот член на ДИК треба да се избере на пленарна седница со двотретинско мнозинство – 80 гласа „за“. Парламентот ќе заседава утре, во објавениот предлог-дневен ред за седницата не е ставена ваква точка, но неофицијално дел од пратениците со кои разговаравме не ја исклучуваат можноста претседателот Талат Џафери на почетокот на седницата да го дополни дневниот ред. Од неговиот кабинет, пак, нема информација кога планира да го стави изборот на гласање.
Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски вели дека комисијата може да функционира без еден член, но порачува дека нема потреба такво сценарио да се реализира. Тој не верува оти како држава ќе дозволиме такво нешто, но дециден е дека ако се случи - ќе фрли дамка врз целиот изборен процес.
„Во време кога се знае дека имаме и претседателски и парламентарни, кога се знаат датумите на изборите, кога пред ДИК претстојат големи обврски, никако не смее државата да си дозволи уште на самиот старт да има забелешки бидејќи изборниот процес не се следи само кога набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе допатува, туку целиот период - се следи како Собранието што и како реагирало, носењето на измените, имплементација. Сметам дека ќе биде крупна забелешката, но се надевам дека тој луксуз нема да си го дозволи нашата држава“, вели Новаковски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Новата ДИК се обврза да работи чесно и непартискиБеса очекува „опструкциите на Џафери да продолжат“
Од опозициските партии не може да предвидат дали и кога ќе се комплетира ДИК, но очекуваат партиските игри и маневри да продолжат.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, смета дека единствено тие и Алтернатива имаат право да поддржат кандидат, бидејќи се единствени кои учествувале на парламентарните избори во 2020 година, додека останатите партии се појавиле подоцна.
„Очекувањата се дека ќе продолжат опструкциите на претседателот на Собранието околу ова прашање, затоа што незаконски тој побара да достават свои предлози и партии кои не смеат согласно Изборниот законик. Тој не смееше да контактира со партии кои не учествувале на изборите. Тие две партии (Беса и Алтернатива), кои учествуваа на изборите, поддржува еден кандидат кој е од опозицијата“, вели Зендели за Радио Слободна Европа.
Партискиот лидер, Билал Касами најави и можни протести доколку не добијат член во ДИК, за што Зендели вели дека сериозно ја разгледуваат оваа опција и порачува дека нема „туку така да остават Џафери да го тера своето самоволие на незаконски начин и ќе ги преземат сите демократски средства за да се заштитат“.
Видете и ова: Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за техничка влада, но без медиумиХоџа: Имаме еднакви права да имаме член на ДИК
Додека од овој опозициски блок обвинуваат и дека партијата на Хоџа, која поддржа друг кандидат, само формално е опозиција, тој потенцира дека статусот на неговата партија во Собранието е опозиција. Со оглед дека Џафери проценил кои партии треба да бидат информирани за да се изјаснат кого ќе поддржат, Хоџа вели дека тие од правен аспект го исполниле своето и се изјасниле оти ценат дека Адили ги исполнува условите. Дали во ваква ситуација на поделеност, очекува некој да добие двотретинска поддршка не може да предвиди.
„Јас точно не ги знам парламентарните процедури, дека треба да се пополни тоа место – треба, дека имаме подеднакви права – имаме, и ние и другата политичка партија што предложила. Останува на крај од денот да се обезбедат потребните бројки за да може да се избере член“, вели Хоџа во разговор со РСЕ.
СДСМ не се изјаснува, ВМРО-ДПМНЕ размислува да ги повлече членовите
Клучни за обезбедување двотретинско мнозинство во парламентот за новиот член на ДИК ќе биде поддршката од македонскиот блок. Од СДСМ не се изјаснуваат кого би поддржале и посочуваат дека ќе треба да го разгледаат прашањето и ќе одлучат додека да дојде моментот за гласање.
Видете и ова: Прво избори, па закон да ги стопира партиските вработувања во администрацијатаОд ВМРО-ДПМНЕ, пак, размислуваат дали и тие би ги повлекле своите членови од ДИК доколку нема претставник на албанската опозиција. Ова сценарио вчера го спомена и партискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Јасно дефинираната опозиција, во условно кажано албанскиот блок гледаме дека не може на пристоен начин да номинира член во рамки на ДИК. И морам да признаам ако продолжат вака да се однесуваат, сè уште се консултирам со соработниците, но мислам дека нема што ни ВМРО-ДПМНЕ да бара во работата на ДИК“, изјави Мицкоски.
Од пратеничката група на ДУИ не одговорија на повиците на РСЕ кој е нивниот став за пополнување на Изборната комисија.
Кога во јануари 2021 се формираше актуелниот состав на ДИК, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ беа избрани – претседателот Александар Даштевски и Бобан Стојаноски. СДСМ, пак, застана зад Борис Кондарко, Радица Ристовска и Оливер Ристовски. Потпретседателката Дитмире Шеху, пак, беше предлог на ДУИ.
Во својот петгодишен мандат оваа комисија ги спроведе локалните избори во октомври 2021 година, а во 2024 ќе треба да ги спроведе претседателските и парламентарните избори. Според договорот постигнат на лидерската средба во Собранието на 4 декември, првиот круг претседателски избори ќе се одржат на 24 април, а во втор круг ќе се гласа на 8 мај, кога ќе се одржат и парламентарни избори.
Изборите ќе се распишаат крајот на февруари 2024 година, а еден месец претходно ќе се формира техничка влада на чело со Талат Џафери од ДУИ. Претседателското столче во Собранието, пак, ќе го заземе Јован Митрески од СДСМ.