Партиите денеска стартуваат со официјалната кампањата за парламентарните избори на 8 мај 2024 година, кои ќе бидат 11-ти по ред од прогласувањето на независноста на земјата во 1991 година.
Вкупно 17 партии во следните 20 дена пред гласачите ќе ги претставуваат своите идеологии, амбиции и аспирации, откако Државната изборна комисија (ДИК) ги прифати нивните листи со кандидати за пратеници во Собранието.
За прв пат кампањата за парламентарните избори ќе се одвива паралелно со кампањата за претседателските избори којашто започна на 4 април, а треба да заврши на 22 април со настапување на 48-часовниот молк. Со тоа, за време на молкот за претседателските избори, и натаму ќе се одвива кампањата за парламентарните.
Државната изборна комисија неодамна ваквата ситуација ја опиша како „уникатна и единствена досега“.
На овие парламентарни избори ќе учествуваат две политички партии повеќе за разлика од претходните избори во 2020 година кога настапија вкупно 15.
Видете и ова: Почнува кампањата за парламентарните избориПредизборни и постизборни коалиции
Во изборната трка големите партии традиционално влегуваат во предизборни коалиции со повеќе помали партии.
Коалицијата „Твоја Македонија“ ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во која се здружени вкупно 21 партија. На другата страна, нивниот политички противник СДСМ е на чело на „Коалицијата за Европска иднина“ во која се вклучени 14 партии.
Во албанскиот политички блок, ДУИ ја предводи коалицијата „Европски фронт“ составена од четири партии, додека Алијанса за Албанците е во коалицијата ВЛЕН составена од вкупно пет партии.
Пред секои избори се појавуваат нови мали партии, што според дел политички аналитичари е добро за демократијата, но посочуваат и на тоа дека неретко тоа се сателити партии на големите политики играчи кои сакаат да им наштетат на своите противници.
Сегашниот пропорционален изборен модел на Северна Македонија фаворизира постизборни коалиции, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски и според него оние мали партии кои предизборно влегуваат во коалиции со големите, тоа го прават бидејќи не можат да постигнат добар резултат на изборите.
„Предизборните коалиции се прават само од оние мали партии кои сметаат дека со сегашниот праг нема да постигнат ниту еден пратеник“, вели Арсовски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Трошановски - Партиите не се откажуваат од државни пари и коли за избориМалите партии и политичкиот пазар
Државната изборна комисија (ДИК) ги прифати пратеничките листи на коалицијата „Храбро за Македонија“ во која се здружија три помали партии предводени од ГРОМ.
Прифатени се и листите на партиите „Аваја – Доста е“; „Група избирачи Џула Челику“; „Движење Знам - За Наша Македонија“, „Единствена Македонија“; „Македонска Ера Трета/Македонски Независни Листи – Суверенисти“; „Политичка партија Демократи Скопје“; „Политичка партија Десна“; „Политичка партија Левица“; „Политичка партија Нова Алтернатива Скопје“; „Политичка партија Родина Македонија“; „Работничка партија“ и „Твоја Партија“.
Повеќето од овие партии се помали, а има и такви кои се новоформирани. Според политичкиот аналитичар Сефер Селими настапот на повеќе политички партии е добро за демократијата и граѓаните да имаат поширока понуда да избор, иако посочува дека според изборниот модел на земјата шансите за успех на малите партии се ограничени.
Според Селими, дел од малите партии искрено сакаат да ги претстават нивните заложби пред граѓаните, но за дел вели дека се од познатата игра на големите партии да им наштетат на своите противници. Има и такви кои се надеваат на пазар со поголемите.
„Нивната мотивација е да покажат некаква вредност на терен и со собраните гласови во иднина да можат да направат некакви зделки за настапување со поголемите коалиции. Тука пред се зборувам за претстојните локални избори во 2025, каде што некои од нив врз основа на сега освоените гласови ќе успеат да добијат некои барања од поголемите политички партии. “, вели Селими.
Видете и ова: Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваатСите сакаат дел од колачот
Арсовски вели дека мотивот на помалите партии понекогаш да ги раситнуваат гласовите на други партии, а понекогаш е прашање на добивање на работи кои не се поврзани со пратенички места.
„И помалите политички партии кои влегуваат во коалиција добиваат нешто од поделбата на колачот на власта“, вели Арсовски.
Политичките партии и коалиции на 17 април потпишаа Кодекс за фер и демократски избори и се обврзуваа дека ќе го почитуваат.
Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски изјави дека чинот претставува израз на волја на партитие да го зачуваат интегритетот на демократскиот процес. Кодексот не го потпишаа ГРОМ и Работничката партија.
„Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите“, рече Даштевски.
Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот и парламентарните избори се на 8 мај 2024 година.
Мониторинг на изборите како и досега ќе врши и Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ОБСЕ/ОДИХР од каде ќе има 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи. Досега акредитирани се и 36 набљудувачи од странски држави, а нивниот број се очекува да расте.